Достапни линкови

Вести

Судот го одби барањето на СЈО за замрзнување имот на ВМРО-ДПМНЕ

Архива - Основен суд Скопје 1.
Архива - Основен суд Скопје 1.

Кривичниот суд соопшти дека е одбиено барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за замрзнување на имотот на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението Основниот суд Скопје 1 наведува дека Судиите од Кривичните совети на Одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по несогланоста на судиите од претходна постапка во врска со барањата на СЈО за привремено одземање на имот денеска на нејавна седница донеле решенија со кои, како што се вели во соопштението, се уважува несогласноста на судијата на претходна постапка при што од судот не била предложена привремена мерка Забрана на отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека.

СЈО вчера соопшти дека ќе бара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ за кој се сомневаат дека е стекнат на незаконски начин, меѓу кои и седиштето на партијата во Скопје. СЈО на прес-конференција објави дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и други високи партиски функционери се осомничени за перење пари и нелегално финансирање на партијата во истрагата „Талир.“

види ги сите денешни вести

Грузиската полиција со водени топови и солзавец ги растерува про-ЕУ демонстрантите во Тбилиси

Полицијата, наводно, употребила солзавец за да ги разбие собирите во доцните часови на 29 ноември.
Полицијата, наводно, употребила солзавец за да ги разбие собирите во доцните часови на 29 ноември.

Грузиската полиција употреби водени топови за да ги растера илјадниците демонстранти кои втор ден по ред се собираат во близина на парламентот во Тбилиси за да протестираат против одлуката на владата да ги прекине пристапните преговори со Европската унија.

Полицијата употребила и солзавец за да ги разбие собирите во доцните часови на 29 ноември.

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, жесток критичар на владејачката партија „Грузиски сон“, ги осуди „бруталните и непропорционални напади врз грузискиот народ и медиумите“, споредувајќи ја репресијата со „репресија од руски стил“.

„Овие дејствија нема да бидат простени! Одговорните за употребата на сила треба да сносат одговорност“, напиша таа на социјалната платформа Х порано позната како Твитер.

Демонстрантите излегоа на улиците втор ден по ред откако премиерот Иракли Кобахидзе рече дека неговата влада ги прекинува преговорите со ЕУ и дека ќе ги отфрли буџетските грантови од Брисел „до крајот на 2028 година“.


Повеќе од сто грузиски дипломати остро го критикуваа владиното запирање на преговорите за членство во ЕУ, откако безбедносните сили насилно ги растераа демонстрантите и новинарите на протестот на 28 ноември во Тбилиси поради потегот.

Повеќе од 30 луѓе беа хоспитализирани рано на 29 ноември, откако полицијата употреби солзавец, водени топови и претепа некои од илјадниците собрани за да го истурат својот гнев поради најавата на Кобахиџе.

Грузија е во политички превирања по парламентарните избори во октомври, на кои партијата „Грузискиот сон“ обезбеди 54 отсто од гласовите, при што опозицијата и западните влади тврдат дека гласањето било нарушено со прекршувања и руско влијание.

На почетокот на 28 ноември, полицијата тргна да ги расчистува мирните демонстранти, при што маскираната полиција пукаше со гумени куршуми и брутално ги претепа демонстрантите и новинарите.

Говорејќи во седиштето на Грузискиот сон, Кобахиџе рече дека Тбилиси ги прекинува пристапните преговори, а истовремено ги отфрла сите буџетски грантови од ЕУ до 2028 година.

„Нема да влеземе во Европската унија со молење и стоење на една нога, туку на достоинствен начин со здрав демократски систем и силна економија“, им рече премиерот на новинарите без никакви прашања.

Грузија доби статус кандидат за ЕУ во декември 2023 година, но односите со Брисел се влошија во последниве месеци, почнувајќи со усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ за кој критичарите велат дека се заканува јавно да дискредитира илјадници медиуми и граѓански групи.

Партијата на Вулин предложи закон за странски агенти во српскиот парламент

Архивска фотографија- Српскиот вицепремиер Александар Вулин при последната средба со рускиот претседател Владимир Путин, во Владивосток, на 4 септември 2024 година.
Архивска фотографија- Српскиот вицепремиер Александар Вулин при последната средба со рускиот претседател Владимир Путин, во Владивосток, на 4 септември 2024 година.

Српските пратениците од партијата Социјалистичко движење, чиј основач е прорускиот потпретседател на Владата на Србија Александар Вулин, до Собранието поднесоа предлог-закон за посебен регистар на агенти на странско влијание.

Предлог-законот беше поднесен на 29 ноември од пратениците Ѓорѓе Комленски и Бојан Торбица, објави белградскиот весник „Данас“.

Законот за странски агенти постои во Русија и, според критичарите, служи за задушување на критиките на владата и ограничување на работата на активистите за човекови права и независните медиуми.

Во предлог-законот на Социјалистичкото движење, кој се уште не е објавен на веб-страницата на српското Собрание, за „агенти“ се сметаат сите здруженија и непрофитни организации кои во најголем дел се финансирани или на друг начин помагани од странски субјекти.

Под странски субјекти се подразбираат други држави, нивните тела, меѓународни и странски организации, странски државјани или регистрирани невладини организации финансирани од странство.


Непрофитна организација која се занимава со политичка активност, како и други активности поврзани со политичка активност насочена кон загрозување на демократијата, нарушување на интегритетот на Србија, кршење на слободите и правата загарантирани со Уставот и поттикнување национална, расна или верска омраза, се нарекува и „агент на странско влијание и фанатизам“.

Исто така, се предвидува дека секое појавување на претставник на „агенти на странско влијание“ мора да биде означено дека организацијата е регистрирана во Регистарот на агенти од странско влијание што го води Министерството за правда.

Предвидени се казни во случај на непочитување на овој закон, како забрана за работа и кривична пријава против одговорните лица, како и парични казни.
Казните се движат од 5.000 динари (околу 42 евра) до 2.000.000 динари (околу 17.000 евра).

Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на 29 ноември за ТВ Пинк изјави дека Социјалистичкото движење наскоро ќе поднесе предлог-закон за финансирање на невладините организации во Србија, „по примерот на Соединетите Држави, според кои странското финансирање на невладини организации е забрането“, објави новинската агенција Срна.

Американскиот Закон за регистрација на странски агенти (ФАРА) од 1938 година се занимава со различни прашања од оние што ја регулираат работата на невладините, непрофитни организации.

Според овој закон, „странски агенти“ се поединци кои дејствуваат според директивите на странски земји, се занимаваат со политички активности, собираат пари или дејствуваат по наредба на претпоставените, во контакт со американските власти.

Законот ФАРА е создаден во 1938 година со цел да се потисне нацистичката, а подоцна и болшевичката пропаганда. Со последователните ревизии, законот е насочен кон перење пари, корупција, тероризам и заобиколување на санкциите.

Експлозија во Зубин Поток, оштетен канал за вода

Илустрациија, полициска трака со која се забранува движење во одредена област
Илустрациија, полициска трака со која се забранува движење во одредена област

Експлозија што се случи вечерта на 29 ноември во Зубин Поток на северот на Косово го оштети каналот за вода на јавното препријатие за вода „Ибер-Лепенци“.

Министерот за внатрешни работи Џелал Свечла, кој излезе на местото на настанот, изјави дека пред 19 часот се слушнала експлозија и дека е оштетен дел од Ибер-Лепенци, кој се смета за критична инфраструктура.

Тој го оцени како „терористички чин“ оштетувањето на каналот за вода. Свечла рече дека се мобилизирани институциите за да се санираат штетите и граѓаните да не трпат последици.

„Императивна должност на безбедносните институции е да ги истражат терористите кои го извршија овој терористички чин и да ги изведат пред лицето на правдата“, нагласи тој.


Косовската полиција, рече тој, ја добила информацијата за експлозијата нешто пред 19 часот и веднаш пристигнала на местото на настанот.

Јавното претпријатие за водовод „Ибер-Лепенци“ е акционерско друштво со седиште во Приштина и е мултифункционално претпријатие кое ја снабдува индустријата, водоводите и земјоделството со сирова вода, како и произведува електрична енергија од хидроцентралата Ујман.

Регионалното водоводно претпријатие Митровица соопшти дека е прекинато снабдувањето со вода за пиење поради оштетување на каналот.

Главната српска партија во Косово,Српска листа, која ја има поддршката од Белград, рече дека остро го осудува инцидентот со кој е предизвиката штета штетата на каналот за вода во селото Варага.

„Сакаме јасно да ставиме до знаење дека овој чин е апсолутно против интересите на српскиот народ и бараме од КФОР и ЕУЛЕКС итно да го истражат овој случај“, соопшти оваа партија преку објава на социјалните мрежи.

Во соопштението е наведено дека оштетувањето на каналот за вода, освен што го загрозува водоснабдувањето на граѓаните, „предизвикало загриженост и кај Србите на северот на Косово“.

Врз основа на владините документи, од системот Ибер-Лепенци во Ујман до Зубин Поток, северот на Косово се снабдува со вода за пиење, но и Приштина и неговата околина. Со овој хидросистем се снабдуваат со вода и термоелектраните во Обилиќ, кои се користат за ладење на термоелектраните „Косово-А“ и „Косово- Б“, а покрај тоа, водата од акумулацијата Ујман се користи и за наводнување на земјоделските површини. Самиот канал Ибер-Лепенци има должина од 49 километри, од езерото Ујман до езерото Бадоц кај Приштина.

Вкупно седум општини, јужно и северно од реката Ибр, се снабдуваат со вода од Ујман, и тоа Јужна и Северна Митровица, Звечан, Вуштри, Глогоци, Скендерај и дел од Приштина.

Освен нив, од снабдувањето со вода од ова вештачко езеро целосно зависат и термоелектраните „Косова А и Б“, „Трепча“ и „Фероникел“.

Исто така, во хидроцентралата Валач се произведуваат 32 мегавати (MW) електрична енергија.


Експлозијата во Зубин Поток се случи неколку часа откако косовската полиција соопшти дека ги засилила безбедносните мерки на ниво на земја, вклучително и во северниот дел населен со мнозинство Срби, каде во последните денови се случија неколку инциденти со експлозивни направи.

Полицијата соопшти дека ќе ги засили активностите, ќе го зголеми присуството на терен, „вршење повеќе патроли во најкритичните области, повеќе пунктови и зголемена соработка со граѓаните“.

На северот на Косово, населен со мнозинство Срби, последните денови имаше инциденти со експлозивни направи.

На 27 ноември властите соопштија дека полициската станица во Звечан била нападната со две рачни бомби.

Во меѓувреме, на 29 ноември, полицијата соопшти дека врз зградата на општина Звечан била фрлена експлозивна направа за која се сомнева дека е рачна бомба.

Украина вели дека го погодила рускиот магацин за нафта

Архивска фотографија, Чад се крева од складиште за нафта во руската југозападна област Ростов по воздушниот напад во август
Архивска фотографија, Чад се крева од складиште за нафта во руската југозападна област Ростов по воздушниот напад во август

Украина соопшти дека нападнала складиште за нафта и радар за противвоздушна одбрана во Русија рано на 29 ноември, во услови на ескалација на нападите и од Москва и од Киев пред инагурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп во Белата куќа.

Украинскиот воен Генералштаб соопшти дека нападот врз магацинот за нафта Атлас во руската област Ростов предизвикал пожар во објектот, кој претходно беше погоден од сличен напад на почетокот на оваа година.

„Атлас е дел од рускиот воено-индустриски комплекс, кој обезбедува снабдување со нафтени деривати за армијата на Руската Федерација“, се вели во соопштението објавено на социјалните мрежи.


Се додава дека радарската станица во која се наоѓа рускиот противвоздушен ракетен систем Бук-М3 е уништена во одделен напад во област контролирана од Русија во југоисточниот регион на Украина Запорожје.

Вршителот на должност гувернер на Ростовската област,Јуриј Сљусар, изјави дека има пожар во „индустриски комплекс“ во областа каде што се наоѓа рафинеријата, велејќи дека повеќе од 100 одговорни лица се борат да го изгаснат пожарот.

Во изминатите неколку месеци, Русија ги гаѓаше украинските градови со сè потешки напади со беспилотни летала, проектили и бомби, предизвикувајќи жртви и оштетувајќи ја енергетската инфраструктура со почетокот на студената сезона.

Украина започна неколку контранапади откако администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, главниот странски поддржувач на Украина во нејзината битка против целосната инвазија на Русија, и европските сојузници на Киев одобрија употреба на ракети со долг дострел против цели во Русија.

За време на претседателската кампања во 2024 година, Трамп беше критички настроен кон Бајден затоа што истури милијарди долари во Украина за да и помогне во борбата.

Трамп, исто така, рече дека може да ја заврши војната во рок од 24 часа по повторното заземање на Белата куќа, изјава што се толкува во јавноста како да значи дека Украина ќе мора да ја предаде територијата што Русија сега ја окупира.

Се чини дека таа можност ги поттикна и Москва и Киев да се обидат да ги зацврстат географските позиции пред Трамп да ја преземе функцијата во јануари.

Хезболах го прогласи слабиот прекин на огнот со Израел за „божествена победа“

Лидерот на Хезболах тврди дека нивниот договор за прекин на огнот со Израел е „божествена победа“ за либанската политичка партија и милитантна група.

Во своето прво обраќање по стапувањето на сила на примирјето на 27 ноември, Наим Касем на 29 ноември рече дека групата поддржана од Иран „победила“.

„Затоа што го спречивме непријателот да го уништи Хезболах“ и да го ослаби либанскиот „отпор“, изјави Касем.

Хезболах, кој контролира голем дел од јужен Либан и има претставници во парламентот, е прогласен од Соединтите држави за терористичка организација, додека ЕУ го стави на црната листа само воено крило, не и политичката партија.

Прекинот на огнот стави крај на речиси 14-месечните борби меѓу Израел и Хезболах. Израел го засили притисокот со започнување копнена офанзива во јужен Либан во октомври и со масовни воздушни бомбардирања на упориштата на Хезболах во Бејрут и на други места.

Со примирјето завршува присуството на Хезболах во јужен Либан. Израел, исто така, мора да ги повлече своите копнени сили од Либан во рок од 60 дена од стапувањето на сила на договорот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 26 ноември го предупреди Хезболах дека Израел ќе преземе акција доколку се посомнева дека Хезболах го прекршил договорот.

На 29 ноември, неколку часа пред Касем да го одржи својот говор, Израел соопшти дека погодил ракетен фрлач на Хезболах во јужен Либан, откако забележал милитантна активност.

Соединетите држави и Франција го надгледуваат спроведувањето на примирјето, кое вклучува одредби за илјадници либански војници кои се преселуваат во јужен Либан за да работат со мировниците на ОН и да го држат Хезболах подалеку од израелската граница.

Хезболах лансираше ракети врз северен Израел од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година. Таа рече дека ќе ги прекине своите напади само откако Израел ќе ја заврши војната во Газа.

Во текот на изминатите 14 месеци, Израел го уби речиси целото раководство на Хезболах, вклучувајќи го и претходникот на Касем, Хасан Насрала, и го десеткуваше воениот арсенал на групата.

Израел вети дека ќе обезбеди Иран да не може да продолжи да ја финансира и вооружува групата и го предупреди сирискиот претседател Башар ал Асад да не ја олеснува иранската помош за Хезболах.

Експлозивна направа била фрлена врз зградата на општина Звечан на северот на Косово

Kosovo
Kosovo

Експлозивна направа била фрлена врз зградата на општина Звечан на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население, ноќта меѓу 28 и 29 ноември. Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека се сомнева дека се работи за рачна бомба од типот М-75.

Тој рече дека во нападот што се случи по полноќ, нема повредени, оштетена е општинската зграда и четири возила паркирани во близина, а полицијата започнала истрага. Засега не се идентификувани осомничени за нападот.

Косовскиот премиер Албин Курти по нападот изјави дека „криминалните и терористичките напади“ врз косовските институции имаат за цел заплашување и истакна дека и покрај тоа, ситуацијата на северот на Косово „никогаш не била подобра. “.

„Не дека нема криминалци, но криминалните структури или побегнаа во Србија, или се во затвор во Косово или се кријат некаде надвор од нашиот регион. Нема внатрешни потенцијални безбедносни закани со кои не можеме да управуваме и на кои не можеме да им се спротивставиме“, изјави Курти на 29 ноември.

Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља оцени дека последните напади врз косовските институции на север се „израз на очај и ароганција на криминалните групи во режија на Белград“. Тој додаде дека „криминалните групи“ на северот на Косово се минато.

„ Заврши времето на неказнивост и амнестија на криминалните групи. Уставноста, законитоста, законот и редот ќе функционираат на секој агол, бидејќи никој не може да ги запре слободата и правата на граѓаните со стравот од тероризам“, напиша министерот на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово, градоначалниците се од редовите на албанската заедница бидејќи Србите ги бојкотираа изборите по колективното напуштање на косовските институции, што беше иницирано од Српската листа - најголемата партија на Србите во Косово, кое има поддршка од Белград.

Инаку, на 28 ноември во општина Звечан се одржа свечена седница на Собранието на општината по повод Денот на албанското знаме. Градоначалникот Пеци во пресрет на оваа седница одговарајќи на новинарски прашања рече дека не верува оти одбележувањето на Денот на албанското знаме му пречи на локалното српско население и додаде дека ги почитува барањата на сите граѓани.

„Право на секој граѓанин е да се организира и да ги прославува своите празници. Како градоначалник, моја должност е да го почитувам тоа и да помогнам што е можно повеќе“, рече тој.

Ова е втор напад врз косовските институции во Звечан во рок од два дена. Во вторник, на 26 ноември, непознати лица фрлија две рачни бомби во дворот на полициската станица во Звечан на северот на Косово, еден ден откако косовскиот премиер Курти присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот за изградба на полициска трафостаница во таа општина.

Сиљановска Давкова:Инцидентите со знамето значат директно поткопување на заедништвото

Македонската претседателката Гордана Сиљановска Давкова
Македонската претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Македонската претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги осуди вчерашните инциденти кога по повод прославата на Денот на албанското знаме, беше осквернавено македонското знаме. Таа на социјалната мрежа „Фесјбук“ напиша дека тоа е чин на непочитување на државните симболи, но и директно поткопување на заедништвото на сите македонски граѓани што тоа знаме го симболизира.

„Ваквите постапки не придонесуваат за градење доверба и почит меѓу граѓаните, туку поттикнуваат дополнителни тензии и поделби. Повикот за разум, толеранција и дијалог е клучен во вакви моменти. Надлежните институции треба да спроведат темелна истрага за настанот и да преземат соодветни мерки за одговорните лица“, напиша таа.

На одбележувањето на денот на албанското на 28 ноември, имаше сквернавење на македонското знаме што предизвика стравувања за подгревање на меѓуетничките тензии во државата. Во бројните видеа кои се споделуваат на социјалните мрежи, може да се забележи како лица го симнуваат државното знаме, го кинат и шутираат со нозе. Инцидентот за кој се тврди дека се случил во Скопје, во близина на Бит пазар, предизвика лавина реакции од граѓани, како и осуда од сите политички актери.

Обвинителството побара од Кривичниот суд да им изрече мерка притвор на три полнолетни лица, откако поведе постапка против нив за кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“. Постапката против приведеното малолетно лице ќе се води редовна постапка според Законот за правда за децата, соопшти Обвинителството.

Миистерот за внатрешни работи соопшти дека уапсени се осум лица од кои четири МВР ги гони за кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. Додека оостанатите четворица, пак, кои биле приведени во текот на изминатата ноќ, според информациите од полицијата, се за учество во тепачка.

Обвинителството побара притвор за тројца приведени за сквернавење на македонското знаме

илустрација, македонско знаме пред Влада
илустрација, македонско знаме пред Влада

Мерка притвор за три полнолетни лица побара Основното јавно обвинителство Скопје, откако поведе постапка против нив за кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“. Постапката против приведеното малолетно лице ќе се води редовна постапка според Законот за правда за децата, соопшти Обвинителството.

На одбележувањето на денот на албанското на 28 ноември, имаше сквернавење на македонското знаме што предизвика стравувања за подгревање на меѓуетничките тензии во државата.

„Осомничените на 28.11.2024 година околу 20:00 до 23:00 часот на булевар „Крсте Мисирков“ во Скопје, по завршување манифестација на плоштадот Скендербег по повод прослава на денот на албанското знаме, со излагање на подбив на национални симболи, односно со палење, уништување и кинење на државното знаме, предизвикале омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност“, е наведено во соопштението од скопското Обвинителство.

Во бројните видеа кои се споделуваат на социјалните мрежи, може да се забележи како лица го симнуваат државното знаме, го кинат и шутираат со нозе. Инцидентот за кој се тврди дека се случил во Скопје, во близина на Бит пазар, предизвика лавина реакции од граѓани, како и осуда од сите политички актери.


Министерстот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека уапсени се осум лица од кои четири МВР ги гони за кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост. За ова дело предвидена е казна од најмалку една година затвор. Осомничените се млади лица на возраст од 18 до 21 година, а има и еден малолетник.

„Еден од овие луѓе е фатен како се обидува да запали знаме, друг како го симнува знамето“, рече Тошковски додавајќи дека во расчистување на овој инцидент им помогнале токму снимките од социјалните мрежи.

Останатите четворица, пак, кои биле приведени во текот на изминатата ноќ, според информациите од полицијата, се за учество во тепачка. Тошковски најави дека ќе има и други апсења и повика граѓаните да помогнат со доставување видеа, фотографии, изјави итн.

Мицкоски најави акција против судии и обвинители кои ја попречувале правдата

Архивска фотографија, премиерот Христјан Мицкоски 17.11.2024
Архивска фотографија, премиерот Христјан Мицкоски 17.11.2024

Акција против судиите и обвинителите што ја спречуваат правдата од понеделник најави на 29 ноември премиерот Христијан Мицкоски. Тој изјави дека акцијата нема да биде „естрадна“, но ќе биде остра. Оваа изјава е последната во серија критики кон правосудниот систем што премиерот ги посочува во изминатава недела.

„Мислам дека имате претстава дека не функционираме како естрада и сигурно дека нема јас сега да кажувам како што тоа во минатото се случуваше пред камери или пред медиуми и да носам специјални полициски единици, да понижувам луѓе, индивидуи итн,“ изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за можноста за распуштање на Судскиот совет.

Тој посочи дека власта има план и дека од понеделник почнува спроведувањето на планот.

„Доволно беше чекање, чекавме, дадовме шанса. Очигледно дека прежестоки се нападите наеднаш на дијареја, грчеви во цревата, главоболка, температура, анксиозност итн. кога ќе треба да се потпише последниот указ за да се спроведе правдата за жал кај поедини обвинители,“ изјави Мицкоски.

Претходно, на 28 ноември, од собраниската говориница, Мицкоски изјави дека имал информации оти неколку стотици случаи од Министерството за внатрешни работи и финансиската полиција кои се наоѓаат во Обвинителството за постапување и дека по нив не се постапува.

Одговарајќи на пратеничко прашање, рече дека таму има луѓе кои не ги интересира правдата, туку дека тие се заробеници на некого.

„Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама, добивам документи од свиркачи за фалсифкувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи. Но, затоа веднаш допре гласот за ТОЕФЛ на Бојан Христовски. Кога СДСМ излезе од говорницата, истиот момент тој глас допре кај Гаврил Бубевски. Веднаш таа фреквенција стигнува до него и тој беше спремен веднаш, но кога треба да се постапува, тогаш треба медицински третман за симптомите со кои излегува во јавноста и ги опструира акциите на истражните органи“, посочи Мицкоски од собраниската говорница на 28 номеври.

Државниот обвинител Љубомир Коцевски, пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители по критиките за работата на правосудниот систем и конкретно на Обвинителството, како и дали очекува негова смена, изјави дека тој ќе продолжи да работи професионално, а доколку евентуално направил грешка, условите за негово разрешување се наведени во Законот за јавно обвинителство.

„Јас ќе продолжам да работам најпрофесионално, законито и чесно и се што е во мојата надлежност, што значи дека останатите политички изјави не можам да ги коментирам“, изјави Коцевски.

По однос на прашањата за отсуствата на обвинителите, Коцевски посочи дека станувало збор за само еден случај од пред дваесетина дена. Како што изјави, предметниот обвинител имал вирус и не можел да дојде на закажаниот состанок со претставници на МВР, но оти само по три дена обвинителот присуствувал на неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети.

Според последниот извештај на Европската Унија за напредокот на земјава, една од клучните препораки е да се зајакне довербата во правосудниот систем. Особен акцент во извештајот е ставен на високо профилираните судски спорови кои според ЕК, мораат да имаат епилог.

„Северна Македонија треба да продолжи да го спроведува спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во кластерот за основи, особено судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата треба да се решава несмалено, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаи на високо ниво“, се вели во извештајот.

Затворениот поранешен руски пратеник Горинов доби нова затворска казна

Затворениот поранешен руски пратеник, Алексеј Горинов на лист хартија покажа рачно нацртана порака во која пишува: „Престани да убиваш. Ајде да ја запреме војната“.
Затворениот поранешен руски пратеник, Алексеј Горинов на лист хартија покажа рачно нацртана порака во која пишува: „Престани да убиваш. Ајде да ја запреме војната“.

Затвореникот и поранешен руски пратеник Алексеј Горинов, познат по своите отворени критики за војната на Русија против Украина, е осуден на нова тригодишна затворска казна за „оправдување тероризам“. По тридневно судење, рускиот воен суд на 29 ноември ја изрече казната на 63-годишниот Горинов, кој е во лоша здравствена состојба.

Во својата завршна изјава, Горинов, еден од најистакнатите затворени дисиденти оставен во земјата по големата размена на затвореници со Западот претходно оваа година, ја обвини Русија дека извршила „крвав колеж“ во Украина.

Претходно оваа недела, Горинов истакна дека за неговата болест „нема достапен третман“ во затворот каде што ја одлежува претходната досудена седум годишна казна.


Горинов за прв пат беше осуден во јули 2022 година на седум години затвор за ширење „лажни вести“ за руската војска поради неговото јавно противење на целосната инвазија на Русија во соседна Украина.

Во октомври 2023 година, властите отворија нов случај против него, обвинувајќи го за „оправдување тероризам“ врз основа на наводни разговори со колеги затвореници за украинските војници. За време на сослушувањето, Горинов категорично негираше каква било поврзаност со тероризмот.

„Јас сум далеку од каква било идеологија на тероризам“, рече тој.

Првото обвинение во 2022 година против Горинов произлезе од антивоениот говор што го одржа на состанокот на градскиот совет во московската област Красноселски.

Тој беше првиот човек осуден според новиот руски закон за криминализирање на „лажните вести“ за војската, воведен откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG