Достапни линкови

Нов претседател на кумановскиот Совет, политиката иста


Архивска фотографија: Седница на Совет на Општина Куманово
Архивска фотографија: Седница на Совет на Општина Куманово

Откако досегашниот претседател на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, беше избран за пратеник, советниците за нов претседател го избраа Александар Арсиќ.

Александар Арсиќ, новиот претседател на кумановскиот општински Совет кој на оваа функција дојде како долгогодишен координатор на советничката група на коалицијата на СДСМ, е замена за до неодамнешниот Максим Димитриевски кој, пак, замина како пратеник во Собранието. Арсиќ вели дека неговото водење и одржување на седниците, како и предлагање и реализирање на иницијативи од која било партија ќе биде во интерес на граѓаните, не само на Куманово, туку и на Македонија. Неговиот мандат ќе биде краткотраен, сè до претстојните локални избори, но како што вели, нема да има промени во политиката на неговата партија СДСМ.

Драган Петковски, координатор на советничката група од опозиционата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека нивниот однос кон новиот претседател нема да се менува.

„Не очекуваме спектакуларни промени во однос на водењето на седниците. Знаеме дека политиката ќе си остане иста, а претседателот само ќе ја спроведува. Ќе останеме коректни како и досега“, вели Петковски.

Арсиќ додава дека за него оваа функција е укажана доверба од неговите сопартијци, чест, но и поголема обврска.

„Со сите советници имаме коректна соработка и како прв меѓу еднаквите моја обврска ќе биде соработката со нив, почитување на нивните барања и сето она што ќе произлезе како иницијатива Советот ќе го разгледува на некоја од седниците, така да се што ги тангира граѓаните пренесено од советниците ќе биде разгледано и реализирано“, вели тој.

Арсиќ е професор во средното земјоделско училиште во Куманово, па со зголемување на обврските, освен како советник, туку и како претседател, запрашан дали поради тоа ќе трпи наставата, а неговите ученици ќе се веселат што повеќе ќе губат од часовите, вели:

„Обврските кои ги налага оваа функција изискуваат моето слободно време да го ставам на располагање на оваа моја позиција, бидејќи секогаш кога имаме политички обврски тоа го работам кога не сум на часовите. Освен кога имаме седници на Совет, може да се поклопи да имам часови, но според законот е предвидено без оглед која работа да ја работите, за време на состаноците на комисиите и седниците на Советот сите советници се ослободени од своите професионални обврски“, вели тој.

Дали по завршување на локалните избори Арсиќ се надева дека ќе продолжи да претседава со тогаш новиот состав на Советот тој вели дека СДСМ со коалицијата на последните парламентарни избори е победник во однос на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, со разлика од две илјади гласови, така што според Арсиќ се очекува граѓаните да ја поддржат нивната политичка определба и на локалните.

Според Арсиќ, по изборите секој член од неговата партија има подеднакви шанси за која било позиција, а тоа транспарентно го одлучуваат партиските органи.

РСЕ: Дали лично би сакале да продолжите на оваа функција?

„Како политичар сигурно ќе сакам и ќе се трудам да го дадам максимумот, а во мојата кариера сите работи ги работам со голема посветеност и големо внимание, а тоа сигурно се препознава и мојата сегашна функција не е случајна“, вели Александар Арсиќ од СДСМ, претседател на општинскиот Совет во Куманово.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG