Во Хамбург своевидна протестна акција спроведе и меѓународната организација за заштита на животната околина Гринпис.
Околу 30 нејзини активисти со чамци се приближија до товарниот брод „Златна можност“ кој пренесува јаглен, во обид да прикачат транспаренти со лицето на германската канцеларка Ангела Меркел и протестни слогани против користењето на јагленот.
Андре Белинг, експерт на Гринпис за енергија, вели дека групата бара Ангела Меркел да ги исполни нејзините ветувања за животната средина.
„Гринпис бара од Ангела Меркел ги следи нејзините најави за контрола на климата со дела. Затоа бараме да се воведе крај на производството на електрична енергија од јаглен, бидејќи јагленот е проблем на Германија за контрола на климата. Емисијата на јаглерод диоксид не е намалена во изминативе осум години. Многу централи на јаглен сè уште постојат и тие работат само за извозот на Германија, а не за наше сопствено снабдување“, вели тој.
Полицијата соопшти дека во Хамбург во неделата мирно протестирааа и неколку десетици илјади демонстранти.
На сево ова се гледа како на увертира пред самитот на 7 и 8 јули на 20-те најголеми економии во светот. За безбедноста на учесниците на собирот се ангажирани над 20 илјади полицајци.
Германските власти се подготвуваат на евентуални неволји и се загрижени протестите да не се претворат во насилни.
Таков беше случајот за време на самитот на Групата 8 што се одржа во Џенова, Италија кога во 2001 година дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата при што едно лице беше убиено а стотици други ранети.
Инаку, европските државници кои ќе учествуваат на самитот во Хамбург деновиве во Берлин ја потврдија нивната силна приврзаност кон Париската спогодба за климата.
Таа, како што изјавија, мора да се применува и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја повлече земјата од спогодбата.