Македонско-српските односи, според Ристо Никовски се стабилни и покрај спорот меѓу МПЦ и СПЦ немаат други отворени прашања, додека сппоред Алајдин Демири пак, односите се во надолна линија откако Македонија го призна Косово. Овие коментари на домашните аналитичари доаѓаат откако во изминатиот период се слушаа провокативни изјави од високи државни функционери особено во периодот на политичка криза во Македонија.
Таквите изјави поранешниот дипломат Ристо Никовски ги гледа низ призмата на загриженоста на Србија околу безбедноста во регионот.
„Тие изјави ќе се појавуваат одвреме навреме бидејќи кризата во Македонија е опасност а сите земји во регионот, дека таа може да води кон некаква поширока дестабилизација. На Балканот една земја ако минува низ таков период како нашиот, тогаш е индикатор дека кога мечката игра кај комшијата, не се радувај многу оти може да дојде и во твојот двор. Сето тоа има влијание на еден јавен третман на тие односи отколку некоја суштина која може да оди во негативна насока“, изјави Никовски.
Прашањето околу искреноста во пријателските односи се отвара и по последниот случај кога советникот и претставник на Безбедносно -информативната агенција Горан Живаљевиќ бил во зградата на македонското собрание за време на настаните од 27 април. Објаснувањето зошто Живаљевиќ бил таму и што барал го даде српската амбасадорка Душанка Дивјак-Томиќ во министерството за надворешни работи.
Во меѓувреме, српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ соопшти дека Живаљевиќ не се мешал во внатрешните работи на Македонија.
„Не извршил никакво дело, не се мешал во внатрешните работи на Македонија и затоа нема причина кој било да протестира против нас заради тоа. Негова задача е тој да не информира“, изјави Дачиќ.
Професорот и поранешен дипломат Алајдин Демири, пак, оценува дека односите меѓу двете земји се во надолна линија, а нивното заладување како што вели започнува од моментот кога Македонија ја признава уставноста на Косово.
„Сето тоа го гледаат врз основа на македонско-албанските односи. Тие прават притисок за тие односи да останат цврсти и националистички, баш такви какви што ги водеше Груевски. Секоја евентуална промена тие ја доживуваат како пораз на политиката на Србија и тука е суштината на проблемот“, смета Демири.
Демири посочува дека односите меѓу двете земји се на „тенок мраз“. Се работи за долгорочни политики, почнувајќи од непризнавањето на автокефалноста на црквата и тие ги држат тие теми отворени. Затоа тие односи имаат и нагорни и надолни линии и затоа тие одвреме навреме ги релаксираат според дневно политичките потреби, вели Демири.
Аналитичарите оценуваат дека односите зависат од развојот на настаните во двете земји бидејќи земјите во регионот се врзани садови. Очекуваат и во блиска иднина да имаме такви „провокативни искри“, но во целина земено се надеваат на стабилни односи без некаков повод за сериозно заострување на истите.