Достапни линкови

Гаши – Беса ќе стане прв избор на Албанците


Гаши - Соработката со ДУИ во Владата ќе биде тешка
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:44 0:00

Гаши - Соработката со ДУИ во Владата ќе биде тешка

Разочарани сме и ние и граѓаните од поделбата на Беса, но ако покажеме добри резултати со нашата работа во Владата, Беса ќе стане прв избор на Албанците, вели Африм Гаши, претседател на движењето Беса, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој вели дека соработката со ДУИ во Владата ќе биде тешка, а се надева и дека нивната партија во Собрание ќе расте.

Господине Гаши, каква ќе биде улогата на Беса во владината коалиција? Дали ќе дејствувате како коректор на власта, кога ќе прави грешки или ќе давате зелено светло за сите законски решенија на власта?

Треба да очекувате Беса да продолжи да зборува и да работи како што зборуваше и работеше претходните три-четири години. Ќе се залагаме за професионализација, високи морални вредности во општеството, за работа, еднаквост кон сите, да не се прави дискриминација по никаква основа. Министер во Влада на Република Македонија треба да биде министер на сите граѓани. Доверен ни е ресорот култура и ќе се залагаме нашиот министер и нашите луѓе таму да бидат инклузивни, да работат за доброто на сите граѓани.

Што се однесува до пратениците дали останувате на овие тројца или може да ви се приклучат и останатите двајца?

Ние би сакале нашата пратеничка група да расте. Ние сме отворени за сите пратеници кои мислат и веруваат во нашите принципи кои сме ги прокламирале јавно. Ако тие пратеници кои за еден момент помислија дека тоа не е најдобриот одговор, денеска ако мислат поинаку секако дека нашите врати се отворени?

Каква очекувате да биде вашата соработка со ДУИ во таа коалиција? Има ли тука простор за компромиси?

Ќе биде многу тешко. Веруваме дека ќе направат сè да нè опструираат. Сепак, ова е моја предрасуда, би сакал тоа да не е вистина, би сакал секој да ја работи својата работа. Ние водиме Министерство за култура, а сигурно ќе бидеме присутни и во другите министерства со пониски ешалони. Сакаме да го имплементираме тоа што го зборувавме, не би сакале да се судруваме со никого. Нашиот пристап кон ДУИ и кон СДСМ е во насока на тоа што ни престанува можноста да ги критикуваме, но ни е отворена многу голема можност да покажеме дека сме многу подобри од нив.

Дали сè уште мислите дека Беса од трета опција ќе стане прв избор на албанското гласачко тело? Затоа што се чини дека кај Албанците постои големи разочарување, особено откако се подели Беса.

Да секако, се согласувам со тоа. Сите се разочаравме и ние што бевме раководни лица на тој субјект најмногу се разочаравме. Не очекувавме таков комбиниран атак и однадвор и одвнатре, но тоа останува во историјата. Јас сум многу оптимист, затоа што за релативно брзо време успеавме да се соземеме, да останеме на нозе. На некој начин сум задоволен што тие што останаа верни на идејата, најдобрите луѓе во субјектот и структурата останаа кај нас и сум оптимист дека ако покажеме добри резултати со нашето учество во Владата, оптимист сум дека Беса ќе стане прв избор на Албанците.

Целото интервју со Африм Гаши од Беса може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG