Фејсбук страницата на РСЕ врие од коментари по нашите видео-снимки за протестите во неделата вечер пред Министерството за правда и пред Владата против притворањето на шестемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ поради учество во крвавите настани во Собранието на Македонија на 27 април годинава. Над 400 постови во кои преовладуваат негативни реакции против сега веќе опозициската партија и нејзиниот претседател Никола Груевски.
„Они татковината си ја купија и цела ја присвоија, ама дојде време да ја вратат назад на народот!“ – напишала Сузана Николовска. А Божидар Младенов запишал: „Влезете во влада и вас да ве опнат ќорка. Напрајте му го филмот на Грујо да не иде сам во затвор“. Ајрис Бекировски, пак, напишал: „Борци за арамилак. Ќе го јадете стапот, цела Македонија ја испокрадовте, мафијаши едни“. А Самир Османи потсетува на снимените разговори во „бомбите“: „Во аудиo снимките сите крадења и насилие што го слушнаа и пак бесрамнициве имаат лице да се појавуваат во јавност“. Марио Раткоски неколку пати го повторува својот краток пост: „Освести се“, а Сашко Ноце тврди: „Само ВМРО било и ќе биде за Македонија, Зајко можи да ја краде само потта на Македонецот“. Суза Тренчевска смета дека во коментарите се мешаат баби жаби, како што вели, „тука не станува збор за Македонија туку за криминалци, убијци и терористи“.
Оставката на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Вевчани во знак на протест против притворањето на шестемина нивни колеги во државното Собрание - исто така со многу коментари. На постовите со поддршка за оставките, Јонче Блажески само напишал: „А прашајте ги вевчанци дали мислат така“.
Неделното интервју на РСЕ со професорот Ненад Марковиќ предизвикало цела полемика меѓу слушателите и читателите околу НАТО и демократијата, едни за, други против. Јулија Македонка постирала: „Народот не сака ни ЕУ ни НАТО“, а Авди Авдија реплицирал: „Точно така, волкот сака магла“. Пемба Дракче Трајковски, пак, се смее, и вели: „Хаха... на волкот не му е важно овците што мислат за него“ и така натаму и така натаму...