Достапни линкови

Мерилин Монро, 50 години од нејзината смрт


Денеска се навршуваат 50 години од смртта на американската филмска икона Мерилин Монро. Таа беше најдена мртва во нејзиниот дом во Лос Анџелес, откако се предозирала со средства за спиење. Но, нејзината смрт останува да биде во сферата на разни теории на заговор.

Смртта на Мерилин Монро е последица од акутно труење со барбитурати, е наведено во иследничкиот извештај во кој стои и тоа дека цитираме, веројатно станува збор за самоубиство.

Токму ова „веројатно“ ги отвори сомневањата дека 36-годишната Мерилин би можело да биде убиена. Пет децении од трагичниот настан тој останува тема на разни теории на заговор.

Повеќето водат до љубовната афера што таа ја имаше со американскиот претседател Џон Кенеди и со неговиот брат Роберт кои и двајцата беа убиени во атентати.

​Некои теории сугерираат дека таа знаела премногу за претседателот и оти тајните служби ја убиле. Други, пак, сугерираат дека Монро била жртва на мафијата.
Нејзината интерпретација на честитката по повод 45 роденден на претседателот Џон Кенеди во Медисон Сквер Гарден пред повеќе од 15 илјади луѓе, беше едно од последните појавувања на Монро во јавноста.

Среќен роденден претседателе

Родена како Норма Џин Мортенсон, подоцна го зема презимето на мајка и Бејкер, таа беше холивудска актерка која стана секс-симбол и опсесија, но и инспирација на многу генерации не само во Соединетите Држави.
Родена како Норма Џин Мортенсон, подоцна го зема презимето на мајка и Бејкер, таа беше холивудска актерка која стана секс-симбол и опсесија, но и инспирација на многу генерации не само во Соединетите Држави.

За првпат се омажи на 16 години. Имаше уште два брака и тоа со бејзбол ѕвездата Џо Димаџо и со писателот Артур Милер, но сите три нејзини бракови завршија со развод.

Сними 23 филмови, а беше портретирана во 14 други. Нејзините филмови како на пример: „Некои тоа го сакаат жешко“, „Мажите сакаат русокоси“, „Како да се омажиш за милионер“, „Нема бизнис како шоу бизнис“, „Нијагара“ или „Дијамантите се најдобар пријател на девојките“ беа вистински хитови кои заработија за тоа време неверојатни 200 милиони долари. За неа се напишани и над 600 книги.

Разголените фотографии за магазинот Плејбој во 1953 година и ја донесоа титулата, и тоа многу години по нејзината смрт, „Број еден секс ѕвезда во 20 век“. Инаку, фустанот што го носеше на роденденот на претседателот Џон Кенеди на аукција беше продаден за 1.267.500 долари.

Долго време тоа беше најскапото парче облека во светот, се додека белиот фустан со кој Мерилин Монро се појави во легендарната сцена кога ветерот од вентилацијата на метрото и го крева над колената во филмот „Некои тоа го сакаат жешко“, лани беше продаден за над 5,5 милиони долари.

Мерилин Монро и по пет децении останува холивудска икона и ѕвезда која не бледнее.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG