Достапни линкови

Неделници - Проблеми со името, но и со виното


Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц во Скопје и македонскиот преговарач Васко Наумовски.
Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц во Скопје и македонскиот преговарач Васко Наумовски.

Никако да се истрча последниот километар од македонско-грчкиот маратон. Зошто тогаш да  не се проба да се исплива? – прашува Фокус. Капитал анализира дека временските неприлики ќе го забават растечкиот тренд на македонскиот извоз на вино.

Фокус - Пливај сине, ене каде е компромисот

„Планот А планот Б за името и за НАТО“ е насловена анализата во најновиот Фокус во пресрет на средбата на медијаторот Нимиц со грчкиот и македонскиот преговарач идната недела во Брисел. „Загревањето“, и на овој студ, започнува, вели авторот на текстот. Што сѐ и тој, но и Вашингтон, Брисел и Берлин, нашите меѓународни пријатели не „измислија“ за да се разреши овој „замрзнат конфликт“, ризичен за Македонија, за Балканот, но и за НАТО. За Скопје и Атина да се најдат „на половина пат“. Се леташе со авион, ама често имаше „блокади“ на аеродромите, ветришта и црни облаци, лоша навигација, а и пилотите не беа асолни, потсетува неделникот. Потоа, се одеше на суво, или по земја. Се покажа дека има планини што ги делат Скопје и Атина, тешки и за трчање, и за возење. Никако да се истрча последниот километар од македонско-грчкиот маратон. Зошто тогаш да не се проба да се исплива? – прашува пишувачот на анализата во Фокус. Тука е Вардар, таму е Егејско Море. Затоа, „Пливај сине, ене каде е компромисот“. И ќе пливаат, оти кога се мора, ништо не е тешко. Некој во поплитко, некој во подлабоко. Само, да не потонат. Белки ќе нема ајкули, туку делфини. А пливачите околу вратот ќе имаат по еден клуч. Оној за заемно прифатливото име, кој е во Скопје и во Атина. Знаејќи дека ако го изгубат, има калауз во Вашингтон и во Брисел, смета авторот на анализата во Фокус.

Капитал - Времето ќе го забави извозот на вино

Временските неприлики годинава ќе го забават растечкиот тренд на македонскиот извоз на вино, пишува Капитал насловувајќи ја анализата дека „Македонија со 50 милиони долари е 29-ти извозник на вино во светот“. Пролетното измрзнување и летната суша ги оштетија во добар дел лозовите насади во земјава, што неминовно ќе се одрази врз произведените количества вино од годинашниот род на грозје, продолжува со анализата неделникот. Со тоа ќе се намали и производството и извозот на вино од Македонија, по неколку годишниот тренд на пораст што резултираше со 50-ина милиони долари вреден извоз минатата година. Капитал сепак потсетува дека со вредноста на својот извоз, иако е меѓу првите триесет земји извознички во светот, Македонија е далеку од светските џинови како Франција, Италија или Шпанија, но интересен е податокот, вели авторот, што може да е само предизвик за домашната индустрија на вино: и некои северни земји со далеку понеповолна клима за развој на лозарството, како Литванија, Латвија, Данска и други се двојно или тројно поголеми извознички на вино од Македонија. Како поттик за домашната индустрија на вино, неделникот го наведува и интересниот податок дека Нов Зеланд, земја со 4,5 милиони жители е 7-ми светски извозник на вино. Тоа го постигнала и со развојот на винскиот туризам: дури една четвртина од туристите што го посетуваат Нов Зеланд можат на 450 локации да доживеат винско хедонистичко искуство, ги наведува Капитал зборовите на еден домашен познавач на светскиот вински пазар.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG