Достапни линкови

Нема веќе музеј на ВМРО и на жртвите од комунизмот


Музеј на македонската борба за државност и самостојност/ Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим
Музеј на македонската борба за државност и самостојност/ Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим

Музејот на македонската борба за државност и самостојност/ Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим, според Работната група на Министерството за култура, наскоро треба да биде преименуван во „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“. Предлогот ги возбуди духовите на политичките опоненти.

Работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ „Музеј на македонската борба за државност и самостојнос/Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим“ предлага досегашниот назив на оваа наша национална установа да се избрише и таа да се преименува во „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“.

Ова е генералниот заклучок од извештајот на Работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“ - „Музеј на ВМРО“ и „Музеј на жртвите од комунистичкиот режим“ што беше формирана на 13 март годинава врз основа на решение издадено од тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски.

Во извештајот стои и дека се констатирани низа неправилности и прекршувања на повеќе закони, и тоа: Закон за буџет и Закон за спороведување на буџет, Закон за музејска дејност, Закон за заштита на културното наследство, генералните принципи и стандарди на современата музеологија, како и упад во идентитетскиот корпус на македонскиот народ и идеолошка обоеност на музејот како целина и фаворизирање на партиски митови.

Во него ќе биде забележано и тоа дека Музејот инсистира на восочни фигури во поставката, што го вулгаризира и навредува професионализмот на музеологијата.

Едновремено, како што се вели, оваа јавна национална установа игнорирала неколку битни аспекти од современата музеологија: односот кон посетителите и грижата за музејските предмети. Тоа, според членовите на Работната група, го покажува (не само) необјаснивото инсистирање на насилни сцени, на мачни епизоди, не водејќи притоа сметка за хетерогеноста (според возраст) на публиката, а особено отвореноста на Музејот кон училишната популација и вклученоста на Музејот во годишните наставни планови.

Не е јасно зошто авторите на поставката односно експозицијата на истата инсистирале на создавање мрачна и тегобна атмосфера, на експлицитни детали на убиства и мачења, иако знаеле дека Музејот ќе биде вклучен во годишните наставни планови на основните и средните училишта во Македонија – пишува во Извештајот.

Паралелно со промената на називот на Музејот, а поаѓајќи од принципите на „опстојување на културните објекти“ и на „намалување на штети“, Работната група предлага и соодветна промена и на постојната музејска поставка во оние делови кои се спротивни на историските вистини и кои не ги претставуваат најзначајните моменти од македонската борба за државност и самостојност.

Во нивниот извештај се вели дека Министерството за култура треба да формира стручна комисија која ќе изработи Елаборат за постојана музејска поставка во новиот „Музеј на македонската борба за државност и самостојност“, согласно современи научни и музеолошки критериуми и согласно потребите на македонското општество изразени на јавните дебати. Според нив, треба да се воведе и критериум кој ќе овозможи во музејската поставка да преовладуваат оригинали, а да бидат акцентирани клучните моменти од македонската борба за државност и клучните моменти од македонската борба за осамостојување и меѓународно признавање.

Згора на ова, во Извештајот ќе биде констатирано и тоа дека има „индиции за можни финансиски неправилности при изградба на Музејот и откупот на музејските експонати“, заради што му се предлага на Министерството за култура ваквите сомнежи да ги искаже пред надлежните институции, односно пред Специјалното јавно обвинителство кое веќе води постапка во врска со Музејот, со цел истата да ја прошири на деловите како што се аспектите на изградбата на објектот и откупот на музејски материјал.

Набрзо по обелоденувањето на препораките од работната група, со реакција се јави опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие велат дека „составот на оваа група е тотално некомпетентен да оценува историска поставка“. Ова го појаснуваат со тоа што „споменатата група се состои од членови кои се археолози, конзерватори, етнолози, галеристи и само еден историчар со недоволни референци за оценување на историска поставка за 19 и 20 век“. Дека „заеднички именител на членовите на групата е дека, безмалку сите, биле активисти на шарената револуција“, а за разлика од нив, историската поставка во Музејот на македонската борба е создадена од четири еминентни универзитетски професори, историчари, специјалисти за 19 и 20 век. Според нив, истата поставка, по нејзиното конципирање е потврдена и од поголема група универзитетски професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Македонската академија на науките и уметностите и од Институтот за национална историја. Оваа историска поставка е резултат на 75-годишните проучувања на македонската историска наука, стои во нивното соопштение.

Од друга страна, на реакцијата следуваше реакција од владеачката СДСМ во која стои дека експерската група „констатирала искривување на историските вистини при формирањето на македонската држава“ и предлага „соодветна промена и на соодветната музејска поставка во оние делови кои се спротивни на историските вистини“.

Што има против ВМРО-ДПМНЕ во Музејот да бидат прикажани оригинали – документи за македонската историја, карти, фотографии, публикации и друго, наместо восочни фигури изработени во Украина кои не се дел од нашето историско и културно наследство – прашуваат во соопштението од СДСМ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG