Достапни линкови

Огревно дрво има, квалитетот и цената не се најповолни


Илустрација
Илустрација

Кумановци кои се греат на дрва веќе размислуваат за наредната зима. Во Шумското стопанство велат дека има доволно залихи, но граѓаните се жалат дека дрвата се скапи, а и квалитетот е сомнителен.

Кумановци кои грејната сезона ја поминуваат со затоплување на нивните домови со огревно дрво веќе можат да се снабдуваат со него за претстојната зима. Во ЈП „Македонски шуми - Шумско стопанство“ во Куманово велат дека има доволно залихи маркирано дрво за сеча, се работи согласно временските прилики, а дрвото е квалитетно. Анкетираните граѓани, пак, велат дека најчесто се изманипулирани при купување дрва. Тие со огревно дрво се снабдуваат од индивидуални снабдувачи и од „Шумско стопанство“. Граѓаните сметаат дека цената на дрвото е висока во однос на стандардот.

„Некогаш нарачуваме од „Шумското“, некогаш од приватни. Сега е 2.500 денари за кубик, а и квалитетот при нарачка и испорака не е ист, плус и при мерењето крадат.“

„Прво, во стартот ако нарачате пет метри добивате четири. Можете да се жалите и кај господ, ама нема шанса да исправите. Вие мора да бидете украдени во старт, а плаќате три илјади и 500 до три илјади и 800 денари за шумово дрво, или 200 денари поевтино за дабово. Ви даваат испратница, но никаде не пишува цената. А во Законот од минатата година пишува дека никаде не смее цената да биде повисока од онаа во „Шумско стопанство“. Има и крадени дрва. Инаку, замислете во „Шумско стопанство“ е две илјади и сто или две илјади и двесте, а во приватните складови три илјади и 700 или и 800 денари, каде го има тоа! Во приватните купуваме затоа што квалитетот е за класа–две подобар. Но, сепак цените се енормно високи, со една пензија од девет илјади денари кој да купи пет метри кубни дрва, малку му е една пензија.“

„Добиваме квалитетни дрва, ама цената е „пресолена“, зашто ние сме социјалци. Купуваме од приватни, тие ни носат“, велат анкетираните кумановци.

Ваит Саити, директор на „Шумско стопанство“ вели дека сезоната за сечење дрва е започната, а сите граѓани кои имаат договори за снабдување и плаќање на рати ќе бидат снабдени со огревно дрво. Меѓутоа, тој вели дека и оние кои не потпишале договор ќе можат да се снабдат со дрво.

„Сите работници се во планина, таму се обезбедени услови и на сечачи и на дотурачи, само чекаме погодно време дрвата да бидат пренесени во складот и сите граѓани да бидат задоволни. Мислам дека како и претходните, така и оваа година на време ќе ги снабдиме граѓаните“, вели Саити.

Тој појаснува дека поради дождливите денови имало пречки во сечење дрва, дека најчесто се бара бука по цена од две илјади и 400 денари. Граѓаните, пак, кои имаат свои шуми исто така обезбедиле документи за сечење, така што населението од Куманово, Липково и Старо Нагоричане ќе биде снабдено.

„Можеби проблем за снабдување со огревно дрво ќе биде со училиштата бидејќи уште не се објавени тендери, а ние треба да планираме кое училиште или општината колку дрва ќе зема. Доколку тендерот задоцни до септември, или октомври, ние нема да можеме да им обезбедиме“, вели тој.

Саити додава дека за квалитетот на дрвото досега немало никакви поплаки.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG