Достапни линкови

Вработувања во јавни претпријатија - потреба или купување гласови?


Седница на Совет на Општина Битола.
Седница на Совет на Општина Битола.

Неколку јавни претпријатија во Битола бараат нови вработени. Опозицијата прашува од каде ќе најдат пари, кога дел се на работ на рентабилноста. Тие се сомневаат дека станува збор за купување гласови пред избори. Власта вели дека не се работи за предизборни вработувања.

Кавга меѓу локалната власт и опозицијата изби откако јавните претпријатија кои се под општинска капа деновиве до битолскиот Совет доставија годишна програма за вработување на 67 лица. Од СДСМ обвинија дека ова се предизборни вработувања за ловење на гласови пред локалните избори, а од ВМРО-ДПМНЕ демантираа дека ќе вработуваат пред избори, туку тврдат дека планот се однесува за текот на целата година.

Најголем број на нови вработувања ќе има во „Нискоградба“ дури 31, па во „Комуналец“ 22, „Водовод“ 8 и најмалку во „Пазари“ 6. Во пензија или пак по друг основ од јавните претпријатија ќе заминат дваесетина работници, а ќе се вработат тројно повеќе.

Од каде јавните претпријатија ќе најдат пари за нови вработени, кога дел се на работ на рентабилноста, прашаа советниците од СДСМ.

„Ги разгледавме финансиските извештаи на јавните претпријатија, половина се на работ на рентабилноста или работат со загуби, па како сега ќе издвојат средства да вработат три пати повеќе од луѓето што ќе им заминат во пензија? Нискоградба треба да вработи 31 лица, а девет им заминуваат во пензија. Во извештаите пишува дека за годинава ќе ги плаќаат осум месеци значи планираат во април или во мај да ги вработат, а тоа се поклопува со предизборието, значи сакаат предизборно да вработуваат“, изјави Зоран Стојчевски, советник од СДСМ.

Ние не сме против вработувања. Начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ ги реализираше вработувањата во изминатите 12 години беше катастрофален. Процедурата за вработување пред сè партиска книшка или близок на некој кој котира добро во политичките структури, ја донесе оваа држава на пропаст. Конкретно за луѓето кои треба да се вработат во јавните претпријатија, зошто не ги вработивме на почетокот на вашиот мандат или на средината? Зошто ги оставивте овие ваши партиски војници за на крајот на мандатот? За сега да изигрувате херои, а во спротивно на тоа најблиските и сите што ви беа мили ги вработивте први, тој што трчаше последен“, изјави Горан Козаров од СДСМ.

Елена Трајчевска од советничкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека не се работи за предизборни вработувања.

„Сакам да замолам да не се манипулира со јавноста и со граѓаните дека се работи за некакви партиски вработувања, за купување на гласачи, зашто овие вработувања се распределени за цела година. Овие вработувања се потребни и не значи дека сите ќе се реализираат. Ова се планирања на вработувања според методологија која се прави по најавени пензионирања, отсуства, завршување на договори. Јавните претпријатија веќе ги испланирале финансиските средства за овие вработувања“, рече Трајчевска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG