Достапни линкови

Влез во НАТО за да ја биде Македонија


Политиката на отворени врати на НАТО мора да продолжи со земјите од Западен Балкан, пред се со Македонија, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната конференција посветена на НАТО членството. Меѓународните претставници во земјава повикаа на итно спроведување на реформите.

Неопходно е што поскоро Македонија да стане членка на НАТО и за таа цел работиме посветено и дома и надвор, истакна македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров на конференцијата „Македонија кон целосно членство во НАТО“, чиј домаќин е ресорното министерство. Димитров посочи дека Македонија се враќа на неопходниот реформски курс, но притоа подвлече дека нашето членство не зависи само од Македонија.

„Нашето зачленување во НАТО не зависи само од Република Македонија. Согласно формулата од Букурешт од 2008 година, зависи и од Република Грција и од тоа колку брзо ќе успееме да ги тргнеме дополнителните критики што ги добивме од Самитот во Варшава, во делот на одговорност, владеење на правото, слобода на медиумите итн. Затоа мислам дека клучното прашање не е толку кога ќе станеме членка, туку сакаме ли ние како општество и нација да си ја зацврстиме иднината, да поминеме една линија од која нема да има враќање назад и каде што нема да прашуваме секој трет ден дали ќе не биде и што ќе биде со Република Македонија,“ изјави Димитров.

Во НАТО за сигурна иднина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00

Американската поддршка кон НАТО членството на земјава ја пренесе американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли. Тој изјави дека Соединетите Држави остануваат наш стратешки партнер кон остварување на оваа цел, незаборавајќи да истакне дека прво и најважно од се е да се спроведат неопходните реформски приоритети. Бејли додаде дека никој нема илузии оти спорот за името со Грција ќе биде решен преку ноќ, но дека сега е историски момент за да се направи напредок на тој план.

„Македонија придонесува кон регионалната и глобална безбедност. Знаеме дека вашиот пат кон НАТО е понекогаш фрустрирачки, но вие издржавте. Тука е и поддршката од јавноста и сите етнички заедници за ваше членство во НАТО. И се надеваме дека ваквиот став ќе продолжи, ние ве поддржуваме и се надеваме дека еден ден ќе можеме да ви посакаме добредојде како на нова членка на Алијансата,“ истакна Бејли.

Осврнувајќи се врз последниот дипломатски инцидент со Србија, новиот германски амбасадор во земјава Томас Норберт Герберајх, изјави дека е особено важно, напорно да се работи на регионалната соработка и добрососедските односи кои, како што кажа, се клучни за стабилноста. Герберајх истакна дека членството во НАТО на Македонија и дава јасна евроатлантска перспектива.

„Членството во НАТО на земјата ќе и овозможи да дејствува во една безбедна средина за да може да се посвети на реформската агенда која и претстои во наредните години. Ваквите процеси на промена и трансформација бараат многу храброст и сила,“ истакна германскиот амбасадор Герберајх, додавајќи дека реформите се пред се од интерес на земјите аспиранти.

Последните истражувања на институтот ИРИ од мај годинава покажуваат дека 71 отсто од испитаниците го поддржуваат членството на Македонија во НАТО.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG