Прилепчанка Николина И. којашто чекори во петтата деценија од својот живот одлучи да се разведе од својот сопруг, зашто како што вели, не може и натаму да се грижи за сопругот, бидејќи тој и по 20 години брак не покажал интерес да носи приходи во семејството. Но, освен овој, во Прилеп минатата година се разведени уште 125 бракови, најголем број од нив склучени меѓу млади луѓе.
„Во 2014 сме имале новопримени 105 барања за развод, во 2015 сме имале 96, значи сме имале некое благо намалување, за да во 2016 сме стигнале до 126 барања. Тоа е 30 отсто зголемувања на бројот на барања за бракоразводи на млади брачни двојки“, вели социологот Снежана Јованоска, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Прилеп.
Според неа, најголема жртва од разводите се децата, коишто најдобро е да бидат воспитувани со грижа и љубов на двајцата родители.
„Има разводи кога нивните деца се 7 до 8 месеци, обично велат дека причина е нетрпеливост или велат дека брачниот другар е зависник. Можеби тие најдобро знаат за нивните причини, меѓутоа мислам дека прерано е за да се направи оценка дали можат да најдат начин заеднички да го продолжат нивниот живот, зашто ние сите сме сведоци на преголем број заболувања кај малите деца“, вели Јованоска.
Специјалистот по медицинска психологија, Јован Велески, клинички психолог со долгогодишно искуство во прилепската болница, посочува на неодговорноста на младите родители кон своите деца. Причините за честите разводи тој ги лоцира во неподготвеноста на младите да ги прифатат обврските во животот. Адолесценцијата на новите генерации како што вели е пролонгирана и до 30 година од животот.
„Кога во едно општествено опкружување се нуди само забава и задоволство, нема основа за развој и ориентација на младите, кон одговорност и кон грижа. Ако се земе предвид дека љубовта е една повисока дистанца на емоционално чувство, во кое секогаш има блага еуфорија, тогаш толеранцијата во бракот е таа, која што има основа за негово зачувување. Денешните генерации ги немаат совладано овие елементи во целост, или во преден план ги ставаат своите хипертрофирани потреби, како развој на кариера, пари, лагоден живот, отсуство на одговорност, потребата за спиење, зашто кај младите циркалијалниот ритам е комплетно заменет“, смета клиничкиот психолог Велески.
Решението, според медицинските стручњаци, е во промена на правната регулатива за однесувањето на родителите, со цел поголема грижа за децата, но и во зголемената едукација на младите и пред да стапат во брак, а особено оние кои што имаат сериозни проблеми и се одлучуваат лесно за развод. Зашто превенирајќи го разводот како проблем се превенираат уште поголемите проблеми на дисоцијативни растројства на децата од овие разведени бракови, што ќе бидат идните психијатриски пациенти.