Рекламите за оружје насочени кон туристите се наоѓаат на билбордите ширум градот и постојат неколку бизнис активности што на милионите посетители им нудат шанса да пукаат со вистинска муниција.
Џингис Коен, кој управува со една таква фирма, вели дека неговите клиенти, па дури и ако станува збор за деца, можат да пукаат од автоматско оружје.
Повеќето корисници се од странски земји каде што оружјето е или тешко достапно или сосема забрането за граѓаните.
„Мислам дека има љубопитност, луѓето едноставно имаат љубопитност за оружје. Ако ги погледнете најпопуларните видеоигри, знаете, гледате филмови, ги гледате телевизиските емисии, оружјето се наоѓа насекаде“, вели тој.
По масакрот во Лас Вегас, Коен ја затвори фирмата неколку денови и објави пост со кој повикува на построги закони за поседување оружје.
Полицијата соопшти дека повеќе од половина од 23-те пушки пронајдени во хотелскиот апартман на осамениот напаѓач биле опремени со уред која ја спречува блокадата за рафлното пукање и од полуавтоматска, пушката станува целосно автоматска.
Како и да е, масовното убиство во Лас Вегас ги интензивира дебатите за контрола на оружјето. Граѓаните се поделени:
„Потребна е што е можна поголема заштита, но исто така да бидеме одговорни за таа заштита. Ако забраните се, тоа значи дека некој ќе најде друг начин да го добие. И кога можат да го добијат илегално, би можело да биде полошо од она што е сега“.
„Само потемелна проверка на луѓето кои се обидуваат да купат оружје, особено типот на пушките што ги купуваат како големи митралези, автоматско оружје што дефинитивно може да направи многу штета“, велат граѓаните.
Во исто време, по трагедијата во Лас Вегас цените на акциите на американските производители на оружје значително пораснаа.
Податоците покажуваат дека е чест тренд акциите на овие фирми да растат по масовни престрелки, поради стравот на пазарот од затегнување на законите за контрола на оружјето.
Впрочем, освен Џингис Коен кој ги затвори вратите во знак на почит спрема семејствата на жртвите, другите фирми за оружје останаа отворени.