Вест број 1 во медиумите е вчерашниот референдум за независност на Каталонија и интервенцијата на шпанската полиција при што се повредени околу 700 луѓе. И на нашата ФБ страница доминираат постовите и реакциите во врска со тоа, од негативни до позитивни.
Наташа Ангеловска, на пример, со прашалник напишала: „Европско демократско тепање?“, а Ѓорѓија Николоски забележува: „Шпанија денеска докажа дека ја имат под окупација Каталонија“. Методија Ласковски ни забележува дека толку многу не сме постирале за изборите во Македонија, него „го заболе за Каталонија“, превидувајќи дека вчерашните случувања во Барселона од новинарски професионален аспект се вест за првите страници и минути на сите медиуми. Стефче Василевски на англиски ѝ пожелува долг живот на Република Каталонија.
Уште еден референдум за независна држава ги зовре страстите, барем на Блискиот Исток, оној на Курдите во Ирак. Ашктан Усандим ги гледа работите од поширок аспект, и смета дека Турција нема да дозволи курдска држава, а Зоран Спасов размислува: „Зошто еден голем народ кој со векови живее таму да нема право на своја држава?“
Кога скопскиот кривичен суд ги отфрли „бомбите“ како доказ во неколку случаи покренати од СЈО за поранешни функционери на сега опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, фановите на РСЕ реагираат: Фиданчо Петров прашува „до кога задолжените за спроведување на правдата во име на народот ќе си играат мајтап со него“, Елизабета Шполјариќ напишала: „Ќе ги прифати, ќе ги прифати, па после судиите корумпирани ќе се жалат и ќе плачат“, а Аце Ристов прашува: „А зошто не ги отфрлат и за Заев, нели и тие се незаконски? Е, судии, судии, до каде дојдовте!“
По информацијата дека опозициски пратенци во Уганда се насилно исфрлени од Парламентот, Сашко Христов коментира: „На иста ранг-листа сме“, Рубин Ристески вели: „Тоа се демократии во развој каде што болеста наречена диктатура тешко се лечи“. А Ситизен Скопје во својот пост ставил знак на равенство помеѓу Уганда и Македонија. Зоран Крстев, пак, напишал: „По вмровски модел“.