Достапни линкови

Тутунари незадоволни од откупот на тутунот


Лошото време го намали количеството на тутун, кое потрфли за 25 до 30 отсто. Откупот заврши, но дел од тутунарите не се задоволни.

Откупот на тутунот заврши. Но, дел тутунари од прилепско не се задоволни од откупните цени. Велат и покрај најавите за квалитетна реколта, и повисоки цени, откупувачите им го откупиле родот по пониски цени.

Тутунот тие рекоа дека ќе биде 180 денари, а излезе 140-150 денари, затоа што имаше некоја класа четворка и беше проценуван на 55 денари. А, 55 денари јас мислам дека е многу малку.
Анкетиран тутунар.

„Тутунот тие рекоа дека ќе биде 180 денари, а излезе 140-150 денари, затоа што имаше некоја класа четворка и беше проценуван на 55 денари. А, 55 денари јас мислам дека е многу малку.“

„Јас сум производител на тутун, јас произведувам и тутун по три тона и пак едвај годината да ја поминам“, велат дел од незадоволните производители.

Но, според оценките на Сојузот на тутунски здруженија постигната е солидна откупна цена од 185 денари за килограм. Проблемот сметаат во Сојузот е тоа што се намалени количествата на произведен тутун, поради лошите временски услови во текот на целата година. Оттука велат тутунарите се соочија со голем кусок во планираното производство. Па од очекуваните и пријавени од страна на откупните фирми во Министерството околу 25.700 тони, откупени се само 19.000 тони тутун. Што значи годинава производството потрфли за 25 до 30 отсто.

„Ако ги земеме предвид количествата што ги добивме од 14.360 ха, пријавени во Министерството за земјоделство, значи од единица површина, од еден хектар ние добивме само 1.320 килограми тутун или 132 килограми по декар, што значи дека не соодветствува со сортата, висококвалитетна, што ја имавме“, оценува Данчо Милески, претседател на Сојузот.

Во пресрет на новата сезона, за којашто во тек се веќе и подготвителни земјоделски активности, Сојузот очекува сите 10 откупни фирми да ги достават предлог договори со понудени цени. Половина откупни фирми веќе ги доставиле предлозите со минимално покачени откупни цени.

„Бараме на 3-та класа зголемување од 145 на 150 денари, на 2-та класа 195 денари, а првата класа не сакаме да биде 270 ден, нека биде и 240 денари затоа што откупот на тутунот или во стракот учествува само со 15 отсто. Додека со 80 отсто учествуваат средните берби“, вели Милески.

Toj додава дека прифаќањето на овие укажувања е во насока на надминување на проблемите коишто го следат откупот на тутунот во државата секоја сезона.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG