Парискиот булевар Елисејски полиња синоќа повеќе изгледаше на воена зона отколку на туристичка и шопинг „Мека“.
Стотици полицајци вооружени со автоматски пушки го преплавија ова популарно место во Париз.
Според очевидци, напаѓачот го паркирал своето возило до полициски автомобил при што почнал да пука од автоматска пушка.
Еден од сведоците Челунг изјави:
„Тој беше терорист. Излезе со Калашњиков и почна да пука. Тој можеше да пука во нас на тротоарот и да убие повеќе луѓе, но стрелаше врз полицајците и за среќа што полицајците го убија“, раскажува тој.
Обвинителот на Париз Франсоа Молинс изјави дека се истражува дали напаѓачот дејствувал сам:
„Се што можам да ви кажам како дополнување на ова е дека идентитетот на напаѓачот е познат и потврден. Нема да ви го кажам поради тоа што истрагата е во тек“, рече тој.
Милитантите на ИД, пак, соопштија дека станува збор за белгискиот државјанин Абу Јусиф.
Францускиот претседател Франсоа Оланд, оценувајќи дека станува збор за терористички чин, најави „апсолутна претпазливост“ пред претседателските избори на 23 април.
„Правиме се да осигураме нашите безбедносни сили, полицајци и војници, да бидат мобилизирани во најголема можна мера со оглед на околностите“, рече Оланд.
Неколкумина претседателски кандидати поради инцидентот ја прекинаа кампањата, а имаше и барање за одложување на изборите в недела.
Американскиот претседател Доналд Трамп на заедничката прес-конференција во Вашингтон со италијанскиот премиер Паоло Џентилони изјави дека во Париз дошло по се изгледа до уште еден терористички напад:
„Што може да се каже? Тоа едноставно никогаш не завршува. Треба да бидеме силни и треба да бидеме претпазливи. И тоа го кажувам подолго време“, рече Трамп.
Париз како и повеќе други поголеми европски градови се наоѓаат под посебни мерки на претпазливост по серијата терористички напади во изминатиот период.