Достапни линкови

Фотограф со Даунов синдром од Битола „лови“ зајдисонца


Изложба на Коста Ќука, фотограф со Даунов синдром во Битола
Изложба на Коста Ќука, фотограф со Даунов синдром во Битола

Кога заоѓа сонцето беше насловена првата изложба на фотографии на Коста Ќука од Битола, кој е лице со Даунов синдром. Коста веќе 40 години се бори да докаже дека оној еден хромозом повеќе што го има не е недостаток, туку можеби дар и бескраен стремеж да се биде што подобар.

Мамо, што сакаш да ти донесам од Охрид, ја прашал телефонски битолчанецот Коста Ќука својата мајка во Битола, додека тој бил на прошетка низ Охрид. Таа му одговорила „едно зајдисонце“, знаејќи дека таму крај езерото заоѓањата се величенствени. Коста, кој е лице со Даунов синдром, размислувал како може раскошното растопување на огнената топка во езерската шир да го однесе во Битола. Тогаш се досетил дека тоа може да го стори со фотографија. Хромозомот плус му дал талент плус. Дауновиот синдром не го попречи во неговиот талент да ја фотографира природата и да го слика сонцето, упатувајќи порака дека под него има место за сите луѓе на светот.

„Пред пет години му купивме на Коста едно поволно мобилно телефонче. Тој првата работа што ја научи со него беше да фотографира и беше пресреќен. При едно патување во Охрид ме праша „дали да ти донесам подарок од Охрид?“ Јас му одговорив „едно зајдисонце“. Нему му се допадна таа слика и почна да фотографира. Не испушта можност да улови момент. Во слободно време ги разгледува фотографиите. Сфати дека таа магична кутија крие парчиња од животот“, вели неговата мајка Лилјана Ќука.

Таа фотографијата со охридското зајдисонце ја чува и во телефонот и во срцето. Вели „руменилото на небото е надежта дека сè ќе биде во ред, дека ќе ги избришеме разликите, ќе ги урнеме ѕидините од предрасуди“.

Всушност од таму, од брегот на Охридското Езеро започна и фотографска дејност на Коста. Во изминатите шест години тој направил над 120 фотографии, во најголемиот дел од нив ја уловил природата и зајдисонцата. „Кога заоѓа сонцето“ беше насловена и неговата прва изложба на фотографии, а сега собира материјали и за нова изложба.

„Пресреќен сум и многу ми е мило што ги направив овие дела. Сонцето е како лек за срцето, тоа изгрева и заоѓа. Како прва алатка за сликање почнав со мобилен телефон, а моите кога сфатија дека прекрасно фотографирам ми купија апарат за сликање. Од тогаш фотографирањето ми прирасна за срцето. Уживам да ја фотографирам природата, сонцето, цвеќињата и зеленилото, таму е сè толку величенствено. Дел од фотографиите ги направив во Битола, Охрид, Преспа, а некои во Грција“, вели тој.

Коста веќе 40 години се бори да докаже дека оној еден хромозом повеќе што го има не е недостаток, туку можеби дар и бескраен стремеж да се биде што подобар. Коста веќе неколку години работи во приемното одделение во битолската Универзитетска библиотека. Колективот и читателите кои доаѓаат го познаваат како вреден и љубезен работник.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG