Достапни линкови

Планот 3-6-9 делумно спроведен


Прес конференција на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи на 5 јули 2017
Прес конференција на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи на 5 јули 2017

Сериозни реформски промени во овој тримесечен период нема, туку повеќе подготовки за реформите кои треба да следуваат по изборниот период.

Делумно е спроведен краткорочниот план, односно првиот сет мерки од владиниот план 3-6-9 сочинет од препораките на институциите на ЕУ и политичкиот договор од Пржино, е заклучокот кој може да се изведе од она што е досега објавено во јавноста. Избори, судски реформи, Собрание, граѓанско општество, Охридски договор, соработка со Претседателот и миграции се областите во кои владата вети промени и делување. Но, во овој тримесечен период сериозни реформски промени нема, туку повеќе подготовки за реформите кои треба да следуваат по изборниот период. Симонида Кацарска од Институтот за европски политики вели дека е многу тешко да се направат системски реформи за три месеци, особено ако ги знаме предизвиците.

„Уште кога беше донесен планот 3-6-9 и во однос на рамката кажав дека постои еден ризик дека со ваквиот пристап се потценува тешкотијата на реформите, односно комплексност на прашањата со кои се соочуваме. Некои помали интервенции во голема мера и козметички како што е продолжувањето на рокот за консултација на Единствениот национален електронски регистар на прописи, отворањето на владините седници, граѓанскиот буџет, се чекори во однос на транспарентноста. Во тој сегмент имаме делумно остварени мерки. Потешки реформи за владеењето на правото сè уште немаме. Ефектот од разрешувањето на јавниот обвинител ќе го видиме долгорочно и да видиме и начинот на кој ќе биде назначен новиот“, вели таа.

Кацарска додава дека секоја од тие области коишто се во планот имаат своја тежина и комплексност која е невозможно да биде дури и делумно решена за три месеци.

Според планот, владата се обврза да даде целосна поддршка на враќањето на демократскиот амбиент во земјава во делот на работата на Собранието, односно да помогне во враќањето на суштинската надзорна улога на Комисијата за надзор на работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите. Но, во изминативе два месецa била одржана само една седница на Комисијата за надзор на УБК на која, според интернет страницата на Собранието, требало да се разгледува предлог деловникот за работа на комисијата. Од спроведеното во овој сегмент може да се наведе како пример предлогот на Владата до Претседателот на Собранието Талат Џафери да воведе тематски пратенички прашања еднаш неделно.

Кацарска вели дека прашањето на парламентарен надзор и надзор над употребата на ПИ мерките е сè уште како една болест која си ја носиме многу долго време и беше нереално да очекуваме клучни реформи во овој сегмент.

„Иако претседателот на Собранието вети и покажа дека ќе ја зајакне улогата на истото и ќе го отвори за дискусии, во оваа насока сè уште не сме виделе некои конкретни чекори, исто како што имаме некои почетни чекори на многу други комисии за кое е ветено дека ќе проработат и во другите области. Веројатно фокусот на парламентарците во овој период беше разрешувањето на јавниот обвинител и можеби затоа не видовме некој поголем резултат од зајакнатата хоризонтална парламентарна контрола за сите области како што беше ветено“, вели таа.

Кацарска додава дека значаен чекор напред во транспарентност е отворањето на веб страницата на владата за дневниот ред и заклучоци од владините седници кое недостасуваше од 2008 година и зголемувањето на рокот за консултации за Единствениот национален електронски регистар на прописи. Тоа беа лесно применливи мерки, но и во самиот краткорочен план не беа ветени поголеми зафати, но тоа беше и очекувано имајќи предвид дека доаѓаат локални избори, објаснува таа, додавајќи дека сепак е рано да се зборува за конкретни резултати.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи неодамна брифираше дека дел од 11-те краткорочни реформи ќе ги спроведе Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупција, а дел Владата. Тој тогаш посочи дека ДИК и МВР ќе продолжат да го ажурираат избирачкиот список, а проверки се направени и изминатиов период во што им помогнале и низата локални референдуми.

Османи посочи дека Антикорупциската комисија мора да создаде регулатива и предуслови за спречување на злоупотреба на државните ресурси во кампањата за следните избори, како и дека ќе подготви извештај за сите истраги и мерки кои ги има отворено во последните пет години. Но, досега во јавноста нема информација до каде е таа постапка.

Неодамна и евроамбасадорот Самуел Жбогар посочи дека не е загрижен за усвојување на легислативата, туку за нејзината имплементација.

„Мислам дека во овој момент Собранието на вашата земја функционира добро. Од сите страни слушаме заложби и посветеност, од страна на државните институции на Владата и Собранието, дека тие се посветени да ги направат сите промени поврзани со законските решенија. Јас во моментот не сум загрижен со конкретната имплементација на планот 3-6-9, особено затоа што проблемот никогаш не бил во врска со усвојување на новата легислативата, туку секогаш бил во имплементација на легислативата“, изјави Жбогар пред еден месец.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG