Достапни линкови

Враќањето кон реформите ќе ја приближи Македонија до ЕУ


Новиот претседател на парламентот Талат Џафери вчера во Брисел се сретна со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан
Новиот претседател на парламентот Талат Џафери вчера во Брисел се сретна со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан

Стагнирањето во евроинтеграциите се забележува подолго време, но насилствата од Собранието дополнително ја оддалечуваат Македонија од ЕУ и од НАТО. Меѓународниот углед на земјава може да се подобри само со спроведување на реформите.

Последните домашни случувања во земјава, се повеќе ја оддалечуваат Македонија од Европската унија и НАТО, анализираат познавачите на меѓународната политика. Според дел од нив, стагнирањето во делот на реформите кои треба да не доближат до таа цел се забележува веќе подолго време, но последниот напад врз демократијата дополнително ја потткопува меѓународната позиција на Македонија.

„Македонија се повеќе се оддалечува од европските вредности. Во последните две години со политичката криза таа тенденција кулминира, а кулминира и нашето оддалечување кон евроинтегративните процеси. Тоа и ни беше кажано од европските претставници дека препораката за членство може да се изгуби, ако нема мирен трансфер на власта, ако не се почитува волјата на мнозинството, ако не се почитуваат правилата на добивање мандат и состав на влада“, изјави професор Беким Кадриу.

Кристина Димовска од Институтот за европска политика вели дека влијанието на домашно политичките настани е лошо за меѓународниот углед на земјава, но верува дека ако се спроведат потребните реформи, има простор за зајакнување на нашата позиција на тој план.

„Доколку почнат долгоочекуваните реформи, а институциите работат во согласност со исполнувањата на договорите што се веќе потпишани, нашата позиција може да се зајакне. Секако дека постои простор за тоа и се надеваме дека во текот на наредниот период веќе ќе се пристапи кон посериозно остварување на очекуваните реформи“, изјави Димовска.

Познавачите на состојбите не ги изненадува ниту заинтересираноста на Русија кон македонските случувања. Очекувано е Русија да покаже интерес во ситуација кога се оддалечуваме од евроатланските интеграции и се двоумиме во кој правец да се движиме, смета Кадриу.

„Не само на Балканот, поголемите држави секогаш имаат интерес да имаат зони на влијание секаде на светот и сега е многу едноставно. Ако ние се оддалечуваме од западот се разбира дека ќе се зголемува влијанието на Русија и на исток во Македонија. И токму тоа е причината зошто Русија покажува интерес доколку ние пропуштиме да ги спроведиме реформите и европските вредности и во тој случај би останале држава во која владее диктатура“, изјави Кадриу.

Реакциите на Русија, според Димовска, се очекувани, зашто како што вели, таа вешто ја користела кризата во насока на зголемување на својата „мека“ моќ.

„Очекувано е дека таа ќе продолжи со соопштенијата бидејќи тоа е праксата на делување. Меѓутоа не би рекла дека очекуваме некаква вистинска и попрактична инволвираност надвор од медиумските изјави, освен доколку не се јави некаква директна молба или интерес од некој од домашните актери, за којашто нормално се уште не знаеме јавно“, изјави Димовска.

Нашите соговорници се надеваат дека внатрешните демократски правила ќе почнат да се почитуваат, а новата влада сериозно ќе се посвети на реформите со кои пак ќе се вратиме на вистинскиот пат кон евроатланските структури.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG