Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ - Дома против амбасадори, во САД плаќа за лобирање


Архивска фотографија - претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати на собраните граѓани пред ДИК, 17.12.2016
Архивска фотографија - претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се обрати на собраните граѓани пред ДИК, 17.12.2016

Во документот објавен на 28 април на американската државна агенција за регистрација за странски соработници во Министерството за правда Фара, се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ за последните шест месеци на компанијата Дашл груп и исплатила 240. 000 долари.

ВМРО-ДПМНЕ исплатила нови 240. 000 долари на американската консултантска компанија Дашл Груп, се наведува во нивниот извештај објавен на регистрационото биро Фара на 28 април. Извештајот се однесува на шестмесечниот период од 1 октомври 2016 до 31 март 2017 година. Во него се наведуваат услуги кои компанијата ги вршела за македонската политичка партија, најмногу во периодот пред и по изборите во земјава што се одржаа на 11 декември лани.

Во делот активности пишува дека „за ВМРО-ДПМНЕ, Дашл груп обезбедувале стратегиски консултантски услуги во врска со политики и политички прашања пред владата на САД, застапувајќи ги интересите на ВМРО-ДПМНЕ“.

Во табелата во која се наведени контактите кои компанијата ги имала за потребите на партијата на Никола Груевски, се пријавени девет активности, главно електронска пошта или телефонски разговор со иста тема-македонски парламентарни избори.

На први и втори ноември Дашл Груп, прво преку телефонски разговор, а потоа и преку електронска пошта контактирала различни лица вработени во канцеларијата на републиканскиот сенатор Боб Коркер, кој е и претседател на сенатскиот Комитет за надворешни работи. Во тој период Коркер во американските медиуми се споменуваше и како можен државен секретар во новата администрација на претседателот Доналд Трамп.

Груевски анти Бејли, ВМРО-ДПМНЕ плаќа за контакти со конгресмени

Со него всушност биле и најголемиот дел од контактите на Дашл Груп за ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот постизборен период. Па така, компанијата се обратила во неговата канцеларија и на 15, 19, 24 и 28 декември. На 15 декември веќе беа познати резултатите од изборите, а Државната изборна комисија расправаше по приговорите од СДСМ и Беса. Пред канцелариите на ДИК поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ одржуваа протести за да го спречеле, како што тврдеа, изборниот инженеринг. Два дена подоцна претседателот на партијата пред демонстрантите го прочита прогласот на ВМРО-ДПМНЕ во кој, меѓу другото, се наведуваше „нема да дозволат натамошно мешање на амбасадори во внатрешно - политичките прашања во земјата“, го напуштаат форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или претставници на други држави, а на кои се преговара или се носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот”.

Истите денови ВМРО-ДПМНЕ испрати и долго соопштение од средбата со американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли во кое се наведуваше дека на неговото прашање дали може нешто да помогне му одговориле дека не може да помогне пред се поради тоа што улогата на амбасадорот е да ја следи состојбата во земјата и да ја информира неговата земја за случувањата.

Но, и два дена по прогласот што го прочита Груевски, кој, тогаш дел од јавноста го толкуваше и како прекин на ВМРО-ДПМНЕ во контактите со странците, односно на 19 декември претставници на Дашл груп телефонски разговарале со вработени во канцеларијата на Коркер.

Пред изборите контакти и со Нуланд

Во меѓувреме, компанијата прво преку електронска пошта, а потоа и со телефонски разговор, на 28 ноември и на први декември контактирала за потребите на ВМРО-ДПМНЕ и со помошникот американски државен секретар Викторија Нуланд на тема изборите во Македонија.

Последно на шести јануари годинава Дашл Груп се обратила до канцеларијата на демократскиот конгресмен Бил Паскрел. Тој беше предводник на групата конгресмени кои уште по самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година на кој земјава не стана членка поради грчкото противење јавно ја поддржуваа Македонија и бараа решение на спорот за името.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ почна да плаќа американски консултанстки компании за разни услуги во САД уште од крајот на 2015 година. Први пред речиси две години ги ангажираа „Њу партнерс консултинг“, а потоа беа ангажирани и „Дашл Груп“ и „Глобал Секјурити Иноватив“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG