Повеќето од селските населби во општина Дебар се села без жители. Некои од селата, населението ги има напуштено уште пред Втората светска војна, но по оваа војна следи силна миграција особено на пограничните села. Според поранешните жители на овие села, причините за напуштање на домовите биле политички и економски, така што околу десет села во општината сега се села без жители. Без жители е и пограничното село Спас кое се наоѓа во непосредна близина на Македонско - албанската граница.
„Селото Спас броеше 45 куќи. Иселувањето масовно започна особено по Втората светска војна. Денеска во селото не живее никој“, вели поранешниот жител на селото Спас“, Јакуп Дука, кој денеска живее во Дебар.
РСЕ : Каде се иселени поранешните жители на селото Спас?
„Најголемиот дел од жителите на нашето село се иселени во САД. Но ги има и во Австралија и земјите на Европа, како што се Швајцарија, Германија“, дополнува тој.
Последните години поради миграцијата остануваат без жители и селски населби кои се во близина на градот. Селото Татар Елевци од година во година имало се помалку жители, а денеска според Русе Миноски, некогашен жител на оваа село, живее само едно семејство.
„Јас сум постарата генерација и сум роден во 48 година. Селото Татар Елевци е оддалечено од Дебар 3,5 километри. Се сеќавам имаше 14 куќи, а порано имало дваесетина. Сега во селото Татар Елевци има само едно семејство“, вели Миноски.
РСЕ: Каде живеат денеска поранешните жители на селото?
„Поранешните жители на Татар Елевци денеска живеат во Скопје, Охрид, Битола а најголемиот дел се жители на градот Дебар“, вели Миновски.
Поранешните жители на дебарските села без жители го немаат продадено својот недвижен имот кој го имаат во селата. Дел од поранешните жители на Спас, Татар Елевци, но и другите села без жители како што се Бомово, Селокуќи, Коњаре, Сушица и други, имаат надежи дека ќе ги санираат своите куќи, но не за да се вратат назад и таму да живеат, туку тие да се претворат во викендици. Има и такви кои веќе го обработуваат своето земјиште, кое е мошне плодно.