Достапни линкови

Шест илјади земјоделци од кумановско претпреа штети од временски непогоди


Подрачното одделение на Министерство за земјоделство,шумарство и водостопанство во Куманово.
Подрачното одделение на Министерство за земјоделство,шумарство и водостопанство во Куманово.

Земјоделците во кумановско претрпеа штети од временските неприлики. Комисија проценува колкави се штетите и како да се обештетат. Во меѓувреме земјоделците можат да поднесуваат барања за субвенционирање на земјоделското и сточарското производство,

Околу шест илјади регистрирани индивидуални земјоделци во поширокиот кумановски регион, во Куманово, Старо Нагоричане и Липково, поради временските непогоди во изминатиот период, претрпеа штети кај житните и градинарските култури, овоштарството и лозарството, вели Насер Даути, раководител во подрачното одделение на Министерство за земјоделство,шумарство и водостопанство во Куманово. Жетвата на житариците е завршена, а во тек се поднесувања апликации за добивање субвенции.

„Поголемите претпријатија имаат малку поголем принос, а кај индивидуалните земјоделци приносите се од илјада до илјада и 500 килограми по хектар, од што не се задоволни, а тоа е резултат на неповолните климатски услови“, вели Даути.

Некои земјоделски производители претрпеле дури целосна штета, а некои делумно, но затоа е формирана комисија за проценка, а според тоа земјоделците поднеле барање за обештетување.

„Се надевам дека владата ќе преземе обврска задолжително да им излезе во пресрет на оштетените земјоделци, за да ги обештети“, вели Даути.

Тој додава дека до половината на септември земјоделците можат да поднесуваат барања за субвенционирање на земјоделското и сточарското производство, како по електронски пат од дома, така и во Подрачната единица со помош на службите. Второто е за оние кои не можат сами да ги оформуваат електронските барања.

„При тоа треба да се ажурирани податоците од порано во единствениот регистар, како и да се консултираат ветеринарните друштва. Има заинтересирани и операторите кај нас им помагаат технички“, вели тој.

Даути напоменува дека земјоделците треба да ги проверуваат податоците со неофицијално барање за состојбата кај ситниот добиток и пчелите, бидејќи тука има движење на бројот на стадата, односно продажба.

„Во трите општини во кумановскиот регион најмногу се аплицира за житни култури, градинарство и овоштарство“, појаснува Даути.

Со воведување на електронскиот начин на аплицирање за субвенционирано земјоделско производство земјоделците веќе не се изложени на губење време за чекање пред вратите на подрачната единица. Исто така и веќе нема талкања од една до друга служба заради обезбедување некаква документација неопходна за поднесување барање за субвенции.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG