Достапни линкови

САД решаваат за снабдување на Украина со оружје


Матис: САД ја разгледуваат можноста за помош во оружје на Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Матис: САД ја разгледуваат можноста за помош во оружје на Украина

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис изјави дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп „активно ја ревидира“ можноста за обезбедување смртоносно дефанзивно оружје за Украина. Тој оцени дека Русија бара „прецртување на меѓународните граници со употреба на сила“.

Говорејќи на прес-конференција заедно со украинскиот претседател Петро Порошенко по нивниот состанок во Киев, Матис рече дека ќе се врати во Вашингтон со појасно разбирање за потребите на украинските сили на фронтот.

„Исто така, ќе истакнам за одбранбеното смртоносно оружје, ние тоа активно го разгледуваме. Ќе се вратам сега откако ќе ја видам моменталната ситуација и ќе можам да ги информирам државниот секретар и претседателот многу конкретно за она што ќе го препорачам за натаму“, рече Матис.

Тој додаде дека Вашингтон неодамна одобри испорака на опрема во вредност од 175 милиони долари за Украина, вклучувајќи и „специјализирана опрема што може да се искористи за одбраната на земјата“.

Шефот на Пентагон, исто така, рече дека Вашингтон ја поддржува Украина пред заканите за суверенитетот и територијалниот интегритет.

„Ние не прифаќаме и нема да го прифатиме руското преземање на Крим и и покрај руските негирања знаме дека тие сакаат прецртување на границите со сила“, рече тој.

Високи претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп честопати изнесуваа измешани мислења во врска со Украина. Најчесто тоа се поврзува со сложените односи на Вашингтон со Москва.

Во јуни годинава државниот секретар Рекс Тилерсон изјави дека американската администрација не сака да биде „врзана со лициси“ за договорот за прекин на огнот постигнат во 2015 година.

Матис престојуваше во еднодневна посета на Киев за да присуствува на прославата на Денот на независноста на Украина, односно 26-годишнината од незвисноста од поранешниот Советски Сојуз.

Тој е првиот американски секретар за одбрана кој ја посети Украина во изминативе 10 години. Тоа беше последна етапа во неговата турнеја за време на која ги посети Јордан, Турција и Ирак.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG