Достапни линкови

Вести

Судењето за обидот за пуч во Црна Гора во септември

Обезбедување пред судот каде се одвива рочиштето за обидот за пуч во Црна Гора.
Обезбедување пред судот каде се одвива рочиштето за обидот за пуч во Црна Гора.

Наредното рочиште за обидот за државен удар во Црна Гора за време на изборите во минатата година ќе се одржи на 6 септември. Судењето беше одложено поради барање на одбраната за смена на обвинителот. Во случајот осомничени се четиринаесетмина, вклучувајќи и двајца проруски опозициски лидери. Меѓу осомничените се и деветмина српски државјани, како и двајца Руси.

Според црногорските власти, тие биле организирани да го заземат парламентот за време на парламентарните избори, да го убијат тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ и да инсталираат проруско раководство со цел да го спречат влегувањето на Црна Гора во НАТО. Подгорица исто така смета дека во целиот заговор биле вклучени и руски државни тела, но Москва ги отфрла ваквите наводи.

види ги сите денешни вести

Руте: НАТО е загрижен за ситуацијата во БиХ и Косово

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Европскиот парламент, Брисел, 13 јануари 2024 година.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Европскиот парламент, Брисел, 13 јануари 2024 година.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска (13 јануари) рече дека Северноатлантската алијанса е особено загрижена за ситуацијата како во Босна и Херцеговина, така и во Косово.

Говорејќи во Европскиот парламент за ситуацијата во Босна и Херцеговина, Руте подвлече дека е од суштинско значење да не се создава безбедносен вакуум во земјата. Тој ја изрази својата целосна поддршка за мисијата АЛТЕА и додаде дека алијансата ќе одржува блиски контакти на сите нивоа за да обезбеди заеднички ефикасно да се управува со сите потенцијални предизвици во БиХ.

Осврнувајќи се на безбедносната ситуација во Косово, шефот на најголемата воена организација потврди дека претставниците на НАТО се во редовен контакт со Приштина и Белград, особено во предизборната кампања во Косово со цел да се спречат можни тензии.

„Ние сме во контакт и со Косово и со Србија за да обезбедиме изборите што ќе се одржат на почетокот на февруари да не доведат до дестабилизација. Ова е исто така клучно“, рече шефот на Алијансата.

Тој подвлече дека е неопходно да се посвети посебно внимание на регионот на Западен Балкан, кој го нарече клучно соседство.

Руте изрази „длабока загриженост“ за безбедносната ситуација на европскиот континент поради кампањата која ја води Русија.

„Не сме во војна, но не може да се каже дека сме во мир“, изјави генералниот секретар на алијансата.

Тој им порача на Европејците дека е неопходно да се инвестира во одбраната. Инаку, подвлече, „подгответе се да го научите рускиот јазик или бегајте во Нов Зеланд“.

И поранешната македонска министерка за одбрана, а актуелна заменичка на Руте, Радмила Шекеринска, вели дека за да се справи со сè потурбулентното безбедносно опкружување, Алијансата мора да ги зголемува трошоците за одбраната и одбранбеното производство.

Ова го порача за време на нејзиното денешно обраќање на Годишната национална конференција на здружението „Народ и одбрана“ во Селен, Шведска.

Фицо го кани Зеленски на разговор за рускиот гас, тој одговори: „Дојдете во Киев“

Комбинирана фотографија од словачкиот премиер Роберт Фицо и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Комбинирана фотографија од словачкиот премиер Роберт Фицо и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска (13 јануари) го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски на разговор за транзитот на гас поради спорот околу одлуката на Киев да не ги обнови договорите за транзит на руски гас.

Во краток одговор, Зеленски го покани Фицо да го посети Киев во петок.

„Во ред. Дојдете во петок во Киев“, напиша Зеленски на мрежата Х.

Украина го прекина протокот на гас кон Европа на почетокот на годината по истекот на транзитниот договор меѓу Киев и Москва, со цел да се спречи Москва да добива приходи од енергија и да ги користи за финансирање на инвазијата врз Украина што започна во февруари 2022 година.

Фицо бара обновување на транзитот, велејќи дека исклучувањето на гасот ја чини Словачка, која граничи со Украина, повисоки цени и изгубени такси за понатамошен транзит на гас во Европа.

Откако Фицо и рускиот претседател Владимир Путин се сретнаа во Москва во декември, Зеленски го обвини словачкиот премиер дека сака да му „помогне“ на Путин да заработи пари за финансирање на војната.

Во отвореното писмо до Зеленски, објавено од неговиот кабинет денеска, словачкиот премиер изјави дека средбата може да се одржи во Словачка во близина на границата со Украина и дека може да се искористи за разговори за технички решенија за проблемот.

„Таквата средба ќе создаде добра основа за отворена дискусија за снабдување со гас на Словачка и други земји преку украинска територија“, рече Фицо.

Тој претходно изјави дека е блиску до договор според кој испораките на гас преку Украина ќе продолжат така што прво би се сменила сопственоста над гасот.

Фицо рече дека на самитот на ЕУ во декември, Зеленски одбил да ја продолжи испораката на руски гас преку Украина.

Тој тврди дека Европа претрпела загуби од повеќе милијарди евра поради растот на цената на бензинот предизвикан од недостигот од околу 13,5 милијарди кубни метри гас што тече низ Украина, вклучително и околу три милијарди кубни метри за Словачка.

Фицо минатата недела се закани дека ќе го прекине вонредното снабдување со електрична енергија на Украина бидејќи Русија ја напаѓа нејзината електрична мрежа или дека ќе ја намали помошта за украинските бегалци. Тој, исто така, рече дека неговата влада би можела да ја запре хуманитарната помош или да го искористи правото на вето врз одлуките на ЕУ за Украина.

Извор: Ројтерс

САД ја означи екстремната десничарска мрежа „Терорграм“ како терористичка група

Зградата на Стејт департментот во Вашингтон, Октомври 2024 година
Зградата на Стејт департментот во Вашингтон, Октомври 2024 година

Соединетите Американски Држави денеска (13 јануари) воведоа санкции за екстремно десничарската онлајн мрежа „Терорграм“, означувајќи ја како терористичка група и обвинувајќи ја за промовирање на насилна надмоќ на белата раса.

Американскиот Стејт департмент во соопштението наведе дека групата, која првенствено функционира на социјалната мрежа Телеграм, и тројца нејзини лидери – од Хрватска, Јужна Африка и Бразил – се обележани како специјално означени глобални терористи.

Стејт департментот соопшти дека таа група мотивирала и овозможила напади и обиди за напади, вклучително и вооружен инцидент во 2022 година пред ЛГБТК бар во Словачка, планиран напад на енергетски објекти во Њу Џерси во 2024 година и напад со нож во август во џамија во Турција.

„Групата промовира насилна надмоќ на белците, поттикнува напади против перцепирани противници и обезбедува упатства и инструкциски материјали за тактиките, методите и целите на нападите, вклучително и критичната инфраструктура и владините службеници“, соопшти Стејт департментот.

Мерките на Стејт департментот ги замрзнуваат средствата на групата во САД и им забрануваат на Американците да имаат односи со неа.

Сиро Даниел Амприм Фереира од Бразил, кој е администратор на каналот „Терорграм“, Ноа Ликул од Хрватска и Хендри-Вал Мулер од Јужна Африка, кој е исто така администратор на каналот, се идентификувани како лидери на групата.

Во септември, американските обвинители пондесоа кривични пријави против двајца од наводните водачи на групата, тврдејќи дека користеле Телеграм за поттикнување напади врз афро-американци, Евреи, ЛГБТК луѓето и имигранти со цел да поттикнат расна војна.

Велика Британија во април објави дека ќе ја забрани групата „Терорграм“ како терористичка организација, што значи дека членството во групата или нејзиното промовирање би станало кривично дело во таа земја.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој ја критикуваше идејата дека белата раса има надмоќ во однос на другите, ја започна првата национална стратегија за борба против домашниот тероризам во 2021 година. Ова вклучи ресурси за идентификување и кривично гонење на заканите и нови средства за одвраќање за да се спречи Американците да им се придружат на опасните групи.

Извор: Ројтерс

Прва трансплантација на коска од починат донор на прсти кај 13-годишник

„За првпат кај нас е извршена ваков тип на трансплантација“, соопштуваат од Министерството за здравство.
„За првпат кај нас е извршена ваков тип на трансплантација“, соопштуваат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство (МЗ) попладнево (13 јануари) информира за успешна трансплантација на Клиниката за ортопедија, со имплант, односно коска од починат донор, на два прста кај 13-годишно дете со брахидактилија.

Според информациите од МЗ, во Северна Македонија за прв пат е извршен ваков тип на трансплантација, а детето има уреден постоперативен тек.

Проф.д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација во објавата на социјалните мрежи му честиташе на тимот предводен од д-р Даница Поповска и доц. д-р Илир Шабани.

„Ќе продолжиме со уште посилно темпо заедно со сите чинители да ја подигнуваме свесноста за овој највисок акт на човекољубие“, истакна проф. д-р Кузмановска.

Најголем напредок во трансплантацијата, покажуваат бројките, е постигнат во 2021 година кога имало девет донори, па се трансплантирани пет срца, 16 бубрези и се направени седум коскени трансплантации.

Од 2020 година до март 2024 година се трансплантирани 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива, вкупно 77 органи, според податоците што ги објавуваше Министерството за здравство.

Во историјата на македонското здравство, првата трансплантација на бубрези е направена во Македонија во времето на Југославија во 1977 година, две децении после првата трансплантација во светот, во 1954 во САД.

За 47 години во Македонија се направени повеќе од 500 трансплантации на бубрези. Јубилејната 500 трансплантација беше направена минатата 2023 година, кај 25 годишна пациентка.

ЕК негира дека ја прикрила здравствената состојба на фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, 27 ноември 2024 година.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, 27 ноември 2024 година.

Европската комисија (ЕК) денеска (13 јануари) негираше дека се обидела да ја прикрие здравствената состојба на својата претседателка Урсула фон дер Лајен, која беше хоспитализирана поради тешка пневмонија.

Фон дер Лајен (66) во септември го започна својот втор петгодишен мандат на чело на Европската комисија.

На 3 јануари комисијата изјави дека Фон дер Лајен има „тешка пневмонија“ и дека нејзините активности во следните две недели се откажани.

Детали за нејзината состојба или како за тоа како се разболела не се објавени, иако германската новинска агенција ДПА подоцна објави дека таа била примена во болница. Ова покрена прашања за транспарентноста во моќната извршна власт на ЕУ.

На новинарско прашање зошто се сокриени вестите за нејзината хоспитализација, портпаролката на Европската комисија Пола Пињо изјави: „Рековме дека претседателката имаше тешка пневмонија“.

Пињо рече дека медиумите биле информирани оти претседателката ги откажала своите состаноци на почетокот на јануари, но примала важни телефонски повици, вклучително и од италијанската премиерка Џорџа Мелони и дека можела да ги извршува своите должности.

„Затоа ви дадовме критични информации за здравствената состојба на претседателката, така што кажавме каква болест има и колку е сериозна“, рече Пињо одговарајќи на новинарски прашања, без да објасни зошто се сокриени детали од болницата.

Додаде дека претседателката „добро закрепнува“ и треба да се врати во Брисел во нејзината канцеларија на Комисијата, на крајот на оваа недела.

Фон дер Лајен обично има напорен распоред на патувања. Таа следната недела треба да присуствува на седницата на Европскиот парламент во Стразбур, Франција и на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

По преземањето на функцијата во 2019 година, фон дер Лајен ги предводеше напорите на ЕУ за обезбедување вакцини против КОВИД-19 и беше меѓу главните поддржувачи на Украина за време на руската инвазија. Со ослабените влади во Франција и Германија, таа се обиде да одигра поголема улога во активностите на Европската унија.

Извор: АП

Џихадистите убиле најмалку 40 фармери во западна Нигерија

Опустошено село по напад на членовите на џихадистичката група Боко Харам во североисточна Нигерија, 28 јули 2019 година.
Опустошено село по напад на членовите на џихадистичката група Боко Харам во североисточна Нигерија, 28 јули 2019 година.

Припадници на екстремистички исламски групи убиле најмалку 40 земјоделци во североисточната нигериска држава Борно, изјави денеска (13 јануари) владин претставник.

Борците на „Западноафриканска провинција на Исламска држава“ (ISWAP), која застана на страната на т.н. Исламска држава, вчера приведоа десетици земјоделци на обалата на езерото Чад и ги стрелаа, наведува во соопштението, Усман Тар, државен комесар за информации во Борно.

Земјоделците, според Тар, излегле од безбедните зони во кои војниците овозможуваат земјоделие и риболов, во област која е засолниште за милитантите на ISWAP и ривалот Боко Харам.

Гувернерот на Борно, Бабагана Умара Зулум, ги предупреди цивилите да останат во безбедните зони од каде армијата ги отстрани и екстремистите и муницијата и повика и на истрага за нападот.

Во 2009 година, групата Боко Харам започна вооружена борба против западното образование и за да ја наметне својата радикална верзија на исламскиот закон. Конфликтот се прелеа преку границата и кон северните соседи на Нигерија.

Според ОН, убиени се околу 35.000 цивили, а повеќе од два милиони се раселени во североисточниот регион.

Извори: АП, АФП

Шекеринска: Путин сакаше помалку, а доби повеќе НАТО

Радмила Шекеринска, заменик генерална секетарка на НАТО
Радмила Шекеринска, заменик генерална секетарка на НАТО

Патот кон членство во НАТО може да потрае подолго од очекуваното, барем така беше во случајот со Северна Македонија, а знаеме со какви предизвици се соочи и Шведска, но таа успеа да ги реши и сега е дома. Ова го изјави заменик генералната секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска, во обраќањето на Годишната национална конференција на здружението „Народ и одбрана“ на тема „Ковање на иднината: Стратешката визија на НАТО под новото раководство“, што се одржува во шведскиот град Селен.

„Вашето членство во НАТО е добро за стабилноста на Далечниот Север, Балтикот и пошироко“, рече Шекеринска во Шведска.

Таа ја нагласи важноста на членството во НАТО, особено кога е присутна закана од Русија во различни форми.

„Свесни сме и будни сме. Знаеме дека во НАТО нашите народи се побезбедни заедно отколку сами. Кога (рускиот) претседател (Владимир) Путин ја започна својата целосна инвазија на Украина пред речиси три години, тој сакаше помалку НАТО. Сега доби повеќе НАТО. Членството во НАТО е огромна одговорност за секој сојузник, без разлика дали е основач или најнова членка, како Шведска“, рече Шекеринска.

Според неа, за да се справи со сè потурбулентното безбедносно опкружување, Алијансата мора да ги зголемува трошоците за одбраната и одбранбеното производство.

Таа потенцира дека вкупните воени трошоци на Русија ќе достигнат најмалку седум или осум отсто од рускиот БДП и таа заедно со Кина, Иран и Северна Кореја имаат за цел да го дестабилизираат глобалниот поредок, да ги ослабат Европа и Северна Америка и да ги поткопаат нашите слободи.

„Ние сме подготвени да ги браниме нашите граѓани и нашата територија денес, но не можеме да го гарантираме тоа за во иднина, доколку не преземеме акција сега. Генералниот секретар и јас се согласуваме дека сојузниците мора да се префрлат на размислување како во време на војна. Треба да ги зголемиме одбранбеното производство и трошоците за одбраната за да можеме да продолжиме да гарантираме дека нашите луѓе се безбедни“, додаде Шекеринска.

Радмила Шекеринска е нов заменик генерален секретар на НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:06 0:00

Воената Алијанса во ноември минатата година објави дека поранешната македонска министерка за одбрана Шекеринска ќе биде назначена за заменик - генерална секретарка на НАТО.

Со ова назначување таа стана највисокиот функционер во Алијансата досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија.

Пополнувањето на заменичката позиција беше приоритет за генералниот секретар Марк Руте, кој ја презеде оваа функција на 1 октомври, по 14 години како холандски премиер.

Примарната улога на заменикот на генералниот секретар е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.

Српските студенти се оградија од екстремистичките и националистичките симболи на протестите

Студентски индекси на протест пред Уставниот суд во Белград, 12.01.2025
Студентски индекси на протест пред Уставниот суд во Белград, 12.01.2025

Студентите кои се дел од блокадите во Србија, денеска (13 јануари) се оградија од екстремистичките организации и националистичките обележја кои се појавија еден ден претходно за време на протестот пред Уставниот суд во Белград.

„Присуството на нивните знамиња и транспаренти во првите редови на протестот не е во согласност со нашите вредности и цели“, се вели во соопштението.

Дел од учесниците на протестот носеа и знамиња со симболи на ентитетот на Босна и Херцеговина, Република Српска, како и транспаренти со натпис „Нема предавање“ и нацртана карта на Косово, чија независност српската влада не ја признава.

Во соопштението студентите нагласуваат дека блокадите немаат идеолошка агенда.

„Не поддржуваме никакви форми на сепаратизам или поларизација во општеството. Наша единствена цел е исполнување на конкретните барања за кои влеговме во блокадите“, најавуваат студентите.

Тие ги повикаа сите учесници и поддржувачи да се фокусираат на заедничките цели и да се воздржат од истакнување симболи кои можат да доведат до поделба.

На повик на студентите кои ги блокираат факултетите, неколку десетици илјади демонстранти протестираа на 12 јануари пред Уставниот суд во Белград.

Во текот на изминатиот месец и половина во Србија беа блокирани повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети.

На блокадите на факултетот претходеа протести кои почнаа со барање да се утврди политичка и кривична одговорност за несреќата во Нови Сад - каде 15 лица загинаа, а двајца тешко беа повредени при падот на настрешницата на железничката станица, на 1 ноември.

Неколку масовни протести, на кои се собраа десетици илјади граѓани, беа одржани и на покана на студентите кои ги блокираат факултетите, а пред Владата истакнуваат неколку барања.

Меѓу нив е и објавувањето на комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад и падот на настрешницата, за да се утврди одговорноста за несреќата.

Исто така, бараат да бидат идентификувани и кривично гонети напаѓачите на демонстрантите на протестите кои по несреќата се одржуваат ширум Србија.

Се бара и ослободување на уапсените активисти на протестите и запирање на кривичната постапка против нив, како и зголемување на буџетот за универзитетите.

Претставници на власта тврдат дека се исполнети сите услови и ги повикуваат студентите да ги отворат факултетите.

Академците, пак, велат дека барањата се делумно исполнети и дека прекинот на работата на факултетите продолжува.

Путин и Пезешкијан неделава ќе потпишат договор за стратешко партнерство

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и рускиот претседател Владимир Путин на самитот на БРИКС во Казан, Русија, 23 октомври 2024 година.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и рускиот претседател Владимир Путин на самитот на БРИКС во Казан, Русија, 23 октомври 2024 година.

Русија и Иран ќе го потпишат долгоочекуваниот сеопфатен пакт за „сеопфатно стратешко партнерство“ на 17 јануари за време на посетата на Русија на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, соопшти денеска (13 јануари) Кремљ.

„Владимир Путин на 17 јануари ќе разговара со претседателот на Исламската Република Иран, Масуд Пезешкијан, кој ќе престојува во официјална посета на Русија“, соопшти Кремљ.

Според соопштението, двајцата лидери ќе разговараат за опциите за понатамошно проширување на врските меѓу Москва и Техеран, вклучувајќи трговија и инвестиции, транспорт и логистика и за хуманитарниот дел.

Иран се подготвува да извезе балистички ракети „Фат-360“ и „Абабил“ во Русија, се наведува во новото известување.

Путин и Пезешкијан ќе разговараат и за регионални и меѓународни прашања, додаде Кремљ.

Русија ги зајакнува врските со Иран и други земји кои се непријателски настроени кон САД, како што е Северна Кореја, од почетокот на војната во Украина.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во октомври изјави дека Москва и Техеран имаат намера да потпишат пакт за стратешко партнерство што ќе вклучи поблиска одбранбена соработка.

САД во септември го обвинија Техеран дека и доставува балистички ракети на Русија кои ги користи против Украина и воведоа санкции за бродови и компании за кои рекоа дека се вклучени во снабдувањето на Иран со оружје. Техеран негира дека и дал проектили на Москва.

Извори: Ројтерс, АФП

„Гаспром“ размислува за над 1000 отпуштања по прекинот на извоз во ЕУ

Лого на руската компанија за гас, Гаспром, 6 јуни 2024 година.
Лого на руската компанија за гас, Гаспром, 6 јуни 2024 година.

Рускиот гасен гигант Газпром размислува за отпуштање на повеќе од илјада вработени вработени во администрацијата, потврди портпаролот на компанијата која ја потресе прекинот на извоз во Европа.

На 1 јануари Украина стави крај на децениските договори за транзит на руски гас – зделки кои им донесоа милијарди долари и на Киев и на Москва - во обид да ги намали приходите на Русија, која започна инвазија пред речиси три години.

Портпаролот на Гаспром денеска (13 јануари) за АФП ја потврди автентичноста на писмото кое кружи во руските медиуми во кое висока функционерка предлага да се отпуштат луѓе од околу 40 отсто од работните места во седиштето на компанијата во Санкт Петербург.

Во писмото од 23 декември 2024 година до шефот на Гаспром, Алексеј Милер, заменик-претседателката на компанијата, Јелена Иљухина, вели дека компанијата треба да го намали бројот на вработени во седиштето од „повеќе од 4.100“ на „2.500 вработени“.

„Предизвиците со кои се соочува групацијата Гаспром бараат намалување на времето потребно за подготовка и донесување одлуки“, се вели во писмото Иљухина, критикувајќи ги „прекумерните бирократски процеси“ и наведувајќи ги предложените кратења.

Предложените отпуштања нема да влијаат на вработените во производствените капацитети.

Гаспром, некогаш еден од главните извори на приход за руската влада, забележа нето загуба од речиси 7 милијарди долари во 2023 година, што е прва загуба на компанијата во повеќе од две децении.

Компанијата има монопол на извоз на руски гас преку гасоводи и се обидува да ги префрли своите испораки на нови пазари.

Русија покривала речиси 45 отсто од вкупниот увоз на гас во ЕУ во 2021 година, а во 2023 година тоа се намалило на помалку од 15 отсто, според статистиката на ЕУ.

Брисел сака ЕУ целосно да ја намали употребата на руските фосилни горива до 2027 година.

Гаспром ја зголеми продажбата за Кина во последните години, но Пекинг допрва треба да одобри нов долгорочен договор за снабдување или договор за изградба на нов голем гасовод.

Проектот за кој долго се дебатира, наречен Моќта на Сибир 2, ќе му овозможи на Гаспром да го пренасочи гасот кон Кина од полињата што некогаш ја снабдувале Европа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG