Достапни линкови

Најмногу коментари за Трамп, Сорос и СЈО


Архивска фотографија: Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство
Архивска фотографија: Прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство

Честитката од претседателот Ѓорге Иванов до новиот американски претседател Доналд Трамп, како и нападите врз Сорос и СЈО се најкоментирани теми од нашите читатели.

Неделните интервјуа на Радио Слободна Европа секогаш предизвикуваат интерес кај нашите фанови, па така и последното, со градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, кој покрај другото забележува дека релацијата централна – локална власт е мошне исполитизирана. Југослав Додевски како да го поткрепува тоа со својот пост на нашата веб-страница: „Жителите на Куманово се заложници на политичките игри помеѓу власта и опозицијата. Никој ништо не прави и постојано се обвинува дека оној другиот е виновен“. Томе Стојков му забележува зошто не кажал што сработил за да го паметат кумановци, Дејан Додевски дека крадел, а Кико Пејовски порачува: „Многу седење во фотелја не е здраво за ’рбетот“.

И нашиот преглед на пишувањето на неделниците објавен со наслов, „Непријателот се бара меѓу Сорос и СЈО“, ве предизвикал, почитувани, да ги постирате вашите видувања на политичката ситуација во овие дваесетина дена кога Груевски се чека да објави дали обезбедил стабилна коалиција за да може да состави Кабинет. Редовниот Младен Марковиќ смета дека водачот се демаскирал и дека според Груевски, најдобро би било „опозицијата да се укине или да му ракоплеска и да го носи на раце. Треба ли опозицијата и невладините да го фалат за да се одржува на власт?“ И Зоре Тасески си го кажал своето: „Бранко е крив, Заев е крив, сега Сорос, ваков поштен криминалец како Груевски тешко се наоѓа“. Потпишан со Електронски пензионер прашува: „Кој беше овој? Тој што ќе удираше шамари или ќе праќаше цели фамилии во ендек?“ Ама, на Ванчо Дојранлиев му се повраќало од ваквите коментари.

Веста дека Ѓорѓе Иванов му честитал на новиот американски претседател предизвикала недоброј коментари со негативен одиум спрема македонскиот претседател. Александар Ацески го потсетува Иванов: „Едно време си намигнувавте со Обама, абе човек, Трамп не знае дека постоиш како единка“, а Неваип Зулфија објавил фотографија на едно маче што се „кине“ од смеење. Ване Запров, меѓутоа, смета дека Иванов ќе останел „најзаслужен претседател на Македонија“. Гоце Јосифовски, пак, се подбива: „Абе, остај, ние и Америка 250 милиони, светот ќе се тресе од нас.“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG