Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска денеска треба да се соочи со нејзиниот напаѓач Панче Ангелов. Тој е еден од напаѓачите, кои за време на насилството во Собранието ја повлече за коса Шеќеринска, откако беше удрена со метален статив по глава.
Ангелов по инцидентите за дел од медиумите изјави дека не се чувствува виновен за настаните во Собранието и дека немал намера да ја нападне Шеќеринска, туку дека сакал да ѝ помогне да ја извлече од толпата влечејќи ја за коса.
Обвинителката Наташа Гаџоска во обвинението истакнува дека Ангелов бил во првата група која влегла во Собранието и заедно со најсилните и најнасилните луѓе се упатил директно во прес-салата. Најпрво му упатил закани на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потоа ја нападнал Шеќеринска, а фрлил и шише кон други пратеници. И двајцата се здобиле со тешки телесни повреди.
„Судот од доказите кои ќе ги презентираме ќе има можност да создаде реална слика за тоа што се случувало во Собранието на 27 април. Обвинителството верува дека ќе донесе осудителна пресуда“, истакна обвинителката Гаџоска пред почетокот на минатото рочиште, кое беше одложено затоа што обвинетиот бил правно неук, па неговиот адвокат побара време за да му ги објасни правата.
Тогаш Филип Медарски, адвокатот на оштетените Заев и Шеќеринска, рече дека ќе побараат оштета, но видот и висината ќе се утврди во текот на постапката. Неколку пати досега тие јавно посочија дека насилството кое се случи на 27 април во Собранието мора да биде казнето.
Шеќеринска очекува дека и пратениците кои ги отворија вратите од Собранието, Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски и Сашо Василевски ќе седнат на обвинителна клупа.
„Да бидам поискрена, одговорноста е многу поголема кај оние кои го организираа целиот настан, оние кои ги организирале сите овие луѓе, кои им дозволија и им овозможија да влезат во Собранието, отколку кај оние кои први удрија по нас“, изјави Шеќеринска.
Ако биде прогласен за виновен, на Ангелов му се заканува казна од три до 10 години затвор.
Ова е втор предмет поврзан со крвавиот четврток во Собранието на 27 април, кој влезе во судската процедура. Претходно, деветмина учесници во насилствата добија условни затворски казни.