Достапни линкови

Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ сè уште министри


Претставници на ВМРО-ДПМНЕ на средба со еврокомесарот Јоханес Хан на 15 јануари 2016. Никола, Попоски и Никола Тодоров се уште ги извршуваат министерските функции, иако беа избрани за пратеници.
Претставници на ВМРО-ДПМНЕ на средба со еврокомесарот Јоханес Хан на 15 јануари 2016. Никола, Попоски и Никола Тодоров се уште ги извршуваат министерските функции, иако беа избрани за пратеници.

По четири месеци од верификација на мандатите на пратениците во Собранието, четворица функционери од ВМРО-ДПМНЕ кои беа избрани за пратеници сè уште се и министри. Од Собранието велат дека тоа е вообичаена пракса до формирањето нова влада, но според експертите тоа е против Уставот.

Тројца министри од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот веќе неколку месеци се пратеници во Собранието, иако Уставот не дозволува тие да вршат двојни функции. Мандатите за пратеници на министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за здравство Никола Тодоров, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, како и премиерот Емил Димитриев беа верификувани на последниот работен ден од минатата година, на 30 декември, заедно со останатите пратеници. На веб страна на Собранието не стојат нивните имиња, но недостасуваат и имињата на други пратеници.

Од собраниските служби велат дека причината е поради тоа што не се собрани податоците на сите нови членови на законодавниот дом. Според нив, не е прв пат одредени министри да бидат и пратеници до формирањето на новата влада. Тоа, според собраниските служби, е пракса која ја користи демократскиот свет во Европа, односно до изборот на новата влада, старата да ги извршува функциите.

„Тоа што не е формирана Влада е едно прашање. Собранието е во конституирање. Првиот важен чин е верификација на мандатите на пратениците. Тоа е извршено и во тој момент на верификација на мандатот тие стануваат пратеници, а ако некој бил министер му престанува мандатот ако веднаш не се откаже од функцијата пратеник“, вели поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

Според него, согласно Уставот тие можат да бидат на едната или другата функција и додава дека не смеат да земаат две плати, иако се сомнева во тоа.

Од собраниските служби информираат дека според законот за работни односи тие не можат да земаат две плати и бидејќи посочените сè уште се во Владата не добиваат плата во Собранието. Од таму додаваат и дека поради тоа што не се избрани претседател и потпретседатели на собранието, како и претседатели на работните тела и координатори, сите пратеници добиваат иста плата, односно по ист коефициент.

На истиот став со Андов е и поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски кој истакнува дека во земјата се случува едно колективно политичко лудило и ретко кој сега ги почитува начелата на Уставот. Според него, тие сакаат да го задржат пратеничкото место во случај да ја загубат другата функција.

„На нив им одговара наредни четири години да бидат и тоа и тоа. На нив им одговара да го бранат столот на Груевски и криминалот“, вели тој.

На прашањето дали министрите и премиерот ќе дадат оставка од едната функција и кои би биле на нивното место од ВМРО-ДПМНЕ не добивме одговор.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG