Американскиот претседател Доналд Трамп директно му се обрати на лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, за време на денешниот говор во Националното собрание во Сеул со што ја заврши посетата на Јужна Кореја.
Трамп порача дека нуклеарното оружје не ја прави Северна Кореја побезбедна земја, туку го става тамошниот режим во смртна опасност.
Наведувајќи дека во Вашингтон сега има, како што рече „поинаква администрација“, Трамп додаде:
„Нема да дозволиме американските градови да бидат загрозени од уништување. Ние нема да бидеме заплашени. И ние нема да дозволиме да се повторат најлошите злосторства во историјата тука, на оваа земја каде што се боревме и гиневме“, рече тој.
Трамп оцени дека времето на оправдувања заврши и му порача на режимот на Северна Кореја да не ги потценува Соединетите Држави и нивните сојузници, бидејќи тие се подготвени да се бранат од нуклеарните закани на Пјонгјанг.
Трамп ги повика земјите ширум светот да се здружат за да го изолираат Пјонгјанг, односно да прекинат, како што рече, „секаква форма на поддршка, снабдување или прифаќање на таа земја“. Тој притоа ги спомна Русија и Кина.
„Светот не може да ја толерира заканата од непријателски режим кој му се заканува со нуклеарно уништување“, рече тој.
Претседател Доналд Трамп денеска беше принуден, поради лошто време, да ја прекине ненадејната посета на демилитаризираната зона која ги дели двете Кореи.
Неговиот хеликоптер беше вратен од зоната поради магла.
Американските претседатели традиционално ја посетуваат оваа многу чувана гранична линија, каде што војници од Северна и Јужна Кореа се наоѓаат на двете страни од бариерата.
Неодамна тоа го сторија потпретседателот Мајк Пенс и секретарот за одбрана Џим Матис.
Пред азиската турнеја, Белата куќа соопшти дека претседателот Трамп нема да ја посети зоната, бидејќи таквите посети биле „клише“. По посетата на Јужна Кореја Трамп замина за Кина.