Достапни линкови

Повеќе советници на Трамп контактирале со амбасадорот на Русија


Министерот за правда на САД се исклучува од истрагите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00

Министерот за правда на САД се исклучува од истрагите

Американскиот министер за правда Џеф Сешонс, кој е под критика од републикански и демократски конгресмени за неговите контакти со рускиот амбасадор во Вашингтон за време на претседателската кампања, рече дека се иззема од истрагите. Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека и зетот на Трамп имал средба со рускиот амбасадор.

Министерот Сешонс се најде и пред барање за негова оставка која ја покренаа демократите во Конгресот.

Тој, пак, најави дека ќе се исклучи од секоја истрага поврзана со претседателската кампања минатата година, кога тој беше еден од главните советници на Доналд Трамп.

„Решив да се изземам себе си од сите постојни или идни истраги за сите прашања поврзани на некој начин со кампањата за претседател на САД“, рече тој.

Неколку часа по неговата прес-конференција во Вашингтон, претседателот Доналд Трамп оцени дека барањата на некои конгресмени Сешонс да поднесе оставка биле „тотален лов на вештерки“.

За време на сослушувањата во Конгресот за одобрување на неговото наименување, Сешонс под заклетва изјави дека немал никакви контакти со некој од руската влада за време на претседателската кампања.

Но, деновиве „Вашингтон пост“ објави дека тој за тоа време на два пати имал средби со рускиот амбасадор во Вашингтон.

Белата куќа потврди дека Сешонс имал состаноци, но оти со тоа не направил ништо лошо, оценувајќи дека откритето на „Вашингтон пост“ бил нов напад на демократите врз администрацијата на Трамп.

Белата куќа исто така соопшти дека покрај средбите со министерот за правда Џеф Сешонс, рускиот амбасадор во Вашингтон Сергеј Кисљак минатата година се сретнал и со неколкумина други советници на претседателот, вклучувајќи го и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.

Контактите со Русија за време на претседателската кампања се под истрага на Федералното истражно биро и Конгресот.

Кушнер се сретнал со Кисљак во декември во кулата на Трамп во Њујорк која тогаш служеше како центар каде што Трамп се подготвуваше да ја преземе претседателската функција.

На средбата присуствувал и Мајкл Флин кој потоа беше наименуван за советник за национална безбедност на Доналд Трамп.

Флин во минатиот месец поднесе оставка затоа што не го информирал потпретседателот Мајк Пенс за неговите телефонски разговори со Кисљак.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG