Сместени во димензијата помеѓу улична и документарна фотографија, доживувајќи ги „Кратки приказни“, се соочуваме со ненаметливи, а моќни заробени моменти кои поттикнуваат на размислување. Ова се фотографии кои извираат од животот, луѓето, човечките интеракции и состојби. Ни пренесуваат мали реални приказни за вистинските луѓе, релациите помеѓу, релациите со себството, со просторот. Не се „убави“ и не се сетирани. Тоа и не е нивната цел. Искрени се и поврзани со животот каков што е: суптилен, спонтан, неслучајно случаен, суров, среќен, никаков. Зачинети со нишка критичност кон општеството, реална суровост и „директен поглед во очи“, нудат субјективна стварност. Не откриваат многу, а оставаат простор за слободна интерпретација и единствено индивидуално доживување на приказната.
Ова ќе го напише Мери Каталиниќ во пресрет на новата фотоизложба на Драги Неделчевски, што од овој петок, на 7 јули ќе биде поместена во НУ Уметничка галерија – Стар амам во Тетово. Авторот, пак, во својата експликација за постановката, знае да каже дека кога добил можност за изложба се мислел што да изложи затоа што веќе работи на неколку подолгорочни проекти. И така размислувајќи и претурајќи по својата богата архива, видел дека има многу фотографии кои од било која причина не биле отпечатени, ниту некаде изложени. Му се причиниле сосема добри и му светнала идеја дека всушност треба да и се врати на самата суштина на фотографијата како феномен. Една фотографија – една приказна, што е поразлично од неговата потреба да работи во серии и на подолгорочни проекти каде се изразува со повеќе фотографии во форма на фото-есеи.
„Сега со оваа изложба се враќам на суштината на фотографијата. Една фотографија – една приказна. Фотографиите сепак ги поврзува нешто, а тоа е точката на мојот интерес во фотографијата – човекот со сите свои грижи и радости и сè што оди во секојдневниот обичен живот“, вели Неделчевски.
Тој почнал да одбира и видел дека има многу такви фотографии. Голем проблем му било од купот да направи селекција од 40 фотографии, но еднаш морал да подвлече линија и да го заокружи одбирот. Потем покажувајќи дел од нив на своите пријатели забележал дека секој од нив си прави своја приказна за фотографијата што најчесто драстично се разликувала од неговата.
„Сепак фотографијата не е реален одраз на стварноста и не е една и конечна вистина, туку зад тие две димензии се кријат многу повеќе значења. Ако фотографијата за мене има една приказна, јас го знам контекстот во кој е фотографирана, за другите гледачи тоа е сосема некоја друга приказна. Тоа ми дојде некако многу интересно и затоа името на изложбата и го дадов „Кратки приказни“. Секој гледач да си ја погледне фотографијата и да си создаде своја приказна затоа што и во животот нема една вистина и не е едноставно да се каже ова е точно, ова е вистинско или ова не е точно, не е вистинско“, вели тој.
Говорејќи за себе како творец, Неделчевски истакнува дека неговиот пристап кон фотографијата, повеќе од објективни отколку субјективни причини, е поразличен отколку кај другите. Бидејќи има дете болно од целебрална парализа, тој не е во прилика да патува многу подалеку од дома, а за патувања во светот воопшто не станува ни збор, тој по природата на нештата е принуден изворот, инспирацијата и предметот на своите фотографии да го бара во својата непосредна околина што не оди во дослух со иманентната потреба на секој фотограф да истражува нови видици, нови предели, нови визури и да прави нови фотографии. Нешто што е многу тешко, како што вели, но од друга страна и многу инспиративно ако успее да се направи. Со текот на времето видел дека е тоа возможно, та затоа долго време го фотографирал својот син и неговиот живот. Згора на тоа, додека е со него, тој надворешниот свет го гледа преку еден прозорец. И гледајќи ја секојдневно таа слепа уличка која „не е нималку атрактивна“ почнал и неа да ја фотографира.
„Видов дека иако е тоа една пуста уличка која, патем, метафорично го отсликува моето опкружување и мојот поглед на свет, всушност е многу богата со сите свои временски и метеоролошки мени – облачно, снег, сонце, дење, ноќе... Дека сè зависи од нас. Од тоа како гледаме на работите. Дали е нешто монотоно, здодевно или е интересно и инспиративно“, вели фотографот.
Неделчевски појаснува дека работи на уште еден подолгорочен фотографски проект кој го именувал како „Тела“ затоа што имал намера да ги фотографира луѓето (само нивните торза) кои имаат некаков здравствен проблем – физиолошки или психолошки, но тој сè уште не е ни на половина пат, затоа што „во една конзервативна средина во каква што самиот живее има проблем со изнаоѓање модели“.
„Идејата ми беше дека секој од нас, иако пред јавноста сака да се покаже во најдобро светло, всушност зад себе крие некоја темна страна, некаков свој проблем. И сакав преку тие фотографии, тоа да го прикажам“, вели тој.
Од друга страна, интересно е и тоа дека пред да почне да се бави со фотографија, Драги Неделчевски се занимавал со аматерски филм, снимајќи на една стара камера без тон. Вели дека тоа што нема доволно слободно време го спречува да му се посвети на филмот, но дополнува дека љуби да работи документарни и експериментални филмови. Притоа потенцира дека тие кратки форми и реалноста во документарните филмови многу повеќе го инспирираат отколку играните или, пак, сет-ап фотографиите.
„Сакам да бидам што понеприметен. Да бидам сведок, наизглед нем, но всушност моите фотографии и филмови сакам многу гласно да молчат“, вели тој.
Кон ова само уште информацијата дека Драги Неделчевски на последното издание на 46-от Државен фестивал за непрофесионален филм што се одржа на крајот на мај во Охрид беше награден со Златна плакета за експериментален филм за неговото дело „58“.