Достапни линкови

Васил Михаил: Треба да се прави ангажиран театар


Macedonia - Second Coming, theater, poster - N/A
Macedonia - Second Coming, theater, poster - N/A

„Второто пришествие“ е насловена претставата чија премиерна изведба ќе се случи в сабота, на 22 април, во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Станува збор за футуристичка трагикомедија, фарса, гротеска, сатира, во која се вметнати цитати на Мрожек, Вапцаров, Рацин и на Светото писмо што како драматург и режисер ја потпишува Васил Михаил, а во која играат актерите Ангелина Тренчева Ангелова, Оливера Аризанова и Игор Тодоров.

Што е слободата? Замка или клуч? Кафез или крилја? Материјално или духовно? Двете заедно? Како? Да бидеш во сегашноста, врзан со минатото, копнеејќи по иднината е сложена задача. Да знаеш што и како, а да не го правиш со големо страдање. Колку долго ќе издржиме во чекање на спасението? Додека чекаме фарсата, гротеската, пародијата, сатирата и смеењето се најдобра опција за нас, осамената цивилизација во универзумот. Да чекаме ли? Да гледаме театар и да се смееме, да плачеме, да се наежиме, да се издигнеме над животот во животот. Да емигрираме дома. Да си го направиме светот дома. Да си правиме театар по дома. Да се сакаме и мразиме. Да се разобличиме и да се смееме до последен здив, оти знаеме дека еден светол ден секако ќе бидеме спасени.

Ова е посланието на драматургот и режисер Васил Михаил во пресрет на премиерната изведба на неговата „Второто пришествие“, што треба да се случи оваа сабота, на 22 април, на сцената во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Станува збор за трет ваков негов потфат во оваа институција, за пиеса којашто се случува во иднината, како што вели „футуристичка трагикомедија, фарса, гротеска, сатира“, во која, пак, се вметнати цитати од Мрожек („Емигранти“), Вапцаров, Рацин и од Библијата.

Во експликацијата за ова, Михаил вели дека основната идеја водилка за проектот му била заложбата светот да стане подобро место за живеење. Згора на тоа, како професионалец во театарот, едноставно сакал да истражува во некои негови форми. Додека го пишувал текстот постоел и конфликт помеѓу „режисерот“ и „драматургот“. Си разговарале, што, зошто, како би се направило, дали е добро или не. Понекогаш обете алтер-ега не се ни согласувале, но во суштина победила желбата да се втурне во футуризмот како жанр, нешто на што се навлекол уште како аматер кога посегнал по „Бања“ на Мајаковски. Затоа смета дека има многу поенти во самата предлошка кои тој, во буквална или во подзавиена форма, сакал да ги приопшти, притоа осмелувајќи се со многу хумор да ги обои ликовите во „Второто пришествие“.

Васил Михаил, режисер
Васил Михаил, режисер

„Иако начинот на којшто е кажано може да се земе во поуниверзална смисла, да важи за некое минато или можеби за некоја иднина, пред сè јас во суштина говорам за она што е денес. И режијата и текстот, сето она што го има во нив, е реплика на времето и зборува за времето во коешто ние живееме. И тоа токму денес. Еве ќе ви откријам и дел од него. Андроид доаѓа од подалечната иднина за да ни раскаже приказна од поблиската иднина. Магично се телепортира на сцената и најпрво прашува: Дали е ова парламентот? Потем заклучува: Подобро што не е!“, истакнува Васил Михаил.

Тој дополнува дека нашето општество денес се опседна со политика и со работи кои едноставно не водат никаде. Вели дека за тоа мора да се зборува. Затоа, како што појаснува, во нивната претстава не е присутна само политиката, туку и менталитетот, начинот на којшто се перцепираат работите и односите меѓу луѓето. Истакнува дека уметноста не може да промени нешто круцијално, или не барем за кратко време. Дека индивидуално тоа е возможно, но не и во случајот на поголеми групи луѓе. Не смета дека толку брзо може да се смени колективната свест.

„Треба да се прави ангажиран театар. Во која било смисла ангажиран. И не само политички ангажиран, туку и за многу други горливи прашања кои го засегаат нашето општество. Секако може да влијае да се подобрат нештата. Верувам во тоа. Колку толку, но и за тоа е потребно тие луѓе на кои треба најмногу да влијае да влезат во театарот, во киното, во концертната сала, во галеријата, да прочита книга. Кај нас тука се крие големиот проблем. Тоа ниво на наобразба е многу значајно во перцепцијата на уметноста“, вели авторот.

Од таму драматургот и режисер наведува дека „Второто пришествие“ ја направил за да може „и најнеобразованиот да има што да види, а најобразованиот едноставно да ги бара знаците и симболите во претставата“.

„Човекот треба да се негува, а тоа во основа треба да го прават институциите. Системот на образование кој е кај нас многу назаден и комплетно неадекватен на времето во коешто живееме и на луѓето и нивните потреби“, вели тој.

Роден 1979 година во Струмица, Васил Михајлов (Михаил) дипломирал актерско мајсторство на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“ во Софија, соседна Бугарија. Специјализирал на МАПА, Подвижната академија за изведбени уметности во Амстердам, Холандија, зад себе има стотина претстави од кои во 16 бил носител на главни улоги, играл и во повеќе филмски и телевизиски остварувања („Златна петорка“ - Горан Тренчовски, „До балчак“ - Столе Попов, „Како убив светец“ - Теона Митевска...), а режирал 22 претстави од кои половината на професионалната театарска сцена. Се занимавал и со продукција и кореографија, а покрај наведеното тој од 2003 година е основач, претседател и менаџер на Здружение МАНА Струмица, кое се занимава со развој на културата и уметноста. Пишува и поезија и драмски текстови, музицира и танцува.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG