Вести
Нуклеарните проектили на Северна Кореја закана за безбедноста на САД
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун изјави дека целата територија на Соединетите Држави сега е на дофат на неговите интерконтинентални балистички проектили, додека американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги "преземе сите неопходни чекори" за да ја заштити татковината. Изјавата на Ким, која ја пренесе државната новинска агенција на Северна Кореја, дојде еден ден откако Пјонгјанг го започна својот втор тест за проектилите,за кои официјалните лица рекоа дека се понапредни од првите и кои би можеле да стигнат до Лос Анџелес или Чикаго. Ким тврди дека тестот бил "совршено успешен" и дека е потребен голем чекор кон постигнување на неговата цел да биде во можност да ги погоди САД со нуклеарни боеви глави. Трамп претходно го нарече лансирањето "невнимателено и опасно" и го предупреди Пјонгјанг дека неговите амбиции ќе ја изолираат земјата.
види ги сите денешни вести
Скопјани на протест бараат чист воздух
Скопјани по втор пат месецов изглегоа на протестен марш против загадувањето на воздухот по иницијатива на „Зелен Хуман Град“. Протестот започна пред Министерството за животна средина и просторно планирање, продолжи кон Собранието, па кон Владата, а предвидено е да заврши пред бараките на Град Скопје.
Демонстрантите носеа пароли во рацете на кои пишуваше „Сакаме чист воздух“, „воздухот ни е отров, власта ни е глува“, „од смогот не се гледа иднината“.
Тие заедно со „Зелен Хуман Град“ поставија четири барања за борба против аерозагадувањето во Скопје. Бараат јавен континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува.
„Второто барање се однесува на еколошко загревање на објекти како Детската клиника во Козле, која сè уште се загрева на мазут. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите над автомобилите и четвртото барање е подобро управување со отпадот, изјави Борјан Јовановски од иницијативата „Зелен хуман град“.
Организаторите на протестот рекоа дека поминале две недели откако ги доставиле барањата по одржувањето на првиот протест, но одговор од институциите нема.
„ Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките“, посочија од „Зелен хуман град“ во најавата за протесот.
Скопје честопати се наоѓа меѓу десетте најзагадени градови во светот, но единствената мерка која често се применува е бесплатен јавен превоз кога воздухот е најзагаден три дена по ред.
Организаторите на маршот, минатиот пат соопштија дека протестот се организира бидејќи секоја година од 3.828 до 5000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5.
„Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух“, објави агенцијата на Обединетите нации во септември годинава.
Со концентрации кои во континуитет го загрозуваат здравјето на граѓаните, Северна Македонија со години е рангирана на врвот меѓу земјите со најзагаден воздух во Европа.
Официјалните податоци на државниот мониторинг секоја година покажуваат дека градовите како Скопје, Битола и Тетово имаат високи концентрации на ПМ2,5 и ПМ10 честички, особено во зимските месеци. Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите десет најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.
Муртезани: Мора да го заштитиме пристапниот процес во ЕУ од билатеризација
Мора да го заштитиме пристапниот процес кон Европската Унија (ЕУ) од билатеризација затоа што тоа сега е и проблем на Унијата, тврди министерот за европски прашања Орхан Муртезани во интервју за новинската агенција МИА. Неговата изјава доаѓа по говорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Собранието во кој таа посочи дека сериозна е опасноста од преседаните да се претворат во пракса.
„Билатерализацијата на процесот на пристапни преговори во Европската Унија не станува проблем само за земјите кандидати, туку почнува да станува сериозен проблем и за самата Унија, особено сега кога при затворањето на поглавјата на Црна Гора и Хрватска најави одредени блокади. Исто така, и за други земји кандидати во најава има одредени блокади и билатерализацијата на процесот на пристапување во Европската Унија не создава штета само за земјите кандидати, туку и за Европската Унија“, вели Муртезани.
Тој тврди дека европските институции се свесни за овие проблеми и ги слушаат македонските аргументи со големо внимание.
„Ние на неколку наврати заедно со премиерот сме се обиделе да објасниме дека преземените обврски во однос на спроведувањето на уставните измени стојат како такви, постои политичка волја и спремност тие да се носат, меѓутоа притоа мора ние да го заштитиме процесот од понатамошна билатерализација, особено од една дополнителна причина бидејќи дизајнирањето на процесот на пристапување е при спроведување на одредени реформи и одредени европски стандарди“, вели Муртезани за МИА.
Според него, нема никаква смисла ако овој процес ние го тераме врз основа на одредени историски случувања во 11, 12 или 13 век. Тој се надева дека последните избори во соседна Бугарија ќе завршат со солидна стабилна политичка влада со која ќе седнат да разговараат затоа што билатералните договори создаваат обврски за двете страни.
„А со Договор за добрососедство и пријателство Бугарија е обврзна да не’ поддржува, а не да не’ блокира“, додава тој.
Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во изјава за медиумите по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија на 27 ноември изјави дека очекува Северна Македонија да го промени Уставот.
„Тоа е нешто на коешто сметаме. Ништо помалку, ништо повеќе. Верувам дека тоа е можно, и после тоа навистина да го забрзаме процесот“, порача Кос.
Првата меѓувладина конференција со ЕУ, Северна Македонија ја одржа на 19 јули 2022 година. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Предизборен молк во Хрватска пред претседателските избори
Во Хрватска од полноќ стапи на сила изборниот молк пред претседателските избори кои ќе се одржат в недела, а на кои ќе учествуваат осум кандидати.
Според досегашните политички анкети фаворит е актуелниот претседател Зоран Милановиќ (58), кој повторно влезе во трката за нов петгодишен мандат како кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП) и партнер од централно-левичарските и централните партии, јавува новинската агенцијата Бета.
Предизборните анкети предвидуваат дека Милановиќ во недела нема да може да освои повеќе од 50 отсто од гласовите кои излегле на гласање, што е неопходно за победа во првиот круг, но дека во вториот круг ќе се соочи со кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац.
Право на глас имаат речиси 3,8 милиони гласачи, од кои околу 250.000 се активно регистрирани во странство.
За изборите ќе бидат отворени над 6.750 избирачки места.
Изборниот молк ќе трае до затворање на гласачките места во недела во 19 часот, кога се очекуваат првите резултати од излезните анкети.
Државната изборна комисија од 20 часот ќе почне да ги објавува првите нецелосни резултати.
Владејачката партија во Косово ја оспорува одлуката за учество на Српската листа на изборите
Косовската владејачка партија, Движењето Самоопределување, во петокот поднесе жалба до Врховниот суд против одлуката на Избирачкиот совет за жалби и претставки, со кој се наложува на Централната изборна комисија (ЦИК) да го потврди учеството на Српската листа на изборите на 9 февруари.
На 23 декември ЦИК одби да ја верификува изборната листа на Српската листа, најголемата партија на Србите во Косово која има поддршка од српските власти, бидејќи претставниците на владејачката партија, Движењето Самоопределување во Комисијата се спротивставија верификацијата на истата партија, наведувајќи дека не ја признава државата Косово.
Во своето решение објавено на 25 декември, Избирачкиот совет за жалби и претставки наведува дека Управата за регистрација, верификација и финансиска контрола на политичките субјекти препорачала проверка на Српската листа во согласност со Законот за општи избори и другите правила на ЦИК.
Според одлуката на Избирачкиот совет за жалби и претставки, Српската листа ги исполнила критериумите по доставување на „политичка изјава“, листа на кандидати и пријава за секој кандидат.
Меѓутоа, во петокот заменик-министерот за правда Блерим Салах поднел жалба до Врховниот суд во име на движењето Самоопределување на одлуката на Избирачкиот одбор за жалби и претставки, јавуваат локалните медиуми.
Претставниците на владејачката партија го оправдаа своето противење да се потврди учеството на Српската листа на изборите, велејќи дека партијата не ја признава државата Косово и продолжува да ја нарекува автономна покраина Србија, „Косово и Метохија“.
На состанокот одржан во понеделникот за проверка на Српската листа гласаше само претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи.
Двајца членови на Самоопределување, Сами Куртеши и Албан Красниќи гласаа против, а останатите беа воздржани.
Аријанит Елшани од опозициската партија Демократска партија на Косово го оправда својот воздржан при гласањето, нагласувајќи дека проверката на Српската листа била препорачана од Канцеларијата за регистрација на политички партии.
Одлуката на Избирачкиот совет за жалби и претставки ја поздрави Српската листа, која одлуката на ЦИК ја окарактеризира како обид за „елиминација на Српската листа“ од изборниот процес.
Сето ова, според оваа партија, е направено со цел „да се фаворизираат Србите кои се подобни за (премиерот на Косово, Албин) Курти, бидејќи се било реализирано директно по негова наредба и било политички мотивирано.
Познавачите на политичките настани во Косово по одлуката на ЦИК за РСЕ изјавија дека одлуката да не се верификува списокот на Српската листа е дел од предизборната кампања.
САД, Германија и Европската Унија изразија загриженост поради одлуката на ЦИК да не ја верификува изборната листа на Српската листа.
Српската листа најави дека ќе учествува на изборите на 9 февруари по периодот на бојкот на политичките процеси на Косово.
Во 2022 година, членовите на таа партија колективно поднесоа оставки од институциите на Косово, како знак на противење на одлуките на косовските власти за проширување на јурисдикцијата на целата територија на земјата.
Трамп бара од Врховниот суд да се одложи забраната за ТикТок
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп побара од Врховниот суд да го одложи спроведувањето на законот со кој може да се забрани социјалната мрежа ТикТок или да се принуди да се продава.
Трамп тврди дека му е потребно време по преземањето на функцијата за да се обиде да го реши ова прашање политички. Врховниот суд планира да ги слушне аргументите на Трамп за случајот на 10 јануари.
Законот ќе бара од кинескиот сопственик на ТикТок, БајДанс (ByteDance), да ја продаде платформата на американска компанија или ќе се соочи со забрана.
Американскиот Конгрес во април гласаше за забрана на ТикТок освен ако кинеската компанија одлучи да ја продаде апликацијата до 19 јануари.
Основачот на социјалната платформа ТикТок, кој има повеќе од 170 милиони корисници во САД, се спротивставуваат со тужба на ова законско решение пред Врховниот суд.
Меѓутоа, ако судот не пресуди во нивна корист и продажбата не се реализира, апликацијата може ефективно да биде забранета во САД на 19 јануари, ден пред Трамп да ја преземе функцијата.
„Претседателот Трамп не зазема став за основаноста на овој спор“, се наведува во писмото на новоизбраниот американски претседател до Врховниот суд.
„Наместо тоа, тој со почит бара од Судот да размисли за одложување на продажбата на ТикТок до 19 јануари 2025 година, во очекување на одлуката за основаноста на овој случај, што ќе и овозможи на новата администрација на претседателот Трамп политички да го реши ова прашање.
Писмото на Трамп го испрати неговиот адвокат Џон Саур и кандидат за државен обвинител на САД.
Поддршката на Трамп за ТикТок претставува пресврт од 2020 година, кога тој се обиде да ја забрани апликацијата во САД и да ја принуди нејзината продажба на американски компании поради нејзината кинеска сопственост.
За време на претседателската кампања во 2024 година, Трамп се приклучи на ТикТок, а неговиот тим ја користеше апликацијата за да се поврзе со помладите гласачи. Во декември, Трамп се состана со главниот извршен директор на ТикТок, Шо Зија Шев, по што изјави дека Тик ток треба да продолжи да работи во САД барем на некое време. Трамп за време на претседателската кампања добил милијарди прегледи на оваа платформа.
Зеленски: Загинаа неколку севернокорејски војници
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „неколку“ севернокорејски војници, кои биле тешко ранети при борбите заедно со руските сили, загинале откако биле заробени од украинските војници на бојното поле. Зеленски ја обвини Москва дека не се грижи за нивниот опстанок.
Зеленски изјавија дека војниците испратени во Русија од Пјонгјанг претрпуваат големи загуби во борбите во рускиот регион Курск.
„Севернокорејската војска претрпе многу загуби. Одлично. И можеме да видиме дека руската војска и севернокорејските извршители воопшто немаат интерес за опстанокот на овие Корејци. Сè е уредено на начин што ни оневозможува да ги фатиме Корејците како затвореници, нивниот сопствен народ ги егзекутира. Има такви случаи. И Русите ги испраќаат во напади со минимална заштита“, изјави Зеленски во неговото видео обраќање на 27 декември.
Тој не обезбеди докази за да ги поткрепи таквите тврдења и тие не можеа да бидат независно проверени. Додаде дека украинските војници успеале да заробат некои затвореници.
„Но, тие беа многу тешко ранети и не можеа да се спасат“, посочи Зеленски.
Забелешките дојдоа откако Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја соопшти дека севернокорејски борец починал од раните здобиени пред неговото апсење од украинските трупи за специјални операции во регионот Курск.
„Потврдивме преку сојузничката разузнавачка агенција дека севернокорејскиот војник, кој беше заробен на 26-ти, почина пред малку поради сериозни повреди“, се вели во соопштението.
На 26 декември, украински медиум објави дека војник за кој се верува дека е Севернокорејец бил заробен од украинските сили за специјални операции во регионот Курск.
Обвинителството на БиХ бара притвор за министерот Нешиќ
Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) побара притвор за министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, кој е осомничен за корупција, беше објавено на 28 декември. Нешиќ беше уапсен на 26 декември, во заедничка акција на Обвинителството на Босна и Херцеговина и Министерството за внатрешни работи на Република Српска (РС).
Тој е осомничен за висока корупција и перење пари. Покрај Нешиќ, уапсени се и Милан Дакиќ, директор на јавното претпријатие „Патишта на РС“, потоа Младен Лучиќ, кој е брат на поранешниот министер во Советот на министри на БиХ, Милош Лучиќ, и уште четири други лица.
Тие се сомничат дека извршиле повеќе кривични дела додека биле на менаџерските позиции во јавното претпријатие теви РС“ и една приватна фирма. Станува збор за кривични дела како перење пари, злоупотреба на службената положба и примање поткуп. Како што соопштија од Обвинителството, причинета е милионска штета на сметка на јавното претпријатие .
Ненад Нешиќ е министер за безбедност на БиХ од 2022 година, а директор на „Патишта РС“ беше од 2016 до 2020 година.
Деветто обвинение за Мерко и одземен пасош
Основниот Суд во Струга му го одзема пасошот на градоначалникот Рамиз Мерко како мерка за претпазливост. Според барањето на обвинителите, Мерко треба една неделно да се јавува во Судот, а мерките се побарани поради опасност од бегство.
Струшкото обвинителство против него поднесе и уште едно обвинение, деветто обвинение по ред, откако минатата година беше ставен на американската „црна листа“.
Струшкиот надлежен обвинител го обвинува Мерко дека како градоначалник на општина Струга, во март годинава, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.
„Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон“, се вели во обвинителското соопштение.
Со ова обвинение против Мерко, во судовите во Струга и Битола, ќе се водат вкупно девет судски постапки, при што во секоја од нив има и можност од затворска казна.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од политичката партија ДУИ на 9 јуни 2023 година се најде на „црната листа“ на САД поради корупција и мешање во судски процеси. Според соопштението од Стејт Департментот тој присвојувал државни средства, се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции.
Мерко е обвинет и за незаконски поставување на директори на училишта и други институции, како и за злоупотреба на службената положба при набавката на службеното луксузно возило „ауди а6“ од 67 000 евра на трошок на Општината. Тој го набавил автомобилот во услови кога општината се наоѓаше во долгови и со блокирана сметка, а обврските и се сервисираа преку релоцирање средства од централниот буџет на државата.
Јавниот превоз ќе продолжи да биде бесплатен за студентите и пензионерите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека во вторник на 31 декември на владина седница ќе биде донесена одлука за продолжување на бесплатниот превоз за студентите во главниот град, со оглед на тоа дека испитните сесии започнуваат во јануари.
„Средствата се обезбедени во рамките на Буџетот на Министерството за образование и наука за следната година и на редовната владина седница во вторник на 31 декември, ќе донесеме откако веќе се исконсултирав со министерката, ќе донесеме одлука. Да се потпише договор за да можат тие средства веднаш да бидат префрлени на Јавното сообраќајно претпријатие, бидејќи сесијата започнува во јануари, да може студентите беспрекорно да користат го јавниот превоз во градот Скопје“, изјави премиерот.
Претходно, билетарниците на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ не им ги продолжуваа годишните карти за наредната година на студентите за бесплатен јавен превоз во Скопје.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Александар Николоски, изјави дека пратиле апел до Владата, Министерството за образование и наука, Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска и до ЈСП „Скопје“, како што рече, „да се произнесат јавно дали се предвидени средства за бесплатен превоз на студентите во градот Скопје“.
НАТО го зголемува присуството во Балтичкото Море по сомневањата за саботажа на подморските кабли
НАТО во петокот објави дека ќе го зголеми своето присуство во Балтичкото Море по сомневањата за саботажа на подморскиот кабел за напојување Естлинк 2 и четири интернет линии.
„Се договоривме со Естонија и му кажавме на генералниот секретар на НАТО Марк Руте дека наша желба е да имаме посилно присуство на НАТО“, рече финскиот претседател Александар Стуб на прес-конференција.
Руте рече дека разговарал со Стуб за финската истрага, изразувајќи ја својата поддршка.
„НАТО ќе го зголеми своето воено присуство во Балтичкото Море“, напиша Руте на социјалната платформа Х.
Претходно, вооружените сили на Естонија започнаа поморска операција за заштита на подводниот енергетски кабел Естлинк 1 во Балтичкото Море, изјави во петокот министерот за надворешни работи Маргус Цахна.
„Доколку постои закана за критичната подморска инфраструктура во нашиот регион, ќе има и одговор“, напиша Цахна на социјалната мрежа Х.
Финските власти во четвртокот запленија брод што превезувал руска нафта во Балтичкото Море поради сомнение дека еден ден претходно предизвикал прекин на подморскиот кабел за напојување што ги поврзува Финска и Естонија, како и оштетување или прекинување на четири интернет линии.
Земјите на Балтичкото Море се во состојба на висока готовност за можни акти на саботажа по серијата дефекти од 2022 година на електрични и телекомуникациски кабли и гасоводи, иако опремата на подморницата е подложна на технички дефекти и несреќи.
Поправката на 170 километри долгата интерконекција Естлинк 2 ќе трае со месеци, а дефектот може да доведе до потешкотии кога станува збор за снабдувањето со електрична енергија во текот на зимата, соопшти финскиот оператор Фингрид.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете