Околу 200 пациенти во моментов се на листа на чекање за трансплантација на орган, додека од почетокот на 2024 година е направена само една трансплантација од кадавер (пациент со мозочна смрт), покажуваат податоците до кои дојде Радио Слободна Европа (РСЕ) по разговорите со лекари и со здруженија на пациенти.
Директорите на клиники вклучени во процесот велат дека тие редовно подготвуваат пациенти за пресадување орган, но пациентските организации сведочат за застој.
Пресадување органи од жив дарител се прави на клиниките, но проблемот е кај кадаверичната трансплантација - онаа што здравствените власти со години се обидуваат да ја заживеат во Северна Македонија.
Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ вели дека реализацијата во 2024 е многу мала во споредба со реалните потреби на пациентите.
„За жал, може да констатираме дека има застој во трансплантациите или се прават со многу помала динамика во оваа година. Програмата за трансплантација од жив донор во првата половина од 2024 само делумно се реализира со три трансплатации во јуни. Уште еден поразителен факт е што годинава имаше само еден кадавер досега кога се донирани и трансплантирани два бубрега“, вели Ѓорѓиев за РСЕ.
Од истиот дарител се пресадени и срце и црн дроб.
Застој забележале и во здружението на пациенти со механичка потпора на срцето „Храбро срце“.
„Ни изгледа дека во таа сфера, се е запрено. Имаме индиции дека ќе биде подобро, но тоа треба да реши. Кај нас никогаш не е изведена трансплантација на срце на пациент кој има механичка потпора на срце. Веруваме во докторите, знаеме дека можат да го направат тоа, но им треба поддршка и од надлежните. Јас, а и други пациенти, веднаш би се согласиле на таква трансплантација“, изјави Васко Јолевски, претседател на „Храбро срце“, за РСЕ.
Јавноста беше трогната од успесите на кадаверичната трансплантација пред четири години, кога органодарителството беше поттикнатоод хуманиот гест на семејството на Емилија Динева и следната 2021 година со дарувањето на органите на Верица Белчовска, откако двете настрадаа во сообраќајни несреќи.
Со пресадување на нивните органи беа спасени повеќе животи.
Најмногу и најдолго се чекаат бубрези
На листата на чекање, најбројни се пациентите со бубрежна болест, повеќе од 150.
Срце чекаат 30 пациенти, а уште дваесетина се надеваат на црн дроб од дарител.
Кога нема сроден дарител, кадаверичната трансплантација е единствен избор за нив.
„Ако решението за излекување на хроничната бубрежна болест е трансплантација, треба да им се овозможи на пациентите таа да се реализира. Трансплантацијата е сложен процес за кој треба да се изгради вистински систем и не треба да биде оставена да се потпира на ентузијазмот на поединци“, вели Ѓеоргиев од „Нефрон“.
Тој смета дека реалната бројка на пациенти за трансплантација на бубрег е поголема, бидејќи пациентите не ги прават потребните испитувања и не се запишуваат на листата за чекање затоа што испитувањата чинат пари и време, а важат само одреден период.
Во Северна Македонија има околу 1.600 пациенти на дијализа. Во „Нефрон“ сметаат дека поголемиот дел од нив би биле кандидати за трансплантација кога би имале развиен и функционален систем и можност за навремена трансплантација на секој пациент.
Избори, смени и компресорска станица
Владата на почетокот на јули ја разреши Маја Мојсова - Мијовска, која до тогаш беше Национална координаторка за трансплантација. Новата национална координаторка, пак, проф.д-р Билјана Кузмановска беше назначена за вршител на должност пред десетина дена. И таа, како и нејзината претходничка, доаѓа од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).
Тоа значи дека три месеци немаше Национален координатор, тој што ги организира трансплантациите и тимот што работи на пронаоѓање потенцијални донори во мозочна смрт.
„Се планира да си продолжат процесите и секаде каде може и да се надгради трансплантацијата“, изјави Кузмановска за РСЕ.
Од здруженијата на пациенти велат дека причина беа и изборите, честите смени на министрите за здравство, со што се губи континуитетот на работата, како и на крахот на компресорската станица во хируршкиот блок на клиниките.
Лекарите пак, велат дека во лето и онака не се прават трансплантации.
„Последната беше некаде во јуни, пред почетокот на летото. Се прават трансплантации на бубрег од жив донор. В понеделник ќе имаме трансплантација“, рече Башким Шабани, директор на Клиника за урологија, за РСЕ.
И од Клиниката за нефрологија велат дека кај нив застој нема.
„Пациентите ги подготвуваме редовно, како за трансплантација од жив донор, така и за кадаверична трансплантација“, изјави Никола Ѓорѓиевски, директор на Клиника за нефрологија за РСЕ.
Министерот за здравство, Арбен Тараври, пред неполн месец потпиша план за соработка со Министерството за здравство на Хрватска, со акцент на трансплантацијата.
Хрватска е европски лидер во пресадувањето органи.
РСЕ праша во Министерството за здравство што конкретно ќе предвидува оваа соработка и кои се плановите за развој на трансплатацијата во Северна Македонија. Одговор не добивме до објавувањето на текстот.
Државата од буџетот одвојува по 10 милиони денари годишно за трансплантација. Тоа е речиси непроменета бројка, и во години кога се прават повеќе трансплантации и во години кога нивниот број е помал, како во 2019, на пример.
Бројките не се доволни за влез во „Еуротрансплант“
Најголем напредок во трансплантацијата, покажуваат бројките, е постигнат во 2021 година кога имало девет донори, па се трансплантирани пет срца, 16 бубрези и се направени седум коскени трансплантации.
Од 2020 година до март 2024 година се трансплантирани 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива, вкупно 77 органи, според податоците што ги објавуваше Министерството за здравство.
Но, овие бројки не се доволни за Северна Македонија да влезе во „Еуротрансплант“, европската мрежа за размена на донирани органи.
Покрај другите услови, во државата треба годишно да има најмалку 10 дарители на органи на милион жители, односно 20 дарители годишно или 40 пресадени бубрези. Предуслов е и развиена кадаверична трансплантација, но и авион на располагање со кој веднаш ќе биде донесен орган од некоја европска земја доколку има таква потреба.
Во историјата на македонското здравство, првата трансплантација на бубрези е направена во Македонија во времето на Југославија во 1977 година, две децении после првата трансплантација во светот, во 1954 во САД.
За 47 години во Македонија се направени повеќе од 500 трансплантации на бубрези. Јубилејната 500 трансплантација беше направена минатата 2023 година, кај 25 годишна пациентка.