Сенаторите Боб Коркер и Џеф Флејк, кои најавија дека нема да се кандидираат за уште еден сенаторски мандат, го нападнаа претседателот Трамп на денот што требаше да го покаже партиското единство на републиканците во врска со даночната реформа.
Но, ручекот со републиканците во Капитол Хил се чини имаше спротивен ефект.
Веднаш потоа, републиканскиот сенатор од Аризона Џеф Флејк, најавувајќи дека нема да се кандидира, го критикуваше претседателот Трамп со зборови кои ретко се слушаат од говорницата во Сенатот.
„Идејата дека треба да се молчи како што се поткопуваат нормите и вредностите кои ја држат Америка силна, и како сојузите и договорите кои ја обезбедуваат стабилноста на целиот свет рутински се загрозени од нивото на мислата што се движи во 140 карактери - идејата дека треба да се каже и да не прави ништо во лицето на таквото однесување е историско и, верувам, длабоко погрешно“, рече тој.
Флејк ова го изјави неколку часа откако сенаторот Боб Коркер го потресе Вашингтон, велејќи дека претседателот Трамп ја деградирал нацијата со „постојани невистини“.
„Не знам зошто се спушта на толку ниски, ниски стандарди и ја деградира нашата земја на начинот што го прави, но тој го прави тоа“, изјави Коркер кој порача:
„Остатокот од нас треба да го направиме она што можеме за да дејствуваме како државници и да се обидеме да ја придвижиме нашата нација во време кога имаме лидер каков што имаме сега, а тоа е секако она што јас ќе се обидам да го направам“, рече тој.
Трамп и Коркер веќе неколку недели се во затегнати односи, односно откако републиканецот од Тенеси објави дека нема да се кандидира за нов мандат.
Американскиот претседател Доналд Трамп им го врати ударот на двајцата сенатори, вообичаено со порака на Твитер, наведувајќи дека тие и онака не би можело да бидат избрани за уште еден мандат без негова поддршка.