Достапни линкови

Неделен печат – Антиквизацијата и странските инвестиции


Аеродромот Александар Велики во Скопје ќе се премиенува во Меѓународен аеродром Скопје
Аеродромот Александар Велики во Скопје ќе се премиенува во Меѓународен аеродром Скопје

Неделникот Фокус пишува дека ВМРО-ДПМНЕ се откажа од Путин, а почна да се откажува и од Александар, а Капитал го анализира приливот на странски инвестиции во земјава.

Фокус - ВМРО-ДПМНЕ се откажа од Путин, а почна да се откажува и од Александар!

Воведната колумна За нештата да станат појасни во најновиот Фокус има интригирачки наслов: „ВМРО-ДПМНЕ се откажа од Путин, а почна да се откажува и од Александар!“ Откако во ставот на потпретседателот на партијата, Николовски, дека во имињата на скопскиот аеродром и автопатот немало ништо „иредентистичко“, барајќи од премиерот Зоран Заев да се изјасни дали промената на имињата е дел од некаква поширока стратегија или пакет за решение на спорот со Грција, авторот на колумната не без задоволство заклучува дека тоа покажува оти „ВМРО – ДПМНЕ би поддржала промена на називите, ама за возврат да сме добиеле нешто опипливо...“ Едновремено, Фокус потсетува дека поради антиквизацијата „го кркаме копанот“ уште од осамостојувањето кога беше прифатено сонцето на Вергина да стои на државното знаме, а никој од СДСМ во времето на Глигоров не му се противстави на подметнувањето на тој прв иредентистички грев кон сосетката Елада. Па се осврнува на актуелните состојби во моментот наведувајќи дека кога „денес, Европската комисија нè смести на опашката на земјите од Западен Балкан кои имаат перспектива да станат членки на Унијата следната деценија (не умри магаре до зелена трева!), по сè изгледа сите македонски политички елити сфатија колку ја чинат Македонија нивните етнички, антички, националистички, фолклорни, лукративни, пљачкашки, идеолошки, геополитички и разни други шарлатански експерименти со државата“, пишува покрај другото Фокус.

Капитал – Само 45 милиони евра странски инвестиции во првите девет месеци од 2017

Капитал ја анализира статистиката на Народна банка на Македонија која покажува дека салдото на странски инвестиции за првите девет месеци од 2017 година изнесувало само 45 милиони евра, што е речиси 80 отсто помалку во споредба со истиот период во 2016 година. Притоа, евидентен бил поголем одлив на пари во вид на дивиденди, особено во јуни и септември минатата година, кога вкупно се одлеале 210 милиони евра, наведува неделникот. По одделни дејности, најголеми одливи на капитал кон странство се евидентирани од текстилната индустрија и од производство на возила и друга транспортна опрема, а по дестинации каде што се одлеале најмногу пари, на врвот е Велика Британија, па потоа САД. Капитал консултирал инвестициски советници, па според некои, репатрирањето на профитот кон компаниите мајки е резултат токму на мотивот да се има поврат на инвестицијата. „За нас ќе биде подобро ако дел од профитите се реинвестираат, но сигурно не можеме да очекуваме сè што ќе заработат да го реинвестираат“, цитира Капитал некои инвестициски советници. Капитал го пренесува и коментарот од Владата дека намалувањето на странските инвестиции не можело да се гледа само од статистички аспект: „Политичката криза е надмината, но последиците сè уште се чувствуваат. Неколку преговори со заинтересирани компании за инвестирање се во тек и за два до три месеци треба да се очекува потпишување договори за нови инвестиции со четири до пет компании од областа на автомобилската, медицинската и прехранбената индустрија“, ги цитира Капитал задолжените за привлекување странски инвестиции во Владата.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG