„Бура од неодговорност збриша два живота – кој е одговорен за трагедијата на Кајмакчалан?“ – прашува денешниот Слободен печат откако двајцата планинари, Калина и Аександар, ги загубија животите во снегот и виулицата од грчката страна на планината Ниџе. Отвореното протестно писмо од семејствата Велевски и Миновски до Планинарскиот сојуз на Македонија прв го објави порталот Плусинфо, а интегрално го објавуваат и Независен и Вечер, во кое родителите на двете жртви обвинуваат дека турата била организирана непрофесионално и дека за трагедијата дознале од порталите и од социјалните мрежи.
Вечер излезе и со застрашувачки и загрижувачки наслов за една друга работа: „Толку е затруено што ни згради не се градат на тоа земјиште – Темпирана бомба лежи во дворот на ОХИС во Скопје, пестицидот линдан пронајден во крвта на 10-годишни девојчиња кои предвреме влегле во пубертет“. Весникот го пренесува разговорот со универзитетскиот професор по хемија, Трајче Стафилов, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат М за неговите истражувања за илјадниците тони токсичен отпад од пестицидот што го произведувала фабриката, затрупан со земја која исто така се загадила, а отровот преку испуканите бетонски резервоари се проширил и во подземните води. „За проблемот знаат сите што треба да знаат уште од 2007 година, но за решавање на проблемот не е направено ништо“, пренесува Вечер.
„Владата на Груевски од 2016 година па до лани, за Денот на дрвото потрошила речиси 18 милиони евра за садници, а преживеале само 21 отсто од садниците, а за палмите половина милион евра, а ниту една не преживеала“ – го пренесува Вечер соопштението на Владата по усвојувањето на информацијата на ’Македонски шуми‘.
Што се однесува до политичките теми, во медиумите доминираат оние за надворешно-политичките активности во врска со преговорите за името. Слободен печат и Вечер ја објавуваат изјавата на премиерот Заев дека „Има позитивно приближување за три од вкупно седум точки во преговорите за името со Грција“. Но освен ова, за Вечер „Преговорите веќе завршуваат. Зошто никој ништо не кажува пред јавноста“, реагира весникот по тројната средба Димитров – Коѕијас – Нимиц во Виена. По истиот настан, Независен излезе со ваков наслов: „Од Виена само фрази – заврши една, се подготвува друга рунда преговори“. Нова Македонија со мислења на познавачи на состојбите: „Коѕијас во улога на Нимиц во Виена – Има ли Македонија противотров“, реагирајќи на однесувањето на првиот грчки дипломат Коѕијас и на Атина кои почнаа да нудат свој пакет предлози. Слободен печат го пренесува пишувањето на весникот Иефимерида дека „Грција била ’вознемирена‘ од тајмингот на посетата на Заев на Анкара“ кој, според реакциите на Атина, „побрзал да побара јавна поддршка од Турција“.
Следниот наслов од Вечер, за реакциите во Солун, потсетува на некои наши довчерашни манири: „Грците до Бутарис: Предавнику, оди во Скопје да бидеш градоначалник“ извикувала група протестанти пред општинската зграда на Солун по неговите изјави дека аеродромот и автобуската станица во градот, коишто го носат името „Македонија“ би можело да се преименуваат.