Достапни линкови

Кои се креативните решенија за Македонија и Грција?


Средба на министерот за надворешни работи Димитров со неговиот грчки колега Коѕиас во Скопје. 31.08. 2017
Средба на министерот за надворешни работи Димитров со неговиот грчки колега Коѕиас во Скопје. 31.08. 2017

Доколку Македонија влезе во НАТО под привремената референца, многу работи во општеството ќе се релаксираат, коментираат експерти по посетата на грчкиот минисер Коѕиас. Креативно решение на проблемите меѓу Грција и Македонија може да биде и креирањето политики за добрососедство и соработка.

Креативна и прифатлива идеја за Македонија во однос на решавањето на проблемите со Грција може да биде ако таа стане членка на НАТО, а во меѓувреме ќе течат преговорите за прашањето за името, вели професор Беким Кадриу од Правниот факултет на Универзитетот во Тетово.

Коментарите доаѓаат откако грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас при вчерашната посета на Македонија изјави дека треба да се создаде повеќе доверба меѓу двете земји за „креативно да ги решиме нашите проблеми, секој иридентизам да го поништиме и утрото да играме оро со нашите заеднички култури.“

Кога станува збор за креативни решенија, објаснува Кадриу, не значи само решение по однос прашањето за името, туку изјавата на Коѕиас може да се дискутира од различни аспекти, како однесувањето на двете држави како соседи, креирање на политики на добрососедство и соработка во различни области.

„Мислам дека интенцијата е сепак да се најдат добри решенија кои би биле прифатливи за двете страни, а кои би имале крајна цел – затворање на спорот што постои меѓу двете држави. Многу е важно што пристапот од страна на двете држави е позитивен, а со соработката која се одвива на повеќе полиња и треба да се продлабочи и порелаксираната атмосфера што постои, мислам дека полесно ќе биде и изнаоѓањето на решение за спорот за името“, вели Кадриу.

Во НАТО за сигурна иднина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00

Професорот на Универзитетот Св. Климент Охридски Никола Дујовски оценува дека пристапот на средби е добар и оти тие треба да бидат почести и на највисоко ниво во периодот што следува. Тој додава дека е потребно да се создаде доверба, а особено во Грција да се добие јасна претстава дека Република Македонија треба да стане членка на НАТО под привремената референца.

„Доколку се случи тоа, јас верувам дека потоа многу состојби во македонското општество ќе се релаксираат и на површина ќе излезат конструктивни предлози кои сега се потиснати бидејќи Македонија не чувствува доволна поддршка да биде дел од семејството за кое што дефинитивно ги исполнуваме сите потребни предуслови. Доколку успееме да добиеме согласност од Грција за членство во НАТО под привремената референца, можеме потоа да продолжиме со разговори и да се најде некое потрајно решение за прашањето за името што ќе ги отвори и евроинтеграциските процеси“, вели Дујовски.

Разговорите за името се очекува да се интензивираат по локалните избори во земјава во октомври. Премиерот Зоран Заев, по состанокот со регионалните лидери минатата недела во Драч, рече дека идеи од Нимиц за решавање на прашањето очекува до крајот на годинава или на почетокот на идната.

Кадриу вели контакти меѓу Нимиц и двете влади може да има и во меѓувреме, како и идеи кои циркулраат, а кои по октомври можеби ќе излезат во јавноста. Дујовски очекува жешка зима, бидејќи како што вели, освен Нимиц придвижување за прашањето за името очекуваат и во САД, ЕУ и во регионот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG