Достапни линкови

Подобрена соработката на локалните со централните институции во Дебар


Градоначалникот на Дебар Ружди Лата на средба со преставниците на полицијата, инспекциските служби, судот и јавното обвинителство.
Градоначалникот на Дебар Ружди Лата на средба со преставниците на полицијата, инспекциските служби, судот и јавното обвинителство.

Политичката клима овозможува соработка на локалните со централните институции на локално ниво, нешто што досега недостасуваше, оценува дебарскиот градоначалник. За проблемите и потребите на градот, еднаш месечно ќе се заседава на заедничка средба меѓу локалните и централните власти.

Новата политичка клима во државата создаде можност локалната власт да има објективна соработка со централните институции кои делуваат во Дебар. Оваа оценка е изнесена на првата средба што на почетокот на оваа година ја одржа градоначалникот на Дебар Ружди Лата со преставниците на полицијата, инспекциските служби, судот и јавното обвинителство.

Според него за прв пат се договорени месечни средби со цел во општината да се понуди поубав живот, почитување на законите и да се овозможи подобра клима за економски развој.

„За моја среќа и за среќа на Дебар сите поканети институции беа присутни на првата средба што ја одржав на почетокот на оваа година. Се договоривме да се ангажираме сите во согласност со компетенциите и законот да имаме почист град, и подобар ред во сите сфери. Има потребен дух и атмосфера во државата така што соработката е добра“, вели градоначалникот Лата.

РСЕ : За кои сфери конкретно стана збор на средбата?

„На прв ред беа проблемите од сферата на екологијата, потоа работата на УЈП околу трговијата на диво, односно продажбата на црно, редот и тн,,“, изјави градоначалникот на Дебар Ружди Лата.

Изминатите години поради состојбите во државата соработката на локалните власти и централните власти кои делуваат на локално ниво не беше на ниво. Овој начин на недоволна соработка сепак била надмината со нагласено ангажирање на локалните власти нагласува градоначалникот Лата.

„Договорени се заеднички средби секој први од месецот, на кои ќе се расправа и договара за сè што е потребно. Тоа е добро за општината.“

РСЕ : Минатите години, една ваква соработка немаше?

Немавме таква соработка, но сторивме сè како локални власти активностите во општината да се реализираат. Сега договоривме средби секој први од месецот. Сега има систем кој дава можност за да имаме соработка. Треба да бидеме дел од Европа а во ЕУ нема влез без соработка“, вели тој.

Постигнатиот договор за одржување на месечни средби на претставниците на централните институции во Дебар со градоначалникот и најавата на објективна соработка е поздравена од страна на граѓаните. Тие оценуваат дека соработката на локалните власти со полицијата и другите институции ќе овозможи поголем ред во сообраќајот, подобрување на јавниот ред и мир, како и стопирање на трговијата на црно која е во подем со што ќе се подобри животот.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG