Достапни линкови

Објавени, но и дел блокирани тајни документи за атентатот врз Кенеди


Трамп одложи објавување на некои тајни документи за атентатот врз Кенеди
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:40 0:00

Трамп одложи објавување на некои тајни документи за атентатот врз Кенеди

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди да бидат обелоденети 2.800 документи поврзани со атентатот на претседателот Џон Кенеди во 1963 година. Сепак, под притисок на ФБИ и ЦИА тој го блокира објавувањето на некои информации заради натамошно разгледување во наредниве шест месеци.

Американскиот Конгрес во 1992 година нареди сите записи во врска со истрагата за смртта на Кенеди да бидат отворени за јавноста при што утврди крајниот рок за објавување на сите материјали да биде 26 октомври 2017 година.

Трамп минатата сабота потврди дека ќе дозволи отворање на документите.

Меѓутоа, вчера претставници на Белата куќа информираа дека Трамп им наредил на владините агенции да ги проучат задржаните документи во следните 180 дена за да утврдат дали треба да останат скриени од јавноста.

Во меморандум до шефовите на ФБИ и ЦИА, Трамп наведува дека американскиот народ заслужува што е можно повеќе пристап до документите.

Директорот на ЦИА Мајк Помпео бил главниот поборник за чување на некои материјали во тајност, рече еден висок официјален претставник на американската администрација.

„Се чини дека нешто се случи на патот. Нешто, повторувам, се случи на патот на поворката. Има многу луѓе кои трчаат по ридот покрај улицата Елм кај автопатот Стемонс“.

Иако Кенеди е убиен пред повеќе од половина век, во документите се вклучени информации од истраги водени во седумдесетите и деведесетите години од минатиот век.

Експертите кои го проучуваат убиството на Кенеди на 22 ноември 1963 година, за време на поворката во Далас, велат дека не очекуваат пакетот досиеја да понуди големи детали за тоа зошто Ли Харви Освалд го уби претседателот Кенеди.

Тие, исто така, сметаат дека последната серија од над 5 милиони страници за атентатот на Кенеди што се чува во Националниот архив малку ќе придонесе за смирување на теориите на заговор дека убиството на 46-годишниот претседател било извршено од на пример мафијата, Куба или од други непријателски земји.

Илјадници книги, статии, телевизиски емисии и филмови ја имаат разгледувано идејата дека атентатот врз Кенеди бил смислен заговор.

Никој досега не даде убедлив доказ дека Освалд, кој беше убиен два дена по убиството на Кенеди, работел со некој друг.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG