Достапни линкови

Забрзана динамика до финалната фаза на преговорите за името


Архивска фотографија: Средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во Скопје на 31.08 2017 година
Архивска фотографија: Средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во Скопје на 31.08 2017 година

Судејќи според динамиката на средби на високите европски функционери со македонскиот државен врв, а во пресрет на најавената посета на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, домашните аналитичари оценуваат дека преговорите за името влегуваат во финалната фаза.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во Скопје треба да пристигне во почетокот на март. Точниот датум сè уште не е утврден, но неговото доаѓање е извесно. Анализирајќи ја динамиката на посети и средби на високите европски дипломати со македонскиот државен врв, домашните експерти оценуваат дека влегуваме во финалната фаза од решавањето на долгогодишниот спор за името. Професор Митко Гаџовски вели дека зачестените посети на високите претставници на меѓународната заедница во земјава, но и билатералните средби со високи европски државници, се добар сигнал за големата поддршка што земјава ја има во процесот на преговори.

„Мислам дека сето ова што се случува во изминатиот период е добар сигнал и цврста порака што ја испраќаат меѓународните претставници за поддршката која ни ја даваат во целиот овој процес за решавање на спорот за името“, вели Гаџовски.

Истиот став го дели и Алберт Муслиу, извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи. Интензитетот на средбите, посетите на меѓународните претставници, но и подготовката на грчкото јавно мислење од страна на грчките политичари, влеваат оптимизам дека влегуваме во финалната фаза од процесот, вели Муслиу.

„Динамиката на средбите го потврдува оптимизмот којшто постоеше последниве три месеци како и и заложбата на двете страни многу посериозно да се зафатат со ова прашање и мислам дека реално влегуваме во финалната фаза на преговорите меѓу двете страни. Самите посети на високи функционери на ЕУ и средбите кои ги имаше нашата делегација со американските високи функционери укажува на тоа дека нивната поддршка и охрабрување во целиот процес не недостига“, изјави Муслиу.

Нацрт спогодбата која Грција веќе ја изработи, а Коѕијас најави дека ќе ја испрати во Скопје, според информациите во медиумите, го содржи грчкиот предлог за решение на името. Гаџовски очекува во неа да има одредени отстапки од првичните позиции на Грција. По преименувањето на аеродромот и автопатот, како гест на добра волја од македонска страна, Гаџовски очекува и грчката страна да покаже разбирање и да попушти од своите цврсти позиции.

„Секако дека некои работи ќе останат до самиот крај, но мислам дека ќе се случат и некои отстапки кои на двете страни на крајот од процесот би им изгледале како позитивни, односно би направиле ниту една од двете страни да не се чувствува како поразена во процесот“, изјави Гаџовски.

Муслиу потенцира дека грчката страна постепено ја подготвува својата јавност за можниот компромис во процесот.

„Не верувам дека на нашата страна ќе и се претстават некои чудни ставови од грчка страна. Двете страни добро го координираат процесот и го држат настрана од јавноста. Секако дека има преговори кои не се лесни, но самиот пристап и факт дека двете страни се заинтересирани да го доведат процесот до крај, укажува на тоа дека не недостига политичката волја, туку целиот процес се води подискретно поради подготовка на јавноста, затоа што знаеме дека и во грчката јавност има гласови кои не сакаат решението да го содржи зборот Македонија“, изјави Муслиу.

Вчера земјава ја посети претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, а во изминатиот период во Скопје беа и еврокомесарот Јоханес Хан и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Неодамна премиерот Зоран Заев се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел, која претходно телефонски разговараше со грчкиот премиер Алексис Ципрас, а во следните денови се очекува и посетата на министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG