Достапни линкови

Неделниците за односите со Србија и мигрантите


Неделникот Фокус пишува за дипломатска криза на релацијата Белград – Скопје. Капитал објавува анкета, според која мигрантите се најдобредојдени на Исланд, а најмалку во Македонија, Црна Гора, Унгарија и во Србија.

Фокус - „Валтер брани Скопље“

Повеќе текстови и анализи во најновото издание на Фокус се посветени на неколкудневната дипломатска криза на релацијата Белград – Скопје, што беше надмината со телефонскиот разговор на македонскиот премиер Заев со српскиот претседател Вучиќ. И главната анализа во неделникот, полна со асоцијации на партизанските времиња и по малку идеализираните филмови за нив во поранешната заедничка држава, што ги паметат повозрасните читатели, носи наслов: „Валтер брани Скопље“, додека на насловната славниот филмски јунак Валтер е заменет со ликот на српскиот претседател Вучиќ и со иронично-сатиричниот текст: „Вучиќ брани Скопље“. Притоа, авторот на анализата констатира дека приказната дека Владата на Заев ги следела и прислушувала српските дипломати во Скопје, но и највисоките српски државни институции „колку што е неверојатна и срамна за Вучиќ и за српската државна власт, толку е добредојдена за ранетата и осакатена пропаганда на Груевски“.

Фокус смета дека сега, пред локалните избори, „куририте“ ќе бидат вооружени и со „српски докази“ дека Заев е всушност тој кој прислушува, што значи оти „Муртинецот“ заедно со странските служби ја организирал и огромната операција на прислушување во Македонија за да ја срушел легитимно избраната власт на Груевски... Фокус го поставува прашањето зошто Србија му помага на пастирот на овој начин? „Навистина е жално“, пишува неделникот, „но тоа е и очајнички обид, со политичка рехабилитација на Груевски, со нови предвремени избори и нов политички хаос, дополнително да се запржи балканската чорба и да се спречи или барем да се одолговлечи македонската интеграција во НАТО, која е последната закана за воено неутралниот Белград во иднина да прифати членство во Алијансата“. Па завршува дека Вучиќ, по сè изгледа, верува дека македонскиот народ, „ако братот Србин му го посочи непријателот, ќе знае да ја избере ’вистинската страна‘“.

Капитал - Каде се најдобродејдени мигрантите?

Капитал ја објавува најновата анкета спроведена од Галуп што ја пренесува британски Индепендент, а според која мигрантите се најдобредојдени на Исланд, а најмалку во Македонија, Црна Гора, Унгарија и во Србија. Поточно, Македонија на листата се наоѓа на последното, 138 место. На испитаниците им било поставено прашање – дали е добро или лошо мигранти да живеат во вашата земја, да бидат ваши соседи или да стапат во брак со некој ваш роднина. 54 отсто од Исланѓаните одговориле дека е добро мигранти да живеат во нивната земја, а половината дека би било добро да им бидат соседи. Со анкетата на Галуп било утврдено дека помладите генерации повеќе ги прифаќаат мигрантите, како и жителите што живеат во урбани средини.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG