Достапни линкови

Ваши коментари - Политиката ги труе луѓето


Средба на премиерот Зоран Заев и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.
Средба на премиерот Зоран Заев и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.

Фановите на РСЕ најмногу сакаат да коментираат за политички теми, како информациите за Грција, Законот за јазици, партиите, за музички и еколошки теми, не се расположени да го оставаат своето мислење.

Не може со сигурност да се тврди дали е така насекаде по светов, ама за кај нас – дефинитивно политиката ги труе луѓето и ги загадува душите човечки. Па по слободна проценка, околу 70 отсто од коментарите и репликите на ФБ страницата на РСЕ, особено оние по нашите информации во кои се зборува за Грција или за другите наши соседи, или за некоја домашна тема, како Законот за употреба на јазиците, на пример, или за некоја од двете најголеми партии во Македонија - не се за презентирање, зашто се пишувани со толку злоба и жолчност, со толку поделеност, примитивен јазик и лични навреди, пцости и меѓусебни на посетителите, и на политичките личности.

Затоа како освежување звучи постот, но е само еден, по информацијата на колегата Јолевски за концертот на Влатко Стефановски како за „океан од емоции“. „Цар Цар и само Цар“ одушевено коментира Златко Андонов на нашата ФБ страница.

И зборовите на професор Трајче Стафилов, вo нашето неделно интервју, дека почвата ни е интензивно загадена, воздухот исто така, дека околу нас има опасни отпади, храната ни е контаминирана, во реките има пестициди и често и тешки метали – дали од ова ви се крева косата на главата, почитувани? – предизвикале само три коменари! Еве еден: Стојан Ристовски вели дека можеби е поминато времето кога требало да се обелоденуваат ваквите податоци. „Не е само до еколошката свест на граѓаните... И државата треба да е бескомпромисна во тој поглед, екозаштитата да биде приоритет, казните до небеса...“

А по нашата „Тема на неделата“ со прашањето „Дали парите се доволни за среќа?“, Бурим Амети извикува: „Нееееее...“, а Миле Мики Куновски објавува линк за народната песна „Среќата со пари не се купува“ што во далечната 1985-та ја пееше дуетот Селимова – Желчески. Ако се потруди, човек може и да се насмее на некои коментари на нашата ФБ страница. По информацијата дека две анкети во Грција покажале дека над 70 отсто од Грците се против терминот Македонија во нашето име, Благојче Наков искоментирал: „И тоа ми било процент. Над 90 проценти од Македонците сакаат да одат на одмор во Грција“. Илија Најдов, пак, „повеќе сака хемија отколку антика“ по пишувањето на грчките новинари што го следеа министерот Коѕијас во Скопје дека „меѓу него и министерот Димитров постои хемија и волја за решение, но дека разликите остануваат“. Другите постови се крајно недолични и не ги објавуваме.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG