Достапни линкови

Трамп вети единство во САД


Избраниот претседател на САД Доналд Трамп и неговото семејство, Вашингтон, 19.01.2017.
Избраниот претседател на САД Доналд Трамп и неговото семејство, Вашингтон, 19.01.2017.

Избраниот американски претседател Доналд Трамп вети единство на она што го нарече поделена земја и радикална промена на атмосферата во Вашингтон откако пристигна таму на денешната негова инаугурација.

Трамп, од друга страна, изрази подготвеност за драматично повлекување на програмите на неговиот претходник Барак Обама.

Тука станува збор за неколкуте извршни декрети за климатските промени, олеснувања за имигрантите, меѓународни трговски договори и рестрикции во енергетиката.

Доналд Трамп пред меморијалниот центар Ликолн во Вашингтон, 19.01.2017.
Доналд Трамп пред меморијалниот центар Ликолн во Вашингтон, 19.01.2017.

„Ќе ја обединиме нашата земја. Ќе направиме работи што не биле направени во нашата земја многу многу децении. Ќе се менува ви го ветувам тоа“, рече Трамп пред илјадниците негови поддржувачи пред меморијалниот центар Ликолн по концертот што заврши со огномет.

Според Трамп, станува збор за движење што никогаш не било видено во светот.

Инаку, по пристигнувањето во Вашингтон, Трамп вчера присуствуваше на положувањето венец во Арлингтон каде што се погребани американски војници кои загинаа во војни.

Советниците на Трамп велат дека првите негови часови во Белата куќа ќе бидат одбележани со драматична акција и оти неговиот инаугуративен говор ќе биде пократок од досегашните.

„Трамп е човек од акција, не од зборови“, вели советничката Келиен Конвеј.

И додека Трамп ветува единство милиони во САД, како што јавуваат тамошните медиуми, се уште го отфрлаат неговото претседателствување.

Една третина од демократите во Претставничкиот дом рекоа дека нема да присуствуваат на неговата инаугурација.

Во меѓувреме, стотици илјади луѓе пристигнуваат во Вашингтон да ја прослават, но и да протестираат против претседателската инаугурација на Доналд Трамп.

Денеска тој ќе положи заклетва пред Капитол хил, по што со неговото семејство ќе учествува на парадата до Белата куќа.

Се очекува на инаугурацијата, но и на протестите во Вашингтон да има над 900 илјади луѓе.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG