Македонија ќе трпи големи последици од одлуката на Хрватска да ја зголеми таксата за контрола при увоз на овошје и зеленчук. Засега нема последици, вели министерот за земјоделство Љупчо Николовски, но сезоната наскоро почнува, па земјата ги прави сите напори да биде подготвена.
Хрватска, која е членка на ЕУ, на 15 јули годинава донесе Правилник за контрола, со што се зголемуваат трошоците за извоз на овошје и зеленчук од Македонија, а тоа ќе влијае и на цената на производите.
„Како Министерство сме во координација со стопанските комори и со сите засегнати производители, следи период во кој ќе имаме извоз на свежо овошје и зеленчук, можеби засега не ги чуствуваме последиците, но треба да сме максимално внимателни, претпазливи и да бараме почитување на сите потпишани меѓународни акти“, вели министерот за земјоделство.
Македонските власти поради одлуката протестираат до Хрватска и до ЕУ, а министерот за земјоделство, заедно со своите колеги од земјите од регионот, кои не се членки на ЕУ, в понеделник во Сараево ќе го дефинираат заедничкиот став и реакција на оваа одлука на Хрватска.
Со Правилникот се зголемуваат трошоците само за земјите кои не се членки на ЕУ, па така за членките инспекцискиот надзор е 90 хрватски куни (12 евра), а за останатите земји кои не се членки е 2.000 куни, односно 274 евра, за секоја врста на овошје или зеленчук поединечно.
Николовски вели дека тарифата која ја наметнува Хрватска е многу голема и е многу повисока од давачките за истата услуга во другите земји од регионот. Затоа оваа давачка ќе направи проблеми во регионот, додава тој.
Министерот вели дека Хрватска, како земја членка на ЕУ, треба да ја почитува Спогодбата за стабилизација и асоцијација што Македонија ја има склучено со ЕУ, според која ЕУ ќе ги укине царинските и другите давачки кои имаат ист ефект за увозот на земјоделските производи со потекло од Република Македонија. Николовски вели дека Хрватска го прекршува ставот 27, точка 1 од Спогодбата.
„Ние сакаме да го заштитиме домашното производство и производители во согласност со меѓународните договори кои Македонија ги има ратификувано. Активно работиме согласно насоките на владата и ќе имаме заеднички став и предлог в понеделник“, вели министерот Николовски.
Од хрватското Министерство за земјоделство велат дека го донеле Правилникот за да си ги заштитат потрошувачите. Нивните инспектори ја проверуваат секоја врста овошје и зеленчук поединечно, да не бидат скапани, оштетени, неозначени и за тоа цел наплаќаат по 274 евра за врста. Па ако имате 5 производи за извоз, ќе ви наплатат повеќе од 1.300 евра за извршената инспекција. А бидејќи за целосна проверка се потребни и повеќе инспектори, таксата се зголемува од 12 на 274 евра.
Универзитетскиот професор во пензија, Борис Анакиев, вели дека македонските власти треба да се обратат до Брисел, оти Хрватска е членка на ЕУ и имаат заеднички пазар.
„Ова ќе има сериозни штети за извозот на доцните зеленчуци, овошје. Хрватска ни е сериозен увозник на земјоделски производи од Македонија. Ако не бидува друго ништо, ние мора да ставиме реципроцитет, да ставиме некои сопки за хрватскиот увоз“, вели Анакиев.
Тој додава дека од Хрватска се увезува сериозна количина на процесирани производи, па Македонија може да пропише дополнителни услови за увоз.
Хрватска е значаен партнер на Македонија во трговијата со земјоделско прехранбените производи.
Минатата година трговската размена меѓу двете земји била 173 милиони евра, од кои 81 милиони евра извоз и 92 милиони евра увоз од Хрватска. Во првата половина од годинава, трговската размена меѓу Македонија и Хрватска била 79 милиони евра, од кои 37 милиони евра извоз и 42 милиони евра увоз. Вредноста на извозот на овошје и зеленчук од Македонија во Хрватска е околу 5 милиони евра годишно. Најмногу се извезуваат свежи пиперки, зелка, домати, краставици, трпезно грозје и лубеници. Од Хрватска најмногу се увезуваат месо од живина, шеќер, чоколади, цигари, сирење, конзервирана риба...
На почетокот на годината Македонија имаше проблеми со извозот на вино во Хрватска, откако тамошните власти усвоија правилник за дополнителни контроли при увоз. А Македонија на хрватскиот пазар пласира речиси четвртина од вкупниот извоз на вино.
И српските власти најавија дека нема да ја игнорираат одлуката на Хрватска. Српската премиерка Ана Брнабиќ се надева дека преку дијалог ќе се најде решение на проблемот, оти како што вели, овие мерки не поттикнуваат регионална соработка. Таа очекува ЕУ да реагира.