Откупот на тутунот во прилепско привршува, иако закoнскиот рок изминува на средината од овој месец. Откупени се речиси сите количества тутун. Од Тутунскиот Комбинат во Прилеп, прогнозираат дека покрај преземените околу 2.700 тони ќе бидат откупени најмногу уште 120 тони тутун.
„Значи може да направиме еден пресек на една успешна реколта и за нас, претпоставувам и за кооперантите, бидејќи постигнавме рекордно висока откупна цена, квалитетот е солиден, исплатата се одвиваше без никакви застои, навремено во рок од седум дена по денот на предавањето. Цената просечна е преку 198 денари“, изјави Александар Дерменџиев, генерален директор на Тутунски Комбинат.
Од Сојузот на тутунски здруженија потенцираат дека освен Тутунски Комбинат, отворени вратите за откуп се уште на Кавекс Балкан од Неготино и битолски Сокотаб. Велат дека сите откупни фирми вршеле регуларен откуп, зашто речиси и да немало забелешки од страна на тутунарите. А, откупната цена на ниво на држава е околу 197 денари за килограм. Сите фирми вршат навремена исплата, па сега тутунарите ги очекуваат субвенциите од 60 денари за секој предаден килограм тутун.
„Со Националната стратегија и оваа 2017 година е опфатена со цена од 60 денари, без оглед која влада би дошла на власт. Не навлегуваме, ние не сме политичари, но постојано водиме политика во тутунопроизводството со откупните компании. Така што требаше сукцесивно како и ланската година, по 15-ти јануари да се исплаќаат субвенциите, но поради ова што се случи, нема кој да потпише, и нема исплаќање на субвенции. Доколку се формира влада, тутунарите ќе си ги добијат парите“, вели Данчо Милески, претседател на Сојузот.
Тој истакнува дека наспроти стравувањата дека реколтата од 2016-та година ќе биде редуцирана, резултатите од откупот покажуваат дека обемот на ланското производство е над планираниот.
„Оваа година ако реколтата тежеше 25.000 тони тутун,за наредната година очекуваме нешто повеќе, затоа што големите фармери го зголемуваат тутунопроизводството за по хектар, а во источниот дел од државата ќе има намален обем. Тоа значи дека ќе го задржиме ова стабилно производство на 25.000 тони тутун“,прогнозира Милески.