Заев во крв, нападнати пратеници од СДСМ и од други партии во Парламентот, од страна на маскирани лица и демонстранти.
Седумина повредени
Седум лица со повреди на главата и едно со повреда на колено се примени вечерва на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (Градска болница), изјави за МИА директорката на таа јавна здравствена установа Јасминка Чабуковска.
Таа рече дека од осуммината примени на Клиниката само едно лице кое имало потрес на мозокот е хоспитализирано, но е во добра општа состојба.
Хан со осуда за насилствата во Парламентот
Еврокомесарот за проширување и европска соседска политика Јоханес Хан вечерва на Твитер напиша дека ги осудува случувањата во македонското Собрание.
- Најостро ги осудувам нападите врз членови на Парламентот во Скопје. Нема место за насилство во Парламентот. Демократијата мора да продолжи по својот тек, наведува Хан
Груевски: Насилството не е решение
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски преку социјалната мрежа Фејсбук повика на присебност и смирување на страстите, по случувањата во Собранието.
„Насилството не е решение и потребно е смирување на страстите. Повикувам на присебност. Народот да не подлегнува на провокациите на СДС и оние кои сакаат да ја втурнат државата во уште подлабока криза и да го исполнат нивното сценарио. Потребно е смирување на страстите. ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на овие антидржавни постапки на СДС преку правни и политички демократски средства“, истакнува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во постот на својот профил на Фејсбук.