„Самитот помина подобро отколку што сите очекуваа“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп на крајот од историскиот состанок со лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун, во Сингапур.
Двајцата лидери потпишаа документ, со кој е предвидено заедничко дејствување за денуклеаризација на Корејскиот полуостров. Набргу треба да има продолжување на преговорите.
Трамп изјави дека очекува денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров да започне многу бргу. Запрашан дали има намера да го покани Ким во Белата Куќа, Трамп одговори: апсолутно да.
Северно-корејскиот лидер Ким Џон Ун оцени дека по овој историски самит, минатото е оставено настрана и оти светот ќе види голема промена.
Двајцата претседатели најнапред имаа 40-тина минути тет а тет средба, а потоа се одржа и состанок на двете делегации на највисоко ниво. Главна тема на самитот беше денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров.
Делегациите на двете земји имаа и заеднички ручек во луксузниот хотел на островот Сентоса во Сингапур, каде што се одржуваше самитот.
Ова е прва средба меѓу претседатели на САД и на Северна Кореја.
Започна со срдечно ракување на двајцата претседатели и насмевки. Трамп веднаш порача: „Ќе имаме одлични релации, немам сомневање“.
„Не беше лесно да се дојде до тука, во минатото, практиките и предрасудите работеа против нас и имавме многу опструкции, но надминавме многу од нив и сега сме тука“, изјави северно-корејскиот лидер Ким Џонг Ун. Тој додаде дека многу луѓе ќе мислат дека ова се сцени од некој научно-фантастичен филм.