Достапни линкови

Изблици на национализам и провокации во коментарите


Хепенинг „За заедничка Македонија звучи супер“ во Паркот Жена-борец во Скопје, 4 март 2017.
Хепенинг „За заедничка Македонија звучи супер“ во Паркот Жена-борец во Скопје, 4 март 2017.

Постапките на партиските челници ја извадија на виделина етничката нетрпеливост, па коментарите на социјалните мрежи изобилуваат со подбуцнувачки изјави.

Што да се каже или што да се одбере од стотиците постови на Фејсбук страницата на РСЕ што веќе не е кажано и што веќе не се гледа и од небо, што би рекле повозрасните наши. Изблик на национализам од двете страни, да се праша човек тлеела ли таа етничка нетрпеливост или се нахрани од актуелната политичка ситуација и од постапките на партиските челници. Македонците се чувствуваат загрозени, Албанците исто така. Каде е разумот? Дали некој размислува каков ќе биде крајниот резултат за сите во Република Македонија од „ѕвечкањето“, не со оружје туку со подбуцнувачките изјави и спинови по медиумите. Да се каже вистината, ќе се најде по некој коментар напишан со студена глава, како оној на Билјана Бици Величкова, по ората и музиките во Паркот „Жена борец“ на дел од учесниците на хепенингот „За заедничка Македонија“:

„И после Грујо бил крив, Заев бил крив... О,о Господе боже... просветли го овој народ...“

Даниел Јошески ѝ порачува да го преведе напишаното на албански (професионалноста не ни дозволува да цитираме недолични изрази), а Билјана му одговара: „Со задоволство ќе го преведам, бидејќи човек колку јазици знае толку повеќе вреди...“ Сузана Карапанчева, очигледно поттикната од орото на мажи и жени со бели коси, потсетува на илјадниците млади што си заминаа од Македонија и вели:

„Сета младина што избега оти нема живот за нив тука ич не ви е гајле“. Гордана Наумовска за протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ извикува: „За Македонија напред... една ни е и најмила!“, а Тони Пешевски коментирал: „Бранат диктатура и криминалци“.

Марија Павлеска, активистка, во младинската он-лајн колумна на РСЕ, под наслов: „Двојазична инфлација“ реагира на актуелните политички и економски состојби меѓу студентската популација:

„Избиравме пратеници за да комуницираат со рајата преку ФБ статуси додека седат дома во пиџами?“, на што Торбеш од Лабуништа постирал: „Нека биде ако сака и 150- јазично само народот да е весел, а не како сега“.

Има и коментари на реакциите на руското МНР по недавањето на мандатот на Заев од страна на Ѓорѓе Иванов. Гордана Илче Стојковски напишала: „Тешко на оној што го брани Русија. Од цела Србија само синот и жената на Милошевиќ ги одбранија зашто им однесоа милијарди украдени од српскиот народ“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG