Спортската еуфорија која ја предизвикаа успесите на македонските ракометари уште еднаш покажа дека поделеноста во општеството може да се победи преку спортските достигнувања. Граѓаните велат дека со радост и нетрпение го очекуваат секој натпревар на ракометарите, а задоволни се и од нивната досегашна игра на теренот.
„Задоволен сум, следам, има добар избор на играчи и верувам дека ќе стигнат до врвот.“
„Убаво е, Кире Лазаров е светски човек.“
„Добро е, втор круг одиме, успех е тоа за една мала држава како нашата.“
„Следиме и задоволни сме на тоа што досега го покажаа.“
„Добри се играчите, супер се, атмосферата е невидена, јас бев кога играа со Црна Гора, добри се, се борат,“ велат дел од граѓаните и фановите кои ги анкетиравме.
Спортските успеси не можат да ги решат колективните проблеми, но можат да го зголемат оптимизмот кај луѓето и да придонесат за јакнење на националниот идентитет, вели професорот Ило Трајковски од Филозовскиот факултет во Скопје.
„Спортот е многу важна општествена активност. Модерните држави многу работат на поддршката на спортските тимови, особено на националните тимови, кои пак со својата колективна игра покажуваат модел на однесување на граѓаните“, вели професор Трајковски и додава:
„Двете победи на нашата репрезентација предизвикуваат убави чувства кај луѓето, прво заради успехот кој на секој му годи, а второ поради тоа што во состојбата во која се наоѓаме, една таква искра внесува некаква свежина“, вели Трајковски.
И граѓаните го делат впечатокот дека спортските случувања, особено успесите на националните репрезентации знаат да ги зближат граѓаните и барем за момент да заборават на секојдневните проблеми.
„Спортот обединува, се собираме група или кај мене или кај друг, се создава дискусија.“
„Не зближува како не, сите сме горди сите гледаме, се радуваме на успехот на една мала држава како нашата на вака голем настан“...
„Овој период за време на ЕП, ракометот го зближи народот, се чувствува тоа“...
„Не спојува сите, бидејќи се многу добри во тоа што го правата и сите се радуваме на нивните победи“, велат граѓани.
Експертите додаваат дека во спортските победи, успесите во културата и литературата кои несомнено придонесуваат да се подигне оптимизмот треба да се вложува и целата заедница, со цел да ги подигне етичките идеали во професионалноста и во целиот живот.